Музеите не служат само за изложби

За навистина да заживее концептот на современи музејски простори што ќе ги следат глобалните промени не е доволно на музејот како институција да му се пристапи само како на изложбен простор, пред сѐ треба да се размислува за искуствата на заедницата. Патот до инклузивни и отворени простори што можат да им служат на различните потреби на сите граѓани е долг и сложен процес дури и во светот, а за нас е многу далеку од реалноста

Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, и годинава кај нас се одбележа со различни активности, па така Музејот на Македонија го одбележа денот со промоција на публикацијата „Кузман Јосифоски-Питу – животна приказна“, а во Археолошкиот музеј во Скопје беа организирани различни настани под насловот „Музеи, едукација и истражувања“, кои се осврнаа на современите прашања од археолошката наука, како и на новите пристапи кон интерпретацијата и заштитата на културното наследство. Посебен акцент беше ставен на образовната улога на музеите и нивната поврзаност со пошироката заедница. Овие активности беа во согласност со годинашната тема на Меѓународниот ден на музеите, предложена од ИКОМ, „Иднината на музеите во заедници што брзо се менуваат“, која има цел да ја истакне улогата на музеите како активни чинители во современото општество…
Годинашната тема на празникот ја актуализира темата за состојбата во која функционираат нашите музеи во споредба со она што се случува на светската културна мапа. Само како илустрација за тоа каде оди светот се глобалните климатски промени, загрижувачката состојба ги поттикна и културните институции во светот да се вклучат во ублажување на последиците од климатските промени. Релативно нова практика е претворањето на некои од светските музеи и други културни институции во „климатски засолништа“ за ранливите членови на општеството, како што се бездомниците, за време на екстремни климатски непогоди, како топлотни бранови во лето или ниски температури во зима. Институциите, главно музеите, кои најчесто се градби со дебели ѕидови и инфраструктура за одржување оптимална и стабилна температура, пристап до санитарни јазли и вода за пиење, почнуваат да се користат за засолнување на ранливите категории луѓе во нетипични временски услови. Отворањето на вратите на музеите за време на летните топлотни бранови и зимските непогоди се покажува како практика од витално значење.
Каква е ситуацијата кај нас и дали вакви и слични светски музејски трендови би можеле да се имплементираат? Прво се поставува прашањето за тоа колку домашните музејски институции ги задоволуваат стандардите за развој на еден ваков концепт, особено ако се има предвид дека само мал дел од нив се градби во добра состојба, а уште помалку имаат простории со оптимална температура. Кај нас музејските простории во зима се престудени, а во лето претопли.

Нашите културни институции и вака едвај наоѓаат средства, па зголемувањето на трошоците за електрична енергија за затоплување и ладење, секако, би се одразило на нивниот и онака скромен буџет за одржување. Пред некоја година поради оштетување и прокиснување на покривот беше повлечена вредната галерија на икони од Музејот на Македонија. Иконите беа сместени во депо до создавањето подобри услови за да се изложат. Покривот подоцна беше саниран, но објектот сѐ уште е само делумно функционален поради оштетувања на градбата. Ваквите проблеми особено се чести во културните институции надвор од главниот град. Во повеќе наврати е пишувано за крушевскиот „Македониум“, чии ѕидови околу витражите се варосуваат само за да се замаскира и затскрие катастрофалната состојба. Кога врне, внатре во споменикот протекува вода од витражите и кородираната метална конструкција, а вода навлегува и преку пукнатините во самата бетонска конструкција на објектот. Честопати водата ја има во толку големи количества што таа прави цели вирови на самиот под…

Пред некоја година, кога Македонија исто така го одбележуваше 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите, од Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) посочија дека дури 90 отсто од установите од овој вид се во многу лоша состојба, главно се соочуваат со проблеми со инфраструктурата, депоата, но и со измешани надлежности

Ова се само неколку примери на негрижа за музејските и културни институции кај нас. Пред некоја година, кога Македонија исто така го одбележуваше 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите, од Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) посочија дека дури 90 отсто од установите од овој вид се во многу лоша состојба, главно се соочуваат со проблеми со инфраструктурата, депоата, но и со измешани надлежности…
Имајќи го сето ова предвид, за навистина да заживее концептот на современи музејски простори што ќе ги следат глобалните промени не е доволно на музејот како институција да му се пристапи само како на изложбен простор, пред сѐ треба да се размислува за искуствата на заедницата. Патот до инклузивни и отворени простори што можат да им служат на различните потреби на сите граѓани е долг и сложен процес дури и во светот, а за нас е многу далеку од реалноста.