Иако бев дете, добро се сеќавам како да беше вчера, кога мојот дедо ми раскажуваше за животната судбина на својот соселанец од Мраморец, Охридско, кој се викаше Србин М. Стојановски. Тој беше крстен со име Србин. Но кога во Дебарца дошле Бугарите тоа име му донело многу проблеми.
Во еден момент кога бугарските војници го прашале како се вика, тој одговорил – Србин!
– Не те прашав што си, туку како се викаш, бедник еден – му вратил бугарскиот војник.
– Србин! – пак одговорил мраморчанецот Србин.
Мислејќи дека си поигрува со нив, бугарските војници не само што го затвориле туку и крвнички го претепале мислејќи дека тој си игра мајтап со нив.
И така Македонецот Србин од Мраморец, кој мошне млад беше убиен во текот на војната, загина за Македонија, носејќи го името Србин.
Ниту во еден момент ниту тој, ниту неговите родители што му го дале тоа име никогаш не помислиле да го прекрстат и да му го сменат името.
Денес името на Србин М. Стојановски е прво запишано на споменикот подигнат во селото Мраморец во чест на 15-те загинати борци од ова село.
Кога станува збор за имињата, иако не е иста, сепак за наши услови е многу интересна и приказната на битолчанецот Југослав. Кога се роди тој, во осумдесеттите години, неговиот татко Благој го крсти со име Југослав. Сѐ до постоењето на Југославија, Југослав беше многу популарен во Битола и сите буквално го обожаваа него зашто го носи името на Југославија.
Но откако Македонија се раздружи од Југославија и стана самостојна и независна држава, името Југослав веќе не беше во мода и почна да му прави одредени проблеми, а некои дури не се воздржуваа(т) во одредени ситуации да го поганат неговото име, па дури и го подучуваат да се прекрсти.
Но како и Македонецот од Мраморец, Србин, кој живееше и загина со името Србин, така и Југослав сите овие над 32 години се носи со сите убавини и проблеми што му ги носи неговото крстено име.
Но тој не само што не помислува да го смени името туку воопшто не крие дека иако се вика Југослав е голем Македонец, кој си ја сака државата Македонија.
Овие два примера од подалечното и од поблиското минато на најдобар начин покажуваат дека името, кое му го одредиле родителите или кумовите на секој еден човек, е нешто најсвето, со кое луѓето живееле од раѓањето, па сѐ до смртта и безмалку никој ниту помислил да го менува.
Оттаму, за нашите прадедовци, дедовци и татковци, кои живееле под прангите на разни поробувачи или „ослободители“, имињата што ги добивале на крштевањето биле свети и за навек.
Со крстеното име луѓето се раѓале и умирале.
Која војска ќе стапнела на оваа напатена и распарчена земја, првата работа што имала намера да ја реализира била или да ги покрстат или да ги прекрстат жителите од овие краишта. Но тие храбро и достоинствено се бореле да го зачуваат не само своето име туку и својот идентитет и името на државата Македонија.
Кога станува збор за имињата, Крсте Мисирков во една своја статија за софиски весник во 1925 напишал:
„Дозволете ни слободно да се нарекуваме и да се чувствуваме како Македонци, просто Македонци, без додавката, б’лгари“. Во својата статија „Самоопределување на Македонците“ од 25 март 1925 година, објавена во весникот „Мир“, Крсте Мисирков пишува:
„Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично.
Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сѐ треба да биде оценувано од македонско гледиште.
Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува сѐ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас“.
– Самоопределувањето на националниот идентитет е основното колективно човеково право. Неприкосновено е правото на националниот идентитет. А ова право им е ускратено на Македонците по Преспанскиот договор – вели денес професорот Игор Јанев, кој живее во Белград, инаку одличен познавач на меѓународното право.
Во изминатите 32 години од македонската независност, Македонија мошне скапо ја плати и сѐ уште ја плаќа цената на своето осамостојување.
Иакo поранешниот министер за правда и претседател на Уставниот совет на Франција, Роберт Бадинтер, во 1992 година како претседател на Арбитражната комисија за земјите од поранешна Југославија даде позитивно мислење за меѓународното признавање на Република Македонија, сепак земјава сите изминати над три децении се обидува да им објасни на Европа и светот дека самоопределувањето и зачувувањето на националниот идентитет е неприкосновено човеково право на секој еден народ.
Според Бадинтер, препораката на Арбитражната комисија, за легитимното признавање на Република Македонија, беше само одраз на правните принципи, кои во тој момент петте члена на Арбитражната комисија, сите претседатели на уставни судови, праведно ја донесоа.
– Кога Арбитражната комисија го даде своето мислење, таа не го направи тоа за да му причини задоволство на македонскиот народ. Таа го стори тоа бидејќи според нас беше израз на правото. Ниту еден судија или правник не смее да се стави во ситуација да мисли дека некому му пружил услуга. Да се каже правото, тоа беше нашата задача. Наша задача беше да сториме сѐ што може да придонесе за зацврстување на правната држава во целиот свет и особено во Европа, потоа, признавањето на правата, како тие на Македонците, за постоењето на Македонија, сѐ што на тој начин подготвува за Европската Унија – изјави во една пригода Бадинтер.
И наместо на тој пат кон зачленувањето во ЕУ, македонските политичари да ги здружат сите креативни и умствени сили и добри познавачи на меѓународното право и да ги надминат своите партиски и политички суети, тие постојано се надмудруваат меѓу себе обвинувајќи се едни со други.
Иако Европа во последно време веќе наликува на кванташки пазар, Македонија сепак не би смеела и себеси да се доведе во позиција да наликува на тоа, при што македонските политичари како ситни трговци ќе се пазарат и ценкаат меѓу себе околу цената на Македонија.
Барем ние што сме граѓани на оваа земја не треба да се (раз)убедуваме кои сме и што сме и дека сме во право и дека Македонија е жртва на непринципиелните политики на Брисел. Тоа, убеден сум, дека им е јасно и на луѓето од ЕУ.
Сепак, крајно време е сите политичари во Македонија да сфатат дека интеграцијата на Македонија во ЕУ не е, ниту може да биде чисто партиско прашање.
Од решавањето на сите спорови и услови на патот до Брисел досега излеговме со многу лузни. Но најголемата лузна е во душата на милиони Македонци, кои крвават од уценувачките политики на нашите соседи, од „демократските“ притисоци на нивните ментори од ЕУ, но и од инстант политиките на македонските политичари, кои водени од филозофијата „раздели, па владеј“ до коска го поделија народот и кои цели 30 години се расправаат меѓу себе кој бил поголем патриот или предавник на националните интереси.
Сите тие ако не сфатиле треба да сфатат дека додека тие се расправаат, за разлика од личностите на почетокот од текстот, Србин и Југослав, кои не се откажаа од своите имиња, голем број Македонци секојдневно се откажуваат од македонскиот идентитет и како „благонадежни“ Бугари ја напуштаат Македонија.
Доколку македонските политичари не се вразумат и не изградат заеднички консензус за идентитетските прашања лесно може да се случи Македонија како држава да остане на Балканот, но најголемиот број од македонскиот народ, како Бугари да ја напуштат Македонија и да станат граѓани на Европа.
После најмалку ќе биде важно кој беше виновен или кој прв почна. Историските грешки скапо се плаќаат.