Независно дали е технолошки криминалец или шампион на слободата на говорот, основачот на комуникациската платформа Телеграм, Павел Дуров, важи за шоумен што обожува да биде во центарот на вниманието. Тој сега го добива публицитетот што го посакува, наоѓајќи се во епска правна битка за која се подготвува целиот свој живот. Каков и да биде исходот, извесно е дека може да има далекосежни последици врз работата и регулацијата на социјалните мрежи, а со тоа и врз речиси сите аспекти од функционирањето на светот
Оваа приказна ги има сите елементи на возбудлив филмски трилер. Апсење, богатство и слава, технологија, криминал, борба за влијание на центри на моќ и контроверзен главен лик за кого до самиот крај не можете во потполност да бидете сигурни дали е херој или негативец. Па, затоа не е ни чудно што со денови го преокупира вниманието на светската јавност. Станува збор за неодамнешното приведување на основачот на комуникациската платформа Телеграм, Русинот Павел Дуров, кое се случи на аеродром во близината на Париз.
Случајот со неочекуваното приведување во рамките на истрагата на француските власти поврзана со наводна криминална активност на Телеграм, поттикна глобална дебата за (ограничување на) слободата на говор и за регулирање (нелегална) интернет-содржина, односно за одговорноста на технолошките гиганти за содржината што се објавува на нивните платформи. Дискусијата за горливата тема набрзо се вжешти, предизвикувајќи поделби меѓу оние со спротивставени мислења.
На една страна се повеќето медиуми од „слободниот“ западен свет, кои сметаат дека Дуров не може да биде симбол на слободата на говорот, поради содржината на Телеграм, додека во таборот на рускиот милијардер (неговото богатство се проценува помеѓу 9,15 и 15,5 милијарди долари) се истакнати борци против цензурата, меѓу кои се сопственикот на социјалната мрежа Икс, Илон Маск, Роберт Ф. Кенеди Помладиот, десничарски настроениот американски новинар Такер Карлсон, најпознатиот светски „свиркач“ Едвард Сноуден, неколкумина од најбогатите претприемачи и инвеститори од Силициумската Долина, како и основачот на видеоплатформата Рамбл, Крис Павловски, кој има македонско потекло. А не е ни чудно што Маск го поддржува Дуров, кој е познат како негова руска верзија, но и како „Марк Закерберг од Русија“, поради споредбите со основачот на Фејсбук. За неговите поддржувачи, Дуров е херој што создава безбедно место за слободен говор, за противниците, тој е негативец што овозможува криминална активност на негова платформа. Во суштина, веројатно и двете тврдења се точни.
Оние што го бранат Дуров веројатно имаат право кога велат дека се создава опасен преседан кога демократија како Франција апси водечки оперативец на компанија поради спор за регулирање содржина. Интересно е што францускиот претседател Емануел Макрон е познат корисник на Телеграм уште од неговата прва претседателска кампања, додека шифрираната апликација со 950 милиони месечни корисници е популарна во француските политички кругови наспроти обидите за сузбивање на нејзино користење од страна на тамошните политичари поради загриженоста за доверливоста. Претпочитањето на Телеграм меѓу онлајн платформите за комуникација, сепак, не го спречи Макрон јавно да ја брани одлуката за апсењето на Дуров, велејќи дека таа не е политичка. Многумина тука ја забележуваат тенденцијата на центрите на моќ да диктираат што смее, а што не смее да се објавува, од позиција на авторитет, додека истовремено пропагираат демократија и ја истакнуваат слободата на говорот како највисок приоритет.
Сепак, треба да се истакне дека Телеграм постојано се соочува со обвинувања дека не прави доволно за спречување на ширењето содржина поврзана со детска порнографија, продажба на дрога и оружје, перење пари, промовирање тероризам, ширење пропаганда, теории на заговор и што ли уште не. Пристапот до неколку канали поврзани со Хамас беше забранет по притисокот со кој компанијата се соочи откако палестинските милитанти изведоа брутален упад во Израел на 7 октомври минатата година. За споредба, вкупниот број на вработени во Телеграм изнесува 50, додека компанијата мајка на Фејсбук, „Мета“, ангажира околу 40 илјади вработени во тимовите задолжени за безбедност на социјалната мрежа. Но, од друга страна, се смета дека е апсурдно сопствениците на технолошките компании да бидат одговорни за содржината, односно злоупотребата на нивните платформи.
Апсењето на Русинот се случува во време кога Европската Унија го засили притисокот за регулација на технолошките гиганти, воведувајќи низа законски прописи со цел да ги заузди, а Дуров е првото големо име од технолошката сфера што би можело да се соочи со сериозни санкции врз основа на новите строги закони и регулативи на европскиот блок. Затоа се смета дека и не е лошо да им се втера малку страв на технолошките гиганти преку примерот на основачот на Телеграм, со оглед на моќта што ја поседуваат. Дуров во меѓувреме е пуштен на слобода откако плати кауција од 5,5 милиони долари и се согласи да не ја напушта Франција, односно двапати неделно да се јавува во полициска станица. Тој е ослободен наспроти ризикот за бегство бидејќи поседува пасоши на Русија, Франција (во францускиот документ е именуван како Пол ду Ров, што е француска адаптација на неговото име), Обединетите Арапски Емирати и на островската држава Свети Китс и Невис, а се соочува со можна затворска казна во траење до десет години.
Повеќе би сакал да бидам слободен отколку да примам наредби од кого било. Овој став што Дуров го изнесе во интервју за „Ројтерс“ во април ја опишува неговата решеност да не подлегне пред никаков авторитет, што тој во повеќе наврати јасно го покажа на дело. Кога во училишните денови ја хакирал школската компјутерска мрежа за да изрази незадоволство кон еден од неговите наставници, кога фрлал своевидни хартиени авиончиња направени од банкноти од по пет илјади рубли (тогаш вредеа околу 160 долари) врз најфреквентната улица во родниот Санкт Петербург во 2012 година или, пак, кога ја напуштил Русија во 2014 година по одбивањето да ги исполни барањата на руските власти за предавање податоци на одредени корисници на неговата комуникациска платформа. И проблемите на Дуров со законот се поврзани со ваквиот пркосен став, бидејќи тој одбива да воведе посилна контрола врз содржината на Телеграм.
Независно дали е технолошки криминалец или борец за слобода на говорот, Дуров, кој важи за шоумен што обожува да биде во центарот на вниманието, сега го добива публицитетот што го посакува, наоѓајќи се во епска правна битка за која се подготвува целиот свој живот. Каков и да биде исходот, извесно е дека може да има далекосежни последици врз работата и регулацијата на социјалните мрежи, а со тоа и врз речиси сите аспекти од функционирањето на светот.