- Разликите меѓу НАТО и поранешниот Варшавски пакт се реални и значајни, и никој сериозен нема да се осмели да ги изедначува. Но паралелата не служи за поистоветување, туку за предупредување. Варшавскиот пакт пропадна во моментот кога престана да биде заедница и стана потреба само на еден член. Истата судбина му се заканува и на НАТО. Кога идејата бледее, а структурата останува шуплива однатре, резултатот е познат
- А има ли некоја шанса нашиот висок претставник во Алијансата, односно заменичката на генералниот секретар на НАТО, да каже некој збор? Има ли некаков изглед таа од позиција што котира на многу повисока НАТО-надморска височина и има поширока прегледност за текот на настаните и за перспективите на тие настани да направи некаква јавна трибина? Или, пак, можеби ќе посака самоиницијативно, како висок респектабилен НАТО-функционер, да ја покани највисоката македонска државна власт и да направи консултации за наредните чекори што би требало да ги преземе официјално Скопје? Заради иднината на своите граѓани, се разбира. Можно ли е, во интерес на својата држава, заменичката на генералниот секретар на НАТО да преземе чекори преку кои барем малку ќе ја расчисти маглата, која сега е мошне густа во НАТО, и со тоа барем малку повеќе да дознаеме каде ќе тераме?
Со тоа јато, се разбира…
Седумдесет и седум години НАТО опстојува со една јасна животна мисија. Да чека напад од Русија, да чека ескалација, да го чека оној момент кога конечно ќе може да каже дека целото постоење имало смисла. Во меѓувреме, светот се смени повеќепати, империите се распаднаа, идеологиите избледеа, а за потсетување, Варшавскиот пакт – големиот непријател од другата страна на огледалото – исчезна без трага, без херојски крај, како лоша телевизиска серија што едноставно престанала да се емитува.
И токму тука почнува иронијата. Варшавскиот пакт не беше поразен на бојно поле, туку се распадна под притисокот на сопствената тежина. Не го урна неговиот пандан од другата страна (имено НАТО), туку внатрешната гнилост, доминацијата на еден центар на моќ и чувството кај помалите членки дека се дел од нешто што одамна не им припаѓа. Формално постоеше, реално веќе не функционираше. Звучи ли ова познато?
Денес, НАТО продолжува да зборува за закани, стратегии и за одбрана, додека однатре сè почесто се забележуваат превирања. Наместо заканата од Исток, сè поочигледна станува една поапсурдна можност: дека Алијансата може да биде разнишана од сопствениот најсилен член.
САД се, без сомнение, срцето и моторот на НАТО. Но историјата нè учи дека кога моторот почнува да вози во своја насока, патниците или ќе се приспособат или ќе бидат исфрлени. Варшавскиот пакт исто така имаше „голем брат“ што знаеше подобро од сите други. И додека формално се зборуваше за еднаквост и солидарност, реалноста беше нешто сосема поинаква. Кога довербата исчезна, исчезна и пактот.
Апсурдот, значи, не е во тоа што НАТО толку долго се подготвува за можен напад што никако не доаѓа. Апсурдот е во тоа што денес најреалниот удар врз Алијансата не би дошол однадвор, туку од внатрешни политички калкулации, уцени, условувања и периодични потсетувања кој плаќа, а кој само користи. Не со ракети, туку со твитови, декларации и еднострани одлуки. А каде сме ние во сето тоа? Не можеме да сондираме или да анализираме нешто за тоа како да се постави државата?
Добро, има ли некоја шанса нашиот висок претставник во Алијансата, односно заменичката на генералниот секретар на НАТО, да каже некој збор? Има ли некаков изглед таа од позиција што котира на многу повисока НАТО-надморска височина и има поширока прегледност за текот на настаните и за перспективите на тие настани да направи некаква јавна трибина? Или, пак, можеби ќе посака самоиницијативно, како висок респектабилен НАТО-функционер, да ја покани највисоката македонска државна власт и да направи консултации за наредните чекори што би требало да ги преземе официјално Скопје? Заради иднината на своите граѓани, се разбира. Можно ли е, во интерес на својата држава, заменичката на генералниот секретар на НАТО да преземе чекори преку кои барем малку ќе ја расчисти маглата, која сега е мошне густа во НАТО, и со тоа барем малку повеќе да дознаеме каде ќе тераме? Со тоа јато, се разбира…
И повторно да се вратам на темата..
Разликите меѓу НАТО и Варшавскиот пакт се реални и значајни, и никој сериозен нема да се осмели да ги изедначува. Но паралелата не служи за поистоветување, туку за предупредување. Варшавскиот пакт пропадна во моментот кога престана да биде заедница и стана потреба само на еден член. Истата судбина му се заканува и на НАТО. Кога идејата бледее, а структурата останува шуплива однатре, резултатот е познат.
Денес НАТО сè уште има сила, ресурси и влијание. Но ако продолжи да верува дека најголемата опасност секогаш доаѓа однадвор, ризикува да го повтори најстариот геополитички апсурд: да не забележи дека најслабата точка не е на маргините, туку во искривеното огледало во кое се гледа сенката на минатото. А историјата, како што веќе покажа со Варшавскиот пакт, нема навика двапати да предупредува со ист тон. Таа, пак, има многу чудна смисла за хумор. А НАТО, изгледа, допрва ќе мора да научи дека вистинската одбрана не секогаш значи да се зачуваат надворешните граници, туку таа лежи и во внатрешната кохезија и самокритика.
































