Народ што не ја познава својата национална култура е како дрво без корен

Фамозните златни маски од требенишката некропола се национално и културно наследство на македонското поднебје и ги отелотворуваат наследството и идентитетот на македонската нација, а не на српската или бугарската нација, во чии музејски витрини се наоѓаат денес. Не сакаме да мудруваме, но не смееме да заборавиме дека низ вековите, македонскиот народ беше лишен од своето национално и културно богатство, кое денес може да се види насекаде низ светот, но не и во Македонија, почвата од каде што потекнува. Враќањето на македонското национално и културно богатство е тежок и сложен процес, потребни се стратегија, техничка подготвеност или финансии, но пред сѐ политичка волја. Околностите во кои се наоѓа македонското општество можеби се незавидни, но тоа не значи дека како општество и нација не треба да имаме јасен став и политичка волја дека на македонскиот народ му е направена неправда кога е ограбено неговото национално и културно богатство низ вековите, нешто што придонесува да не си ја познава сопствената култура

„Мона Лиза“ (Џоконда) на безвременскиот италијански гениј Леонардо да Винчи низ вековите предизвикуваше и сѐ уште предизвикува фасцинации и дискусии, поради нејзините енигматични својства, мистериозната насмевка и занесниот поглед на Мона Лиза. Од уметнички аспект, суптилната употреба на светлина и сенка од страна на Да Винчи создава реалистичен и речиси етеричен квалитет, а двосмислениот израз поттикна многумина да го толкуваат портретот како одраз на човечката сложеност или филозофско истражување на убавината и мистеријата. Историчарите на уметноста и критичарите велат дека ова фамозно дело создава чувство на интеракција, односно создава впечаток дека погледот на Мона Лиза нѐ следи, нешто што внело коренити измени во сликовната уметност. Не случајно, Џоконда се смета за архетипско ремек-дело на италијанската ренесанса и не случајно е најпознатото и најпосетувано уметничко дело во светот.
За „Мона Лиза“ постојат многубројни анегдоти, како што е нејзината кражба од страна на Винченцо Перуџа, кој верувал дека уметничкото дело треба да се врати во Италија. Кражбата предизвика светска сензација, а како осомничен бил испрашуван и Пабло Пикасо, еден од најголемите мајстори на сликарството во 20 век. Денес, „Мона Лиза“ е една од највредните уметнички слики во светот, а го држи и Гинисовиот светски рекорд за највисоко познато осигурување на сликарството во историјата од 100 милиони американски долари во 1962 година, нешто што е еквивалентно на една милијарда долари од 2025 година.
Но кој е авторот на Џоконда? Леонардо да Винчи останува запаметен како извонредна фигура на италијанската ренесанса, но и еден од најбрилијантните умови во историјата. Роден во 1452 година во Винчи, Италија, тој бил полихистор – уметник, пронаоѓач, научник, инженер и мислител чија љубопитност немала граници. Како сликар создаде ремек-дела како „Мона Лиза“ и „Тајната вечера“, кои се значајни по своите иновативни техники и длабоката убавина. Надвор од уметноста, Да Винчи ги истражувал анатомијата, механиката, физиката и многу повеќе, оставајќи зад себе илјадници страници скици и белешки, кои ја откриваат неговата фасцинација од работата на природата и човештвото. Колку и да звучи чудно, тој дизајнирал летачки машини, ја проучувал човечката анатомија со неверојатни детали и конципирал пронајдоци векови пред неговото време. Неговиот гениј не лежи само во неговите креации туку и во неговата способност беспрекорно да ги поврзува уметноста и науката. Не случајно се вели дека Да Винчи го отелотворува духот на ренесансата, односно немилосрдната потрага по осознавањето на нештата, знаењето и креативноста.

Доколку внимателно ги проследиме општите податоци за Џоконда или нејзиниот творец Леонардо да Винчи, неизбежен е заклучокот дека станува збор за архетипско ремек-дело на италијанската ренесанса, дело што произлегло од италијанската генијалност и креативност, поднебје од каде што произлезе и европската преродба. Оттука, сосема природно е да резонираме дека станува збор за национално богатство на Република Италија, но доколку малку повеќе се продлабочиме во истражувањето за ова дело ќе ја сретнеме следната информација – „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи се смета за национално богатство на Франција, сместена во „Лувр“.
Каков апсурд? Ниту субјектот на портретот има француски корени, ниту нејзиниот автор некогаш се чувствувал како Французин, ниту делото било создадено во Франција! Некој може да нѐ прекори со зборовите дека премногу ситничариме, во смисла дека нагласуваме нешто што нема суштествено значење, бидејќи „Мона Лиза“ му припаѓа на човештвото. Но нештата мора да се именуваат во вистинско светло, не случајно античкиот филозоф Платон ја истражуваше идејата дека имињата не се произволни, туку имаат природна исправност поврзана со суштината на работите што ги означуваат или искажувањето на Аристотел дека имињата се симболи на мислите и дека нивното значење е изведено од односот помеѓу името и предметот што го означува. Со други зборови, кога „Мона Лиза“ ја именуваме како национално богатство на Франција ја прикриваме нејзината природна исправност, која е поврзана со нејзината сушност, односно дека станува збор за творба што произлегла од италијанската генијалност.
Да се насочиме кон суштината и да не ситничариме повеќе! Се вели дека националното богатство се однесува на нешто или некој што има големо културно, историско или симболично значење за една земја. Покрај другото, тоа може да биде и физички објект, знаменитост, па дури и традиција, како што е историска зграда, познато уметничко дело, природно чудо или уникатна културна практика, што ги отелотворува наследството и идентитетот на нацијата. „Мона Лиза“ поради одредени историски околности заврши во „Лувр“, но во целина не може да ги отелотворува наследството и идентитетот на француската нацијата.

Доколку го земеме предвид ова, тогаш можеме да резонираме дека фамозните златни маски од требенишката некропола се национално и културно наследство на македонското поднебје и ги отелотворуваат наследството и идентитетот на македонската нацијата, а не на српската или бугарската нација, во чии музејски витрини се наоѓаат денес. Не сакаме да мудруваме, но не смееме да заборавиме дека низ вековите, македонскиот народ беше лишен од своето национално и културно богатство, кое денес може да се види насекаде низ светот, но не и во Македонија, почвата од каде што потекнува. Враќањето на македонското национално и културно богатство е тежок и сложен процес, потребни се стратегија, техничка подготвеност или финансии, но пред сѐ политичка волја. Околностите во кои се наоѓа македонското општество можеби се незавидни, но тоа не значи дека како општество и нација не треба да имаме јасен став и политичка волја дека на македонскиот народ му е направена неправда кога е ограбено неговото национално и културно богатство низ вековите, нешто што придонесува да не си ја познава сопствената културата. На крајот, ќе завршиме со Маркус Гарви, кој велеше дека „народ што не си ги познава својата историја, потекло и култура е како дрво без корени“.