Поттикнат од пласмани на политички небулози, уште пред дваесетина години сериозно го проанализирав Уставот на Кралството Белгија и апсолутно не најдов некоја врска меѓу нас и нив за да ги копираме. Тој устав отпечатен во црвена боја со црни букви си го чувам во библиотеката, иако не толку одамна доживеа неколку амандмани, кои не ја менуваат суштината на уредувањето на белгиската држава. Што вели белгискиот устав: Белгија е суверена држава, федерална уставна монархија со парламентарен систем. Нејзината институционална организација е комплексна и структурирана врз регионална и јазична основа. Поделена е на три многу автономни региони – Фламански, Валона и Регион на главниот град Брисел. Фламанската заедница (холандски јазик) е 60 проценти, а француската заедница околу 40 проценти (мал процент говорат германски јазик)
Нашата висока политика наликува на вечерна политичка школа на која се пее песната од Лепа Лукиќ „Крај извора два путиќа“. Уште на почетокот на ставањето на темелите на постјугословенска Република Македонија, работите не тргнаа на арно. Едни ваква ќе ја правиме, а другите богами на цел глас викаа, не, не, ваква ќе ја правиме. И додека околу 90 проценти од населението гласаше за самостојност на еден чист македонски референдум со кој се удри тапијата на Македонија како суверена, самостојна и независна држава, другите, поголем процент од Албанците, решија да направат свој референдум за некоја квазидржава што никогаш не постоела и требало да се вика Илирида. Плус многу гордо велеа дека на Македонија ѝ треба белгиски модел, некаква си белгизација. Не беше доволен Уставот од 1974 година, кој, за жал, и него некои „умни“ политичари го посипаа со пепел. Некои албански политичари одеа низ европските метрополи и го промовираа тој модел, иако во Европа политички се доста пописмени и не баш ја разбраа оваа идеја. Но албанските политичари нема, нема, па пак ќе ја актуализираат таа идеја – Македонија да се федерализира, а ѓоа ќе била уште една Белгија во Европа. Еве ДУИ на Али Ахмети ја заговара таа идеја, така се вели по медиуми, ангажираат експерти за матење бистра вода, мајстори во утринското кафе што си го пиеш без шеќер да ти лупнат зад грб натрен, демек да не е очигледно оти е шеќер. Подло.
И сега кој ќе ја лапне приказната дека ако Македонија се федерализира, ќе стане и Белгија? Има ли уште такви „кленови“ во државичево што би се фатиле на таква јадица?
Поттикнат од тие пласмани на политички небулози, уште пред дваесетина години сериозно го проанализирав Уставот на Кралството Белгија и апсолутно не најдов некоја врска меѓу нас и нив за да ги копираме. Тој устав отпечатен во црвена боја со црни букви си го чувам во библиотеката, иако не толку одамна доживеа неколку амандмани, кои не ја менуваат суштината на уредувањето на белгиската држава. Што вели белгискиот устав: Белгија е суверена држава, федерална уставна монархија со парламентарен систем. Нејзината институционална организација е комплексна и структурирана врз регионална и јазична основа. Поделена е на три многу автономни региони – Фламански, Валона и Регион на главниот град Брисел. Фламанската заедница (холандски јазик) е 60 проценти, а француската заедница околу 40 проценти (мал процент говорат германски јазик).
Поради јазичните различности во државата постојат шест различни влади. Инаку, шеф на државата е кралот Леополд од редот на сакскобурготите. Во тие 198 члена во Уставот веднаш ви станува јасно дека станува збор за стара демократија, за традиција што е далеку од нашиве балкански и оти соодветно на фактот што Уставот е донесен во 1831 година, јасно е дека е развиена и соодветна политичка култура. Не може некој политички лидер да тргне во уривање на државните столбови. Имаше такви примери во соседна Холандија, но системот едноставно не ги пропушти тие идеи. Уставот е света работа!
Но, еве, само еден пример за да видиме каде сме ние, а каде се и кои се тие, во членот 22 (дополнет) се вели: „Секое дете има право да се почитува неговиот морален, физички, ментален и сексуален интегритет. Секое дете има право да ги изрази своите ставови за сите прашања што го засегаат, при што на ставовите на детето им се дава соодветна тежина во согласност со неговата или нејзината возраст и зрелост…“
Белгија стигна дотаму да се има право и на евтаназија.
Како стојат работите економски: Населението во Белгија е 11,5 милиони (меѓу најгусто населените во Европа, па и во светот) со ГДП од 55.536 долари. Ние можеме да им парираме со околу 1,5 милион жители и ГДП од 8.847 долари (ако и тој е точен). Белгија е земја на извонредна инфраструктура, железници, врски со светот, извоз и конструкција наречена Бенелукс. Ние имаме (полу)отворен Балкан.
И како еден важен член во белгискиот устав, членот 42: „Членовите на двата парламентарни дома ја претставуваат Нацијата, а не само тие што ги избрале“.
Македонија, како што реков, на почетокот не удри здрав курбан во темелите и уште е во транзиција и уште губи енергија, пари и трпи уцени за она што беше и е клучна политичка точка – колективните права на албанското малцинство. За индивидуалните права (и обврски) уште не дошло време.
ДУИ и кои било други партии имаат легитимно право да се занимаваат со прашањето каква Македонија сакаме. Секако, без уцени. И тоа би требало да биде општествено прашање. Во моментов барем на мнозинството му е јасно дека ваква Македонија не сакаме. Сменето име, знаме, устав, идентитет, систем што генерира нездрава конкуренција на пазарот на трудот, економски назадна држава, увозно зависна, вазалска, со катастрофална демографија.
Веќе 30 години сме заглавени во политики чиј фокус е решавање на колективните права на албанското малцинство, барање модели за „мајоризацијата“ и заглавивме во демократски ќор-сокак; сега кога се враќаат старите идеи за Илирида и за федерализација на Македонија, сфаќаме дека сме на погрешен пат, дека не сме перспективна држава и оти е потребно ресетирање и враќање кон македонските корени и вредности тотално сотрени со Преспанскиот, Охридскиот и со бугарскиот договор, како и со Тиранската платформа
Имаме Преспански договор што докажува дека сме вештачка нација и држава и тој треба да се сотре до последна точка. Имаме Договор со Бугарија што фаворизира хегемонистички однос на Софија (нашиот постар брат што ќе ни удира заушки), имаме Тиранска платформа со која Албанците сакаат да го чуваат клучот на Македонија и нејзината ризница. Сега гледаме дека македонската нација не може веќе да го голта ова. Премногу е. А од тоа како ни функционира политика, јасно е дека ни треба едноглава влада (принципот победник со победник пак функционира). Плаќаме даноци (тие што редовно си ги плаќаат, некои не плаќаат, па дури на еден шанк во Струга добив некоја фискална на која пишуваше сѐ на албански јазик?!) и се надеваме на политики во интерес на сите, неподелени. Ни треба декосовизација на Македонија и по хоризонтала и по вертикала. И во културолошка смисла, оти е проблем што е накалемен со издавање над 150.000 пасоши за Косовци, информација што никој не ја демантирал. Но и декосовизација и во лостовите на властите – поим сфатен како начин на владеење, но и трошење македонски ресурси (па дури и дипломатски!) за градење на косовската државност. Ова само по себе е невиден апсурд. Нашите пари треба да одат за остварување на нашите политики. Декосовизација не значи антиалбанска политика, туку интеграција на Албанците во систем на македонските вредности.
Нашата визија треба да биде насочена кон една проста политичка линија што мора да има свои автохтони белези – едно знаме, една химна, еден грб, еден јазик, една нација.