Постојат милион ситници што нѐ прават нас да бидеме втора нација по насобран гнев во Европа, само зад Турција, но што со големите работи, како тоа Охридскиот, Преспанскиот, бугарскиот договор и влезот во НАТО не нѐ направија посреќни? Како тоа мултиетничкиот концепт што толку се фали наместо да создава среќни луѓе, прави нација на бесни, односно фрустрирани граѓани? Зошто и кому му се заканува Ахмети и дали на новата сенка што се надвиснува над Македонија ќе останеме со очи ширум затворени?
Македонците се на второто место во Европа по насобран гнев или лутина, покажал годинашниот глобален извештај за емоции на „Галуп“. Дури 26 отсто од испитаниците одговориле дека во текот на денот се гневни на нешто. На прво место е Турција, каде што 34 отсто од жителите секојдневно изразуваат одредена доза гнев. Потоа на табелата се Албанците и Црногорците (24 отсто), а потоа и Шпанците (23 отсто), а и Грците не се нешто пресреќни – 21 процент изразуваат гнев. Емоционалната состојба е многу подобра во Бугарија, Србија и во Косово, кои се некаде при дното на листата, бидејќи меѓу 11 и 13 отсто од граѓаните од овие три земји изјавиле дека чувствуваат гнев во текот на денот. Каков резултат за некои наши соседи, па тие живеат во некоја хармонија како во Холандија или Финска, на пример, кои е меѓу најрелаксираните нации, каде што едвај од седум до девет проценти изразуваат некаква лутина.
И сега се наметнуваат многу прашања, а едно ептен ми предизвикува бес – дали в година ќе бидеме шампиони и конечно ќе ги надминеме Турците? Барем во нешто да бидеме шампиони! Ова, секако, господин циник се јавува, во суштина сум за тоа да ги откриеме причините и да бидеме посреќна нација. Вакви какви што нѐ видел „Галуп“ покажуваме дека сме народ што најчесто станува на лева нога. Одиме на работа носејќи со себе ѓеврек, јогуртче (за повеќе и немаме) и насобран гнев. Причини? Ехееее, мноооогу. Да почнеме од малите нешта што создаваат големи емоционални бури: немање доволен број градски автобуси, немање клима во нив и култура, контејнери за ѓубре, кои повеќе собираат околу нив отколку во нив (погрешен концепт за собирање смет!), загаден воздух, загадена вода, немање учебници, ти лае цела ноќ кучето на соседот (а бе како нему не му пречи, како може да спие?!), па ти кака пред твојот двор (капак!), или ти уринирало на гумите на твојот автомобил, ни горат шумите, ни ги палат шумите, потпалуваат, платите ни се мали (а ним големи)… Да не редам повеќе, може до еден милион да терам.
Ако овие мали нешта ви предизвикуваат голема лутина, што е пак со големите проблеми? Како тоа како нација дојдовме до ова дереџе, да бидеме полни со гнев, лутина, бес (значи фрустрации), а тврдат, не ние, туку тие, дека сме имале систем, државно уредување, некаков мултиетнички концепт на живот и толеранција за пример, па дури и можат од нас да копираат некои решенија, а толку сме гневни? Нешто големо овде не е во ред, а една од причините е што никогаш како нација не сме седнале и не сме анализирале длабоко и обмислено, онака по македонски искрено и традиционално да видиме кои сме, какви сме, што сакаме и каде ќе одиме. Оти ако анализиравме сѐ од причини до последици немаше да упаднеме во стапици како што се анационалните и антидржавни договори како што се Преспанската спогодба, договорот со Бугарија, Охридскиот рамковен договор и сите закони што се донесени како последица на тие таканаречени големи спогодби, кои демек ја спасиле Македонија. Сите овие наведени договори се правени како под една матрица да не знаеш каде им е почетокот, а каде крајот, со многу нејаснотии и оставање простор за слободно толкување, што значи место за политички манипулации колку сакаш. А ако нешто е нејасно, тогаш повикајте се на верзијата на англиски јазик, која е официјална верзија на договорите. Така е напишано и тоа е како упатство за употреба на некој лек. Но, ете, лекот не дава резултати. Ние сме пуштени во трка со другите народи, но со двете врзани нозе. Болни сме, полни со гнев, фрустрирани, а не би требало, би требало да биде обратно, да сме среќни, да имаме светла иднина и перспектива и за нас и за нашите деца. Зарем толку не можеме да ја видиме светлата иднина? Многу едноставен е одговорот – ако дури 26 проценти се будат со гнев во себе, не ќе да е до народот, значи не се овците кабает, до овчарите е. Просто, народски кажано не ни оди како што треба, а и други истражувања покажаа дека Македонија не се движи во добар правец.
Да ги земеме предвид за анализа само последните пораки на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој како пророк ни вели дека ќе бидеме „проголтани“ од нашите соседни народи и токму Албанците се тие што ќе ги спаселе Македонците. Како мој одговор на ова ќе кажам еден мој дијалог со покојниот Арбен Џафери, тогашен лидер на ДПА, кој велеше дека е горд што ја „албанизирале Македонија“. Јас му реков дека повеќе држи тезата дека „ја косовозирале Македонија“ и тоа, според мене, е ноторен и жалосен факт. За нас како нација и држава можеби во моментов не е најважно дали Ахмети се заканува поттикнат од тоа што е оставен на пуст остров по изборниот бродолом или, пак, е моментална жртва на политички препукувања и престројувања помеѓу Тирана (поголемиот) и Приштина (помалиот брат). За нас е поважна големата слика и каде сме ние во неа. Нам ни е сосема јасно дека ДУИ има капацитети да се заканува и да прави проблеми, но поголемиот проблем е дали системот и социјалните односи се доволно еластични да дадат свој одговор на овие собитија. Дали имаме осмислен и соодветен одговор на нихилизмот на Ахмети и дали се знаат совршено јасно кои се вистинските мотиви на ДУИ да игра вака како што игра.
Има и еден друг момент што како сенка виси над Македонија. Во еден извештај на американските Евреи, кои работат под закрилата на невладината организација „Форвард“, е изготвен светски каталог на околу 1.500 скулптури и имиња на улици што ги слават нацистите и нивните соработници. Меѓу нив има и во САД и во Германија, а ги има и во Македонија – посочени се спомениците на Аќиф Кроси Речани и на Џемо Хаса, нацистички соработници во Втората светска војна задолжени за окупацијата на западна Македонија. Дали над оваа сенка ќе останеме со очи ширум затворени?