Нашите деца

Несебичните изблици на солидарност од нашето соседство влеваат надеж дека кога се сака, не постојат пречки во потрагата по заеднички просперитет, дека постои надеж да се крене регионот за заедничка добробит. Надеж дека како што на овој пример си помагаме едни на други, можеме да најдеме заеднички јазик и во меѓусебното уважување на колективитетите, дека различностите се богатство и предност бидејќи се дополнуваме… Дека треба да бидеме посветени на развојот на трговијата, стопанството, на прекуграничната соработка, а не да се вооружуваме и гледаме „преку нишан“. Искрено се надевам дека Кочани го донесе времето за разбивање на несогласувањата и стереотипите… Во името на заминатите. Слава им!

Ужасната трагедија во кочанската пеплосана дискотека на 16 март, која згасна 59 млади животи и предизвика тешки повреди кај околу 200 луѓе, ги шокира светот, цела Европа и особено дел од балканските соседи на Македонија, едновремено будејќи ги широко нивната солидарност и хуманост.

· Првите транспорти на критично повредените започнаа уште во првите 12 часа од несреќата, кон Грција, Бугарија, Турција и Србија, а подоцна беше активиран и механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Со авион на грчкото воено воздухопловство ноќта меѓу 18 и 19 март од Скопје во Атина беа префрлени уште четири млади лица со изгореници од пеплосаната кочанска дискотека, со што во Грција на лекување се вкупно 12 лица, од кои пет во Солун и седум во Атина. „Здравствениот оперативен центар на Националниот центар за итна помош во рамките на оперативниот план за управување на транспортот и болничкото сместување повредени со изгореници продолжува да ги одржува во состојба на зголемена готовност одделите за изгореници во соодветните здравствени центри во Солун и во Атина“, соопшти грчкото министерство за здравство. „Солидарноста со С. Македонија е силна“, објави грчката амбасада во Скопје на општествените мрежи. „Вашите деца се наши деца“, порачал главниот доктор од солунската болница во која се лекуваат повредени од Кочани, пренесе македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по посетата на повредените од пожарот во Кочани што се хоспитализирани во болницата „Папаниколау“ во Солун.

· Медицински авион на бугарското воздухопловство уште во првиот ден презеде од скопскиот аеродром дел од критичните пациенти повредени во пожарот. Во Бугарија во болницата „Пирогов“ има девет повредени пациенти од пожарот во Кочани, во Военомедицинската академија-МБАЛ во Варна тројца повредени, а исто така тројца повредени се лекуваат и болницата „Свети Ѓорги“ во Пловдив. Во оваа соседна држава 18 март беше прогласен за Ден на жалост во спомен на жртвите од Кочани. Во нивен спомен, тој ден на половина копје беа спуштени националните знамиња на државните институции. Во бугарските болници изразија подготвеност да прифатат уште повредени. Бугарската држава обезбеди и превоз и сместување за роднините на повредените, за да можат да бидат во контакт и да им дадат поддршка на повредените.
Неколку илјади Бугари се собраа на 19 март пред Судската палата во центарот на Софија и со едноминутен молк им оддадоа почит на 59-те трагично загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Само на 18 и 19 март повеќе од 500 студенти, млади луѓе и други граѓани во Бугарија даруваа крв за настраданите во кочанската трагедија. Повикот на здравствените власти и Црвениот крст во Бугарија дека е потребна крв за пациентите, кои беа донесени од Македонија, собра голем број хумани граѓани во Бугарија од различна возраст. Крв се даруваше во Универзитетската болница за активно лекување и итна медицина „Пирогов“ и во Националниот центар за трансфузиона хематологија.
Меѓу дарителите беше и Ѓорги Малчев, професор и блогер, кој и самиот повеќепати повика колку што е можно поголем број негови сограѓани да бидат хумани и да даруваат крв.
„Сите сме луѓе и како луѓе имаме должност да подадеме рака и да помогнеме кога гледаме дека нечиј живот зависи од тоа. Треба двете страни да градат заеднички мостови на пријателство и на хуманост, преку кои ќе им помагаме на луѓето во потреба, ќе си помагаме како соседи и пријатели“, нагласи Малчев. Бугарскиот пратеник Манол Пејков од 16 до 19 март преку хуманитарна кампања собрал 34.200 евра. Пејков објави дека ќе стапи во контакт со семејствата на настраданите во Софија и во Варна, а сите парични средства што се собрани ќе им бидат подарени ним. Дарувањето крв во Бугарија продолжува до крајот на неделава, а продолжуваат и другите хуманитарни активности за помош на настраданите во Кочани.

· Министерството за одбрана и вооружените сили на Србија уште во текот на првиот ден од катастрофалниот пожар во кочанската дискотека итно испратија 14 лекари и медицински персонал, како и пет возила на итна помош, заради укажување помош на повредените. Сите натпревари во тие два дена во рамките на Суперлигата и Првата лига на Србија беа започнати со едноминутно молчење за загинатите во пожарот во Кочани. Некои од преземените повредени беа згрижени во Воената болница во Ниш, а оние чија состојба бара посериозно лекување беа префрлени во Воената медицинска академија во Белград. Триесет повредени се лекуваат во Србија, од кои 12 во военото здравство, а преостанатите во цивилниот здравствен систем на оваа држава. Како Ден на жалост беше прогласен 18 март и во Србија. Истиот ден Собранието на Србија ја започна својата седница со едноминутно молчење за загинатите во пожарот во Кочани. Ужасната трагедија во Кочани, која одзеде 59 млади животи, ја потресе и Србија. Во изминативе денови беа истакнувани знамињата на Република Македонија во Белград, Чачак и други српски градови во знак на српската солидарност со македонската колективна несреќа. Во изминативе шест дена стотици српски студенти и други граѓани доброволно даруваа крв за потребите на повредените од Кочани што се лекуваат во тамошните болници. Се чекаше во долги редови пред Заводот за трансфузија во Белград. „За нашите браќа во Македонија“, истакнуваа хуманите дарители во изјавите за српските медиуми. Беа собрани стотици единици со крв.
Европа и особено Балканот, а пред сѐ грчкиот, бугарскиот и српскиот народ, покрај другите граѓани на Европа и од другите светски меридијани, ги отворија широко своите срца за Македонија и македонскиот народ, споделувајќи ги со нив болката и тагата, сочувствувајќи со македонската колективна траума, поради ужасната загуба на животите на толку млади луѓе.
Токму овие несебични изблици на солидарноста влеваат надеж дека кога се сака, не постојат пречки во потрагата по заеднички просперитет, дека постои надеж да се крене регионот за заедничка добробит. Надеж дека како што на овој пример си помагаме едни на други, можеме да најдеме заеднички јазик и во меѓусебното уважување на колективитетите, дека различностите се богатство и предност бидејќи се дополнуваме… Дека треба да бидеме посветени на развојот на трговијата, стопанството, прекуграничната соработка, а не да се вооружуваме и гледаме „преку нишан“. Искрено се надевам дека Кочани го донесе времето за разбивање на несогласувањата и стереотипите… Во името на заминатите. Слава им!

Свето Тоевски