Доколку внимателно се анализира, но и доколку се земат предвид и ставовите на истакнати релевантни познавачи на оваа проблематика, може да се заклучи дека оваа нова глобална поставеност е шанса за помалите држави, како што е Македонија, да изнајдат повеќе можности за остварување на сопствените интереси, на пример, шанса за разновидност во економските односи, вклучително и технолошка размена или инвестициски можности, каков што е последниот крупен договор помеѓу Македонија и Обединетото Кралство
Неколку параметри потврдуваат дека светот денес живее во мултиполарност, а тоа е особено очигледно и во светската економија каде што повеќе не доминира една сила, како што Соединетите Американски Држави непречено беа доминантни по Втората светска војна. Дека нештата не се како во минатото потврдува и последниот заклучок од Минхенската безбедносна конференција, во кој се нагласува дека мултиполарноста е зголемена во светот, нешто што е условено од појавата на нови моќни актери во глобалните политички и економски текови. Новата глобална реалност вели дека моќните држави се принудени да преговараат меѓу себе, обидувајќи се да ги максимизираат придобивките за себе. Оттука во мултиполарниот свет, одлуките честопати се носат врз