Има многу причини зошто умните и богати Норвежани не ја сакаат ваквата осилена Европска Унија, „скарана“ со сопствените темелни европски принципи и вредности, отуѓена од европските народи и нивните вистински политички и економски интереси и барања… А имаат Македонците уште повеќе причини, но и не само тие, туку и сите други македонски граѓани, да си го постават прашањето: Зошто би ни било и натаму потребно зачленување во една ваква аморфна, безлична и геополитички безначајна структура, во што се претвори оваа ЕУ?
Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе ја отфрли расправата за членство на неговата земја во ЕУ како „премногу поларизирачка“. Во интервјуто што го даде за американската новинска агенција „Блумберг“ во Осло, на 28 февруари 2025 година, Сторе беше категоричен дека „Норвешка треба да избегне повторно разгледување на прашањето за можно членство во Европската Унија во време на растечки геополитички тензии, поради опасноста да се предизвика поголема поделба во општеството. Тоа е прашање што многу поделува, поларизира. Овие времиња во кои живееме не се времиња во кои би требало да бараме поларизација. туку сега би требало да бараме единство“, нагласи норвешкиот премиер.
Цитирајќи ги клучните ставови на Јонас Гар Сторе, „Блумберг“ дополни: Нордиската нација – најголемиот извозник на енергија во Западна Европа – има пристап до единствениот пазар преку договорот за Европската економска област, а суверениот богат фонд од 1.800 милијарди долари ѝ дава финансиски мускул да остане надвор од ЕУ. Граѓаните на Норвешка, кои рекоа „не“ за полноправно членство во ЕУ на референдумите во 1972 и 1994 година, покажаа флуктуирачки ставови кон влезот. Во последната анкета, спроведена од „Опинион“ во февруари 2025 година, 53 отсто од испитаниците се против приклучувањето, во споредба со 47 отсто во истражувањето на анкетарот „Сентио“ минатиот ноември, што е најниско ниво од 2009 година.
Дали прашањето за влез во ЕУ многу поделува и многу поларизира и во Македонија?! Во овие вителни балканско-европски времиња на растечки геополитички тензии дали би требало да се избегне или барем да се одложи за некои подобри времиња можното членство и на Република Македонија во ЕУ?! Поради опасноста да се предизвикаат уште поголеми поделби и поларизација и во македонската држава, меѓу Македонците и Албанците, меѓу Македонците како народ?!
Македонија не е Норвешка, нема „енергетско-финансиски мускули“ како оваа богата скандинавска држава, но Македонија и Македонците имаат единствена способност секогаш да ги „погодуваат“ ветриштата на клучните политички настани и да се наредуваат на вистинската страна на историјата, која донесува напредок и позитивни промени за светот и човештвото. Македонците „се построија на вистинската страна на историјата“ и на 30 септември 2018 година, кога пропадна референдумот на кој требаше граѓаните да се изјаснат дали се за интеграција во НАТО и во ЕУ со прифаќање на Преспанскиот договор: одзивот од само 37 проценти беше директно македонско „не“ и за зачленувањето во ЕУ. Но познато е што се случи натаму со насилното газење на ваквата политичка волја на македонскиот народ и со уште понасилното противуставно и противзаконско изгласување на Преспанскиот договор, ништовен и спротивен и на меѓународното право.
Македонците и денес, во оваа 2025 година, пак се на правилната страна на историјата, која ја фрла оваа Европска Унија на „резервната клупа“, додека на теренот играат големите светски геополитички играчи. ЕУ е во директен судир не само со Америка на Доналд Трамп туку и со Кина, а особено со Русија… Има многу причини зошто умните и богати Норвежани не ја сакаат ваквата осилена Европска Унија, „скарана“ со сопствените темелни европски принципи и вредности, „скарана“ и со Трамповата ера на новиот светски поредок, кој се раѓа, но и отуѓена од европските народи и нивните вистински политички и економски интереси и барања. Имаат Македонците уште повеќе причини, но и не само тие, туку и сите други македонски граѓани, да си го постават прашањето: Зошто би ни било потребно и натаму зачленување во една ваква аморфна, безлична и геополитички безначајна структура, во што се претвори оваа ЕУ?
