Сашо Таневски

Бидна и вториот круг од локалните избори, се заврши како што се заврши, но генерална оценка е дека и завчерашниот изборен ден покажа дека македонските граѓани се вистинските победници со високо изразениот демократски капацитет.
Како и да е, по сумирањето на изборните резултати, кое овој пат одеше малку побрзо поради помалиот број на изборни единици во кои се избираа градоначалници, веќе по 22:30 часот горе-долу беа јасни победниците и почнаа да се прогласуваат големи историски победи и слично.
И додека граѓаните уште еднаш го потврдија високиот демократски капацитет, некои од политичките актери што учествуваа во оваа изборна трка покажаа дека основната политичка култура и натаму недостасува на македонската плурална сцена.
Кога веќе беше јасно кој кандидат победува, малкумина од поразените се одважија да го признаат поразот и да му ја честитаат изборната победа на нивниот политички ривал, туку дури и почнаа да го прикажуваат поразот како некаков триумф, како одраз на расположението на граѓаните, како јасен патоказ и како сфаќање на пораките.
Имено, основната политичка култура налага да му се упати честитка на ривалот исто онака како што фудбалерите по 90 минути беспоштедна борба, лизгачки стартови, меѓусебни навредливи дофрлања, плукања и што ли уште не, на крајот на мечот му подаваат рака на победникот и го признаваат поразот.
Така е и во политиката, односно зрелите политичари немаат никаков проблем да признаат дека се поразени и да пружат рака, бидејќи на тој начин оставаат впечаток кај граѓаните дека се дораснати на одговорноста што би ја презеле утре ако ја освојат власта. Оној што денес не е подготвен да го прифати поразот, утре нема да биде подготвен ниту да прифати одговорност за некои свои политики, проблем со кој Македонија како држава се соочува повеќе од три децении. Сите сакаат функции, а истовремено сите бегаат од одговорност кога работите ќе тргнат во погрешна насока.
Нејсе, повторно ќе кажам дека прифаќањето на изборните резултати е одраз на основна политичка култура и ништо друго, сето преостанато е обично натегање и инаетење како пред маалска кооперација каде што сите, по две-три пива, се лидери и сите знаат што е најдобро за државата. За оние без основна политичка култура всушност и не е важен гласот на народот, туку што тие како партии ќе ќарат дури и од ваквите изборни резултати, кои како бројки значат пораз, но во партиските проекции значат можност да се побараат повеќе пари за партиите, повеќе бенефиции и слично. Тоа е целата слика, народот им е важен само пред избори, потоа кој го врти. Затоа треба да се смени и Изборниот законик, сите нека имаат еднаква шанса, па кој победи, победи, другите да не се лутат.
Малку и за победниците на изборите. Сега веќе треба да испорачуваат за сите граѓани, без оглед на нивната партиска и етничка припадност. И покрај апсолутната власт што ја имаат сега, место за еуфорија нема. Завчера сите победници му се заблагодаруваа на народот, говореа за неговата висока демократска свест за време на изборниот ден, но да не заборават дека тој народ очекува реални резултати и реализација на ветеното. Умре тоа кога во предизборната кампања можеа да ветуваат брда и долини, па потоа да се прават на Тошо кога некој ќе ги праша каде е булеварот, градинката, водоводот…

Една работа треба да знаат новите градоначалници, чистењето на ѓубрето и депониите не е достигнување што го очекуваат граѓаните, тоа е обична тековна работа за која воопшто и не треба да информираат и да држат пресови за некакви големи успеси. Сите ќе видиме дека нашата канта за смет е двапати неделно испразнета, дека ни ставиле уште две други канти за рециклирање, дека децата не ни се плашат кога одат на училиште од глутниците кучиња скитници по улиците, дека автобусот дошол навреме, дека канализациите се навремено дератизирани и нема глодачи, дека комарците нема повеќе да прават журки девет месеци во годината и слично. Тоа се тековни работи што отсекогаш горе-долу функционирале и не се проекти што некој треба да ги става на контото како некакви епохални достигнувања, тоа би било жаргонски кажано „у року службе“. Граѓаните очекуваат многу повеќе од тоа, очекуваат иновативни сообраќајни решенија, дигитализиран јавен превоз буквално на секоја улица, намалување на урбаниот притисок врз Скопје, водоводи и канализации во секое населено место, инфраструктура, енергетска стабилност, развивање на сите општини еднакво и, конечно, дисперзија на моќта од Скопје и во другите региони низ земјава. Сите граѓани на оваа држава плаќаат данок, сите учествуваат во изборите и сите имаат право да имаат квалитетна здравствена заштита, квалитетно образование, чиста животна средина и сето она поради што се доселуваат во Скопје. Македонија е мала по територија, но со добра инфраструктура секаде ќе може да се стигне за еден час. Така ќе заживее целата држава, нема сите да доаѓаат во главниот град и за најмала ситница, туку услуги ќе им се даваат најблиску до нивното место на живеење, заштедувајќи им и време и пари.
Граѓаните очекуваат нови проекти со кои ќе се унапреди нивниот живот, ќе се унапреди соживотот, ќе се избришат границите на етнички поделби во општините, туку секој, без оглед на етничката припадност, ќе гледа неговото маало, неговата општина да бидат напредни и пример за другите. Тогаш да видиме дали ќе се носат контингенти гласачи со авиони или, пак, оние што си живеат тука заеднички ќе си го избираат човекот што сметаат дека најмногу ќе направи за нив затоа што е способен, а не затоа што е член на оваа или онаа партија, на овој или оној етникум. Апсурдно е сѐ уште да има населени места без водовод и канализација, без добра инфраструктура. Тоа ќе се бара од новите градоначалници, а апсолутната моќ што сега е сконцентрирана во една партија, на локално и централно ниво, треба да се насочи кон сеопшт напредок на државата, без математики за тоа како некоја одлука ќе се одрази врз нивниот рејтинг. Граѓаните бараат работа и резултати, за тоа и гласаат, а високиот рејтинг партиите треба мудро да го трошат во реформи што на прв поглед не се популарни и ќе им скратат гласови на краток рок, но тоа ќе бидат во интерес на државата. Тоа значи да се градат силни и непартизирани институции, да се воспостави вистинска правна држава, да се води неселективна борба со корупцијата, да се оптимизира администрацијата, силно да се стимулира економија, паметно да се потрошат кредитите за проекти што ќе носат оплодување на вложените средства, да се гради независен енергетски потенцијал, квалитетно образование, здравство…

Тоа е она што младите ќе ги задржи тука, да имаат функционална држава каде што ќе имаат шанса да ги истакнат сопствените квалитети, а не да бидат маргинализирани само затоа што некој лепел плакати, па со тоа заслужил вработување или некаква функција за која ниту е стручен ниту, пак, може да понуди резултат. Потфрлање сега на оние што победија по ваков резултат и дадена доверба, за најмногу две години ќе значи пружање рака на некој друг победник, се разбира, ако има основна политичка култура.
На крајот, оние над 50 илјади гласа за независните и големиот број неважечки ливчиња всушност се вистинската трета политичка сила во државата, а не оние што самите си се прогласуваат за лидери на опозицијата. Народот е единствениот лидер во оваа држава и тој ќе го има последниот збор, кога и да затреба. Затоа памет во глава, сите!