Кај нас, Европскиот ден на јазиците – 26 Септември, речиси и да не се споменува, а уште помалку се одбележува на некој креативен начин. Македонија е меѓу земјите со неповолна статистика во однос на изучувањето странски јазици, иако сме една од ретките земји каде што англискиот е задолжителен од прво одделение. Статусот на странските јазици во училиштата е деградиран со години до степен до кој се доведуваат во прашање неговото значење и одржливост
Во светот има меѓу 6.000 и 7.000 јазици, кои ги зборуваат речиси седум милијарди луѓе. Во Европа има над 200 автохтони јазици, додека најмалку половина од светското население зборува два или повеќе светски јазици… Наредната недела ќе биде одбележан Европскиот ден на јазиците, кој во 2001 година го определија Советот на Европа и Европската комисија како датум за одбележување на богатата јазична култура и разноликост, меѓујазичните испреплетувања и поврзувања, кои ја прават Европа дом на различни култури што се разбираат и поддржуваат. Избран е датумот 26 септември, кога се реализираат разни активности за зачувување на јазичното богатство на европскиот континент и негова промоција надвор како алатка што го поттикнува меѓукултурното разбирање.
Лингвистичката разновидност е една од посебностите на Европа. Во таа насока е и главната идеја на овој ден дека јазиците треба да нѐ приближуваат и да ни покажат како да живееме едни покрај други. Промовирањето на автохтоноста на европските култури и запознавањето со разликите се некои од начините да се запознаат различни културни средини со богата јазична историја. Учејќи го јазикот на другиот ги запознаваме неговото опкружување, неговата култура и традиција. Целта на овој ден е да им се даде значење на јазиците како фундаментален и нераскинлив дел од културното наследство на Европа. За таа цел, низ цела Европа, 700 милиони Европејци се охрабруваат да почнат да изучуваат повеќе јазици, на која било возраст, во или надвор од училиштaтa.
Учењето јазик е корисно за секого, нема ограничување колку години треба да има некој за да започне да учи странски јазик. Учењето туѓи јазици исто така е начин што ни помага подобро да се разбереме и да ги надминеме нашите културни разлики. Од економска страна, глобализацијата и современите облици на работа значат дека на граѓаните сè повеќе им треба познавање на странски јазици за ефективно да се вклопат во туѓата средина. Познавањето само на англискиот јазик повеќе не е доволно.
Низ Европа, на овој ден во многу основни училишта, наставниците држат предавања за важноста на учењето странски јазици, ги запознаваат децата со културата и историјата на европските земји и ги охрабруваат учениците да покажат понатамошен интерес за учење јазици. Во Полска, на пример, Денот на јазиците се одбележува со разговор за познати личности од различни земји, презентации за странски јазици и дегустација на храна од тие земји. Швеѓаните го прославуваат овој ден во училиштата со организирани активности за учениците како квизови и говори. Во некои основни училишта во Словачка се организираат целодневни активности што се состојат од комуникација на странски јазици, проекти и квизови приспособени и за деца и за возрасни. А во Португалија, наместо еден ден, се слави цела недела каде што учениците од други земји се поканети да кажат или да изрецитираат нешто на нивниот мајчин јазик. Учениците и студентите учествуваат во забавни онлајн активности преку игри и квизови, се организираат музички настани за промовирање различни јазици и музички жанрови, се организираат патувања за средба на ученици од двете страни на границата.
За тоа говори и фактот дека и оваа учебна година, како и претходните седум, учениците ја почнаа без учебници за странски јазици. Министерката за образование вети дека од следната година нема да биде така, откако претходно преоптимистички изјави дека тоа и не е некој проблем бидејќи „и така децата ги учат јазиците од серии“!
Кај нас, овој ден речиси и да не се споменува, а уште помалку се одбележува на некој креативен начин. И последното големо истражување на Евростат за јазичните вештини на европските граѓани покажа дека во Македонија повеќе од една третина од испитаниците (31,7 отсто) не зборуваат странски јазици, 38,6 Македонци зборуваат еден странски јазик, а само 9,7 отсто зборуваат три или повеќе. Тоа што Македонија е меѓу земјите со неповолна статистика, меѓу другото е и одраз на формалното учење и настава по странски јазици во македонскиот образовен систем. Иако сме една од ретките земји каде што странскиот јазик е задолжителен од прво одделение, тоа е англискиот, а според податоците од Државниот завод за статистика, втор најизучуван јазик од 2013 до денес е германскиот (претходно тоа место го заземал францускиот), статусот на странските јазици во училиштата е деградиран со години до степен до кој се доведуваат во прашање неговото значење и одржливост.
За тоа говори и фактот дека и оваа учебна година учениците ја почнаа без учебници за странски јазици. Учебниците за странски јазици: англиски, германски, француски и италијански, не биле одобрени поради нивниот неквалитет од Бирото за развој на образованието. Веќе неколку години по ред учениците во основните училишта немаат учебници за одредени предмети, меѓу кои и за странските јазици. Поранешните министри ветуваа решавање на проблемот, но учебници за сите предмети и натаму нема. Неверојатен е податокот што неодамна го соопшти министерката за образование Весна Јаневска дека вкупно веќе седум години учениците немаат учебници по странски јазици, како ни учебници за јазик и култура на заедниците, и вети дека од наредната нема да биде така, откако претходно преоптимистички изјави дека тоа и не е некој проблем бидејќи „и така децата ги учат јазиците од серии“ и нема потреба од „учење на граматиката“!
Ваквиот став не оди во прилог на општоприфатеното мислење дека познавањето странски јазици во денешно време е еден од основните предуслови да бидеме во тек со брзиот начин на живот и постојаниот развој, па оттука и од големо значење е да се обрне поголемо внимание на процесот на изучување странски јазик и низата прашања поврзани со него, како на пример: од која возраст е најдобро да се почне, дали се оптоварува детето, колку јазици може да се учат паралелно итн. По сѐ изгледа дека кај нас сѐ уште не постои свест за придобивките од изучувањето на странските јазици, како што се подобрување на меморијата и зголемување на мозочната активност, поттикнување на критичкото размислување, чувството на самодоверба што доаѓа со стекнувањето на оваа вештина, зголемување на желбата за истражување и учење нови нешта, зголемен ентузијазам, љубопитност, сигурност, поголема отвореност кон туѓите култури…