Голем дел од одговорот на ова прашање е содржан во жестоката колумна со укажувачки наслов „Дали разбирате сега дека со нас управуваат лудаци?!“, објавена на 22 февруари 2025 година, во бугарскиот информативен портал „Само вистината“, на бугарската адвокатка Елена Гунчева-Гривова, поранешна пратеничка во 47-то Собрание на Бугарија. „Во заднината на сè повеќе осиромашеното и избезумено европско население, топ-идиотите од ЕУ сакаат да даваат 250 милијарди евра годишно за да се заштитат… од Русија. За да има заедничка европска армија! Лудост е ставањето на иднината на милиони Европејци во рацете на Урсула Лајен, Аналена Бербок, Марта Кос. Можат многу лесно и Макрон и Шолц да преминат во нивната категорија, бидејќи и тие не знаат какви глупости трескаат. Сега помислете како сиромашна Бугарија, каде што пензионерите, па дури и работниците паѓаат во беда, треба да учествува во ова лудило. Наместо пари за пензии и детски додаток – пари за армијата на петтемина што ја водат ЕУ! Ајде сиктер!“, нагласува Гунчева-Гривова во таа колумна.
Анализирано од гледна точка на Македонија, се поставува прашањето дали е сега веќе попотребна трпеливост да се види како ќе се движат натаму работите, а во меѓувреме да им посветиме должно внимание на внатрешните реформски процеси, кои треба самите да си ги наложуваме и да си ги спроведуваме, во сопствена корист, без да чекаме ЕУ да ни кажува што да правиме.
Поради дволичноста и непринципиелноста, поради кршењето на сопствените Копенхашки принципи за влез во ЕУ, повеќе нема да биде добро влегување на Македонија во оваа ЕУ. Тоа нема да биде добро ниту за нас ниту за неа самата. Ние не би требало повеќе да прифаќаме влез на Република Македонија во оваа и ваква ЕУ, на некаква „геополитичка брза лента“, заради некакви политички мотиви на европските елити. Тој терен се подготвува за Украина, а по автоматизам веројатно и за овие наши земји од регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Тоа е поразително и нема да биде добро ниту за нас ниту за ЕУ. Зошто? Затоа што ние не треба да му дадеме легитимитет на официјален Брисел дека бил во право кога ги примил во своите редови и Бугарија и Романија прекутрупа, политички – арбитрарно, игнорирајќи ги сите свои европски вредности и принципи. Тоа беше стравотна политичка грешка на Европската Унија и затоа таа сега ги чувствува последиците… Оваа политичка Европа го изгуби својот кредибилитет, својата доверливост. Таа излезе од рамките на меѓународното право и се обиде да ги заштити своите членки само затоа што се „членки на семејството“, а не застана на страната на правото и правдината. Тоа се потврди особено со бруталното газење на меѓународното право во случајот со „добрососедските договори“ со Грција и со Бугарија. Светот не е слеп, го гледа тоа…
Македонија не беше примана во ЕУ според принципот на заслуги во сите изминати години на изминативе 20 години, наспроти сѐ што правеше. Македонија одамна заслужи да биде во ЕУ, но не во ваква Унија каква што е сега. Затоа на македонската држава сега ѝ се потребни темелно преиспитана и променета позиција и државна политика во однос на ЕУ: слично како и Норвешка, да биде блиску до ЕУ, но не и во неа! На Република Македонија ѝ е потребно само економско-политичко партнерство со ЕУ, во очекување додека Орбан, Фицо и другите лидери на новата суверенистичка Европа ја изградат новата „Европска Унија на суверени нации“. Само во „Европската Унија на суверени нации“ им е местото на Македонија и на сите нејзини граѓани.
Авторот на овие редови е категоричен: На Република Македонија ѝ е веќе местото во светската мултиполарна прва лига, а не во второлигашката Европска Унија! На Република Македонија сега ѝ е најпотребна мултиинтеграцијата, наместо второлигашката евроинтеграција! Што значи ова, конкретно?! На Република Македонија ѝ се потребни соработка со американските компании, геополитичко сојузништво и стратегиско партнерство со Трамп, со неговата републиканска администрација и неговата Америка. На Република Македонија ѝ се потребни стратегиско партнерство, политичка и економска соработка со Орбан и Унгарија – лидерот на новата политичка Европа и на идната реформирана Европска Унија на суверени нации.
На Македонија ѝ се потребни стратегиско партнерство, политичка и економска соработка со Ердоган и Турција, како и со Кина, и вклученост во нејзиниот „Пат на свилата“, со сиот мултиполарен свет, со азиската политичка групација на држави АСЕАН, со Арапската лига, со БРИКС, со асоцијациите на африканските држави, како алтернативи за постојнава ЕУ. Значи, мултиполарна политичка и економска интеграција и соработка со светот, напредок, наместо „тапкање“ во место и поднесување удари, понижувања и уцени од ЕУ.
Свето Тоевски