Уште не стивнуваат реакциите во државава по одлуката на Европската Унија да одржи втора меѓувладина конференција со Албанија кон средината на октомври, со што и официјално се распакува пакетот „Македонија-Албанија“ во пристапниот процес и Албанија продолжува сама. Нека ѝ е со среќа, што би рекол нашиот премиер, нејзиниот пат понатаму ќе си зависи исклучиво од она што ќе го постигне во делот на внатрешните реформи, откако претходно им ги исполни желбите и на официјална Софија, за асимилација на македонското малцинство на албанска територија, и на Атина, за ослободување на градоначалникот на Химара. Се разбира, тие отстапки не го засегнаа албанскиот идентитет, така што официјална Тирана ги искористи како адут за евроинтеграциите. Но, нејсе.
Кај нас дома пет дена се кршат копјата кој бил крив што сме отпаднале од пакетот со Албанија, дали актуелната или поранешната влада, но едно е повеќе од сигурно, виновна е анахроната бугарска официјална политика, која успеа прашањата за идентитетот, јазикот и историјата да ги направи европски и сето тоа да го спакува во преговарачка рамка за земјава преку фамозниот „француски предлог“. Тоа е јасно како ден, Бугарија си има поставено јасна цел уште од времето на 19 век, па преку владеењето на Тодор Живков, а продолжува и денес, со некои сегашни бугарски политичари што не можат да се откинат од таа живкоистичка матрица, дека нема Македонци, туку дека сите во Македонија се Бугари и сѐ е бугарско.
Арно ама и на исток почнуваат да дуваат некои нови ветришта што покажуваат дека и во бугарското општество има луѓе што размислуваат поинаку од актуелната бугарска политика, кои гледаат кон иднината во која сакаат да чекорат заеднички со соседна Македонија и македонските граѓани како луѓе што живеат едни покрај други и кои треба постојано да си помагаат и да се почитуваат.
Секогаш кога ќе се тргне политиката настрана, на површина испливуваат вистинските намери за поврзување и соработка по секоја основа, нешто што е од круцијална важност во овие тешки времиња во кои живееме.
Се чини дека новите свежи интелектуални ветришта во Бугарија почнуваат сè посилно да дуваат откако стана јасно дека радикалната бугарска политика кон земјава води кон целосно прекинување на односите меѓу двете општества и создавање омраза кај обичните луѓе, која подоцна многу тешко ќе се искорени.
Интелектуалците се тие што секогаш низ времињата биле оној глас на разумот што водел кон благосостојба и прогрес на народите, кои со своите идеи се спротивставувале на анахроните политички процеси што внесувале поделби, раздор и конфликти, со единствена цел, преку заблудување на сопствените општества полесно да владеат. Ако порано тоа се набљудуваше низ некаква историска призма и разни други историски контексти, актуелните случувања во македонско-бугарските односи покажуваат дека на одредени политички кругови во Бугарија и натаму не им е туѓ ваквиот метод, преку градење историски митови и романтичарски соништа да го блокираат правото на соседна земја да се дефинира себеси идентитетски, јазично, историски и културно, независно и различно од бугарската проекција.
Токму затоа улогата на интелектуалците треба да биде клучна во маргинализирањето на ваквите политички наративи, градени исклучиво поради разни политички и бизнис-интереси, кои немаат никаква реална, ниту, пак, научна основа и кои водат само кон дополнителни поделби. Истовремено, интелектуалната свест подразбира и прифаќање на одговорноста за одредени настани во одредени временски периоди, што всушност ја истакнува големината на еден народ да прифаќа одговорност за одредени погрешни политики.
Затоа сѐ погласно се слуша од бугарската страна дека условувањето со уставните измени е непотребно, блокадата на Македонија е контрапродуктивна, а бугарските историски наративи се надвор од секаква научна логика.
И тоа доаѓа од устата на претставници на БАН, на професори на универзитети, на интелектуалци, уметници, кои отворено се залагаат да престане бугарската агресивна политика кон Македонија и да почнат да се градат и негуваат вистински пријателски односи меѓу двата блиски народа.
За тие интелектуалци не беше туѓо да покажат отворено спротивставување на политиките на официјална Софија во негирањето на бугарската улога во депортацијата на македонските Евреи во логорите на смртта во Треблинка, па и самите да дојдат во Тутунскиот комбинат во Скопје и да положат венци и букети свежо цвеќе, во знак на сеќавање на трагичната судбина на над 7.000 македонски Евреи, истовремено испраќајќи порака до бугарската држава да ја прифати сопствената одговорност за овој чин. Интелектуалците од Бугарија исто така положија цвеќе и пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во пресрет на 4 мај, денот на неговата смрт, со порака дека наместо омраза и меѓусебни обвинувања, треба да се градат мостови на пријателство и соработка.
Истите тие интелектуалци побараа да се напушти тезата за заедничка историја и да му се дозволи на македонскиот народ да гради сопствен историски наратив, да не му се негираат јазикот, идентитетот и сите други атрибути што се одлика на секоја нација.
Се чини дека новите свежи интелектуални ветришта во Бугарија почнуваат сè посилно да дуваат откако стана јасно дека Македонија нема да може да го следи чекорот напред со другите европски земји ако и натаму останува заложник на политиките на кои не им е местото во модерниот демократски и цивилизиран свет. Бугарските интелектуалци го препознаваат тоа и бараат промена, промена што ќе значи вистинско македонско-бугарско пријателство, а не лицемерни флоскули за „блиски народи“, кои некој упорно се обидува да ги оддалечи.