Наша внатрешна работа

  • Во ситуација кога ЕУ е оптоварена со корупциски скандали и внатрешни превирања, среде кои европската инертност доаѓа до израз и кога Брисел видливо ја форсира Украина во евроинтеграциите, извесно е дека Македонија треба да се фокусира на она што сама може да го направи за да го трасира сопствениот европски пат

Дента кога американски дипломати се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва за да разговараат за мировните предлози за ставање крај на војната во Украина, нивни европски колеги, соочени со обвинувања за измама и корупција, беа на разговор со белгиски полициски истражители. За лидерите на Европската Унија е понижувачки што не беа присутни на петчасовната средба во Москва, откако не успеваат да ги убедат ниту САД ниту Русија дека воопшто треба да бидат поканети на такви состаноци.
А во прилог на таквите амбиции не им оди ниту тоа што ЕУ се соочува со еден од најпредизвикувачките моменти во поновата историја на блокот – со голема истрага за неправилности при јавни набавки, што се совпадна со сеопфатна антикорупциска истрага во Украина. Заедно, овие случувања отворија тешки прашања за транспарентноста, одговорноста и за доследна примена на сопствените стандарди од страна на Европската Унија. Истовремено ги истакнаа предизвиците со кои се соочува Европа во одржувањето на интегритетот, како во рамките на Унијата така и во нејзините партнерства во странство. Аналитичарите сметаат дека наредните месеци ќе ја тестираат способноста на ЕУ да ги почитува принципите што самата ги промовира, без да го загрози сопствениот кредибилитет.
За ЕУ, истрагата за измама е исклучително непријатна. Унијата редовно се претставува како шампион на транспарентноста и доброто управување, а актуелниот скандал предизвика дискусии за функционирањето на нејзините внатрешни механизми за надзор. Згора, таа категорично му порача на Киев дека мора да ги гони корумпираните функционери во политиката и во бизнисот за да биде во можност да се приклучи на ЕУ, додека се зголемува притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски поради зачестените обвинувања за корупција.
Корупцијата во ЕУ останува сериозна закана со економски, општествени и политички последици. А досегашните случаи открија ранливости во функционирањето на Унијата. Процените сугерираат дека корупцијата ја чини економијата на ЕУ помеѓу 179 милијарди и 990 милијарди евра годишно, што е еднакво на речиси шест отсто од БДП на европскиот блок. Но, освен финансиските загуби, корупцијата ја еродира довербата на граѓаните, ја подрива демократијата и ја нарушува фер конкуренцијата. Анкетите покажуваат дека мнозинството Европејци ја сметаат корупцијата за широко распространета, при што многумина веруваат дека митото или личните врски најчесто влијаат на јавните договори или услуги.
Корупцискиот скандал им даде „муниција“ на критичарите на либерален Брисел во блокот, што беше забележливо и на конференцијата „Битка за душата на Европа“ организирана од аналитичкиот центар „MCC Брисел“, која здружува врвни функционери од Унгарија со политички истомисленици, активисти и политички коментатори од целиот континент. Според присутните, најновиот корупциски скандал е уште еден доказ за двојни стандарди од страна на елитата во Брисел опфатена во корупција, односно за тврдењето дека „рибата смрди од главата“.
Политичкото раководство на ЕУ засега е тивко во врска со истрагата за измама, поставувајќи се во цврста дефанзива, во навидум паничен обид на водечките функционери, меѓу кои е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да се оградат од скандалот. Дел од сојузниците на Фон дер Лајен, пак, сакаат да ја видат токму неа како зазема недвосмислено цврст став кон корупцијата, за да го сузбие широко распространетото мислење дека бриселската бирократија е преплавена со финансиски злоупотреби.
Во ситуација кога ЕУ е оптоварена со корупциски скандали и внатрешни превирања, среде кои европската инертност доаѓа до израз и кога Брисел видливо ја форсира Украина во евроинтеграциите, извесно е дека Македонија треба да се фокусира на она што сама може да го направи за да го трасира сопствениот европски пат, што „Нова Македонија“ постојано го истакнува, како што е случај и во тековното викенд-издание.
Промената на Уставот зависи исклучиво од Македонија и затоа начинот и формата како ќе биде направена треба да бидат согласни со европските устави, со што ЕУ нема да може да наоѓа забелешки на документот што веќе е во правен оптек низ Европа. На тој начин, правно-политичките гаранции дека Македонија во иднина нема да биде блокирана во евроинтеграциите, ќе си ги обезбедиме сами преку уставната рамка, при што нема да дозволиме загрозување на националните интереси и на македонскиот идентитетот.
„Нова Македонија“ во повеќе наврати ја актуализира оваа тема преку разговори со уставни експерти, познавачи на уставните практики и генерално на актуелните европски состојби, при што сите тие се согласуваат дека уставните измени се наша внатрешна работа и треба да ги направиме со цел да изградиме напредно и здраво општество, отпорно на сите предизвици.