На денот кога се споиja небото и земјата, и потоа…

Голем број граѓани во текот на завчерашниот ден претрпеа некаква штета. Некои од нив со часови црпеа вода од подрумските простории. Кај многумина протекоа покривите, прозорците… Сите се снаоѓаа како знаеја и умееја. Едно е јасно, метеоролозите предупредија дека доаѓа големо невреме и ние требаше да бидеме колку-толку подготвени за тоа. И ние, но и јавните служби, кои требаше претходно да го подготват теренот за вакво невреме. Со оглед на тоа што веќе ни е најавено дека топлиот и смирен Ел Нињо заминува, а на негово место доаѓа Ла Ниња, која е бурна и турбулентна, нешто што ни го покажа завчера, а своето лице го покажа и во 2016 година, кога ни се случи хаваријата во Стајковци, можеби ние не преземаме доволно за да се заштитиме во вакви ситуации?

Шахти како фонтани, блокирани улици од паднати дрвја и гранки, преполни шахти од кои извираше вода, поплавени дворови, подруми и улици, паднати железни огради и што ли уште не се само дел од последиците од завчерашното невреме што го зафати Скопје.
Прво невремето направи ’ршум во Тетово, а потоа премина во Скопје и ги отвори старо-новите рани за граѓаните.
Една од најболните точки за скопјани е бетонизацијата на градот, поради што речиси при секое невреме се покажуваат слабостите што се резултат од лошото менаџирање со градот низ годините.
И токму затоа улиците ни се преполнуваат со вода како во Венеција, затоа што атмосферската канализација нема капацитет да го собере надојденото количество на вода. Дел поради тоа што, како и секогаш, таа е преполна со ѓубре, догорчиња и лисја, а од друга страна причина се новоизградените згради, кои неплански ја пренасочуваат водата, која во ситуации на вакво невреме доаѓа во енормно големи количества. На овие локации пред да се изградат огромни бетонски зданија некогаш имаше зеленило, кое успешно ја апсорбираше сета надојдена вода, но сега тоа не е случај. Школски пример за тоа е Бутел 2, каде што двете нови згради „успешно“ ги поплавија погорните улички, бидејќи ако пред нивното градење водата си имаше нормален тек кон шахтите и кон зеленилото, кое природно ја апсорбираше водата, денес е попречена од огромните згради, па ги наполни дворовите, подрумите и уличките на куќите пред зградите.
Атмосферската канализација, како и при секои поројни дождови така и сега, се однесуваше како фонтана наместо како атмосферска канализација. Причината секогаш е иста. Оправдувањето од надлежните е секогаш стандардно – или е преполна со ѓубре или е премногу големо количеството на вода што надошло.
За дрвјата воопшто и да не спомнувам. Низ градот има толку многу дрвја што се ризични за безбедноста на граѓаните, а кои при секое вакво невреме немилосрдно смачкуваат сѐ што ќе им се најде на патот.

Па така, тука најчесто страдаат возилата и иако делумно и тоа не е нешто за фалење, среќа во несреќа е што досега таквата состојба на дрвјата не довела во ризик човечки живот. Иако долги години се поставува прашањето зошто тие не се сечат, кога ќе ни се случи ваква хаварија остануваат граѓаните со милион прашалници што треба да направат и кој треба да ги преземе последиците од причинетата штета. Секако дека тука има уште милион „заврзлами“ за граѓаните доколку некој сака да побара обесштетување, кое нема секогаш да го добие. За тоа ќе треба теренски да се увиди дали дрвото било обележано дека е подготвено за сечење и слично.
Градилиштата се уште една мошне болна тема што секојпат ни ја отвора некое вакво „безобразно“ невреме, кое сака да ни ги покаже сите недостатоци на метрополата. Од нив во текот на силното невреме, ветрот успева да „разлета“ табли и разни полесни премети од едно градилиште. И покрај тоа што законот е категоричен и градилиштата треба да бидат соодветно обезбедени токму заради вакви причини, се чини дека никому не ми е грижа. Ниту на тие што градат, ниту на тие што треба да го спроведуваат законот.
Според извештајот на ЦУК, се чини дека нема каде невремето не направило штета. И тоа штета лично за граѓаните и нивниот имот.
Голем број граѓани во текот на завчерашниот ден претрпеа некаква штета. Некои од нив со часови црпеа вода од подрумските простории. Кај многумина протекоа покривите, прозорците… Сите се снаоѓаа како знаеја и умееја. Едно е јасно, метеоролозите предупредија дека доаѓа големо невреме и ние требаше да бидеме колку-толку подготвени за него. И ние, но и јавните служби, кои требаше претходно да го подготват теренот за вакво невреме.

Со оглед на тоа што веќе ни е најавено дека топлиот и смирен Ел Нињо заминува, а на негово место ни доаѓа Ла Ниња, која е бурна и турбулентна, нешто што ни го покажа завчера, а своето лице го покажа и во 2016 година кога ни се случи хаваријата во Стајковци, можеби ние не преземаме доволно за да се заштитиме во вакви ситуации?
Еве како за пример ќе ја споменам соседна Србија, каде што имаат голем број метеоролози и метеоаларми за да им укажат на граѓаните за степенот на невремето што доаѓа во земјата и во делови од неа. Во Грција е исто. И туристите таму добиваат СМС за активни опасни пожари, иако не се жители на земјата.
Само кај нас село гори, а баба се чешла. Ние се однесуваме како да сме недопирливи…

[email protected]