Едноставно, човек не може а да не се запраша – чуму таква одбивност кон македонскиот јазик? Зарем немаме соодветни зборови? Или можеби одговорот е дека секогаш туѓото е послатко. Не можам и не сакам да се согласам со ниедна констатација. Сакам да верувам дека имаме исклучително убав и богат јазик, кој треба само да го негуваме и по потреба да го надградуваме. Онаму каде што ќе се појави потребата од воведување нови поими очекувам да се огласат јазичните експерти и да го најдат најдоброто решение. Нo најмалку што ни треба е беспоговорно прифаќање решенија што се нудат од маркетиншки пориви или, пак, од неукост на уредниците
Очигледно и натаму остануваме силни само на зборови. На дела сме немоќни, неспособни, неуки, од мака не ми доаѓаат доволно зборови за да ја опишам состојбата во која се наоѓаме. Додека од една страна се колнеме дека „јазикот е нашата единствена татковина“, зборови што особено зачестено ги повторуваме во деновите околу некој значаен јубилеј, во секојдневието сме сосема далеку од тоа.
Па така, на дневна основа сме сведоци дека го загадуваме јазикот наметнувајќи упорно странски зборови, иако имаме доволно домашни зборови со кои можеме сосема добро да се разбереме. Деновиве особено беше присутна фразата „блек фрајдеј“, која бескрајно се повторуваше во сите реклами на радиото и телевизијата, како божем ако се кажеше „црн петок“ помалку купувачи ќе се затрчаа по соодветните производи. Попусто се обидував да ги следам домашните телевизии во надеж дека барем некој ќе се прекрши и ќе го употреби македонскиот превод на маркетиншката фраза за привлекување на луѓето, кои имаат неодложна желба да трошат што повеќе пари за да ги задоволат своите купувачки пориви. Сите без исклучок ја верглаа англиската верзија на фразата, која нѐ бомбардираше од сите страни.
Бомбардиран од сите страни со оваа фраза на моменти ми доаѓаше на ум називот на песната на „Бумтаун ретс“ од осумдесеттите „I Don’t Like Mondays“ („Не ги сакам понеделниците“), со тоа што сега посакував да извикам „Не ги сакам петоците“.
Не би сакал да навлегувам во поширока расправа, особено со луѓето што се залагаат за збогатување на македонскиот јазик со постепено внесување нови зборови, пред сѐ за поимите што се навистина нови и за кои немало соодветни зборови дури и во јазиците од каде што потекнуваат тие зборови. Овој пат не се работи за тоа, туку за нешто сосема поинакво, затоа што нема потреба да се бара нов збор – „црниот петок“ доволно го покрива значењето на оваа фраза, не се работи за некоја фраза или барем збор од област што ни е непозната или допрва го добива своето значење. Од памтивек петокот е петок, а црното ретко кога било бело. Се разбира, најмалку би сакал да објаснувам повеќе, тоа е должност на јазичните експерти, луѓето што се задолжени за проучување и зачувување на јазикот.
Овој пат го кревам гласот против безумното користење зборови и фрази што крајно непотребно се користат во изворна форма, особено во ситуација кога имаме сосема соодветен превод или, пак, се користи буквален превод на некои англиски фрази иако ние имаме наши зборови или фрази, кои многу подобро и посоодветно звучат. Тука пред сѐ мислам на „на крајот на денот“, која без поговор се употребува на сите страни иако ние отсекогаш сме велеле „на крајот на краиштата“.
А треба ли тука да се потсетуваме на некритичкото именување на (повторно зборови поврзани со нашите трошаџиски навики) „Поинт ретаил парк“, „Сити мол“ или „Ист гејт мол“. Зарем не можеше да се смислат некои други имиња, кои би имале локален призвук и кои би биле на македонски јазик? А да не зборуваме дека внатре во нив ни со лупа не можете да најдете назив на продавница на латиница.
Едноставно, човек не може а да не се запраша – чуму таква одбивност кон македонскиот јазик? Зарем немаме соодветни зборови? Или можеби одговорот е дека секогаш туѓото е послатко.
Не можам и не сакам да се согласам со ниедна констатација. Сакам да верувам дека имаме исклучително убав и богат јазик, кој треба само да го негуваме и по потреба да го надградуваме. Онаму каде што ќе се појави потребата од воведување нови поими очекувам да се огласат јазичните експерти и да го најдат најдоброто решение. Најмалку што ни треба е беспоговорно прифаќање решенија што се нудат од маркетиншки пориви или, пак, од неукост на уредниците, кои се поведуваат кон полесни решенија, па наместо да се потрудат да го чуваат и негуваат јазикот, тие прифаќаат наметнат избор.
Во тие рамки, не пречи уште еднаш да се потсетиме дека беспоговорно прифаќаме и некои нови празници, нови навики – Хеловин, Валентин – кои некој упорно ни ги наметнува во обид да ги заборавиме нашите традиционални навики и обичаи. А ние, ете, така, од прва ги прифаќаме како да ни се во генот барем илјада години. Веројатно во надеж дека ќе нѐ примат во големото друштво ако им ги славиме празниците.
Време е да се свртиме кон себеси и кон своето. Да се обидеме да го зачуваме она што е наше и што нѐ легитимира пред светот.