Сите се радуваме кога ќе се заврши некој инфраструктурен проект. Така било отсекогаш. Поточно, се радуваат повеќето од нас, обичните граѓани. Не се радуваат партиските штабови и тамошните креатори на соопштенија, бидејќи тогаш за нив започнува битката на надмудрување. Започнува борбата на здодевните партиски соопштенија, брифинзи, прес-конференции. Се вклучува партиската машинерија за едните да ги минимизираат работата и успехот на другите, а пак овие да покажат колку се подобри од првите. И така во круг, во зависност кој е на власт во конкретниот момент.
Денг Ксиао Пинг, „архитектот на модерна Кина“, рекол: „Не е важно дали мачката е црна или бела, сè додека фаќа глувци“. Речиси е неверојатно колку често на човека му се навраќаат овие зборови кога се наоѓа во некои секојдневни ситуации. Особено кога станува збор за некои позитивни работи, за ситуации кога е веројатно беспредметно, барем за многумина, да се покажува нечија надмоќ или подобра подготвеност, организација, структура…
Повод за ваквото размислување е еден убав настан од пред два дена, кога свечено беше пуштен во употреба експресниот пат Градско-Дреново, кој е дел од патот Градско-Фариш, а се смета за составен дел од коридорот 10. Оваа делница се очекува да го поедностави патувањето кон Прилеп и Битола, а според зборовите искажани на свеченоста, интензивно се работи на тоа овој регион да се поврзе со квалитетни сообраќајници со главниот град. Така, веќе е договорено да продолжи проектирањето на делот до Прилеп, преку Плетвар, со проширување и надградба, а наедно во тек се работите на автопатот од Прилеп до Битола. Значи, зборуваме за решавање на едно прашање што веќе подолг период е болна точка за сите оние што секојдневно ги „газат“ километрите на оваа релација.
Впрочем, за сериозноста на проблемот зборува и податокот дека проектирањето на овој пат е почнато уште во 2012 година, но поради повремени прекини во работата е завршен сега. Станува збор за делница со должина од 15,5 километри, со ширината на коловозот е 12,4 метри, а содржи и три клучки – кај Градско, Росоман и Дреново. Сите оние што го минале овој пат, стариот, добро знаат за што пишувам, бидејќи тоа беше навистина тесно грло, кое им задаваше многу главоболки на возачите.
И дотука сѐ е во ред. Сите се радуваме кога ќе се заврши некој инфраструктурен проект. Така било отсекогаш. Поточно, се радуваат повеќето од нас, обичните граѓани. Не се радуваат партиските штабови и тамошните креатори на соопштенија, бидејќи тогаш за нив започнува битката на надмудрување. Започнува борбата на здодевните партиски соопштенија, брифинзи, прес-конференции. Се вклучува партиската машинерија за едните да ги минимизираат работата и успехот на другите, а пак овие да покажат колку се подобри од првите. И така во круг, во зависност кој е на власт во конкретниот момент.
Слика е тоа добропозната со години, а која се отсликува пред нас и деновиве, актуализирајќи ја познатата изрека на моќниот Кинез, која пак преведена во наши услови може да се преиначи – не е важно кој го започна или кој го доврши патот/автопатот/фабриката, туку е важно народот да има готов проект и да види корист од тоа. Затоа што во крајна линија тој ќе има најголема корист, нема на патот да возат само возила на една или друга партија. Во крајна линија, ако веќе некој го започнал, може да се постави прашањето зошто не го завршил навреме проектот, но тоа повторно ќе отвори некои други приказни за ново, дополнително надмудрување. И така во еден бескраен круг ќе се надмудруваат партиските штабови, а за тоа време некои други држави работат многу побрзо и наоѓаат начин да нѐ заобиколат инфраструктурно, доведувајќи ја во прашање оправданоста на некои стратегиски определби, но тоа е веќе тема за некоја друга колумна, која ќе мора да дојде на ред многу брзо.
Да се вратиме на актуелниот случај. Најпрвин честитки, ова е во крајна линија градителски успех за Македонија. Браво, бидејќи проектот се заврши. Да биде онака како во старата македонска поговорка „што се почнало, ќе се заврши“. Но стотици работи се почнаа, а не се завршија. Овој пат крајот го краси делото. Без разлика што се работи за скромни 15 километри во случајов, но ако се додадат и оние 25 километри на делницата од Страцин до Крива Паланка, ако се има предвид интензивирањето на работите на автопатиштата во Западна Македонија, тогаш сите имаме причина за радување. Да почнеме да зборуваме за нормални патишта и кај нас, а не само со завист да гледаме како сите соседи нѐ претркаа.
А во трката на партиите доволно е за патиштата да се трошат силите. Искуството покажува дека, на пример, проектот за спас на Дојранско Езеро го подготви и го реализира една политичка опција, која речиси никогаш не успеа да ја добие наклоноста на локалното население на изборите, така што очигледно некои други фактори се поважни за граѓаните.
И сосема за крај. Речиси без поголем одзив остана информацијата дека средствата за проектот на делницата Градско-Дреново, вреден 37,5 милиони евра, во најголем дел се обезбедени од ИПА-фондовите – 26,7 милиони евра. Ова е добрата вест, која би требало да биде поттик и за во иднина, особено за големите инфраструктурни зафати да вложуваме максимум напори да дојдеме до меѓународните фондови за таа намена, наместо само да се задолжуваме кај банките. Особено кога се работи за овие витални сообраќајни коридори што се дел од поголеми европски магистрали, па со тоа имаат и меѓународно значење. Кога барем дел од напорите што се вложуваат за меѓупартиската борба и надмудрување би насочиле кон лобирање пред меѓународните фактори за добивање грантови и други видови субвенции, тогаш и состојбите би биле поинакви. Веројатно и поголем дел од нервозата и потребата за меѓупартиско препукување би се намалиле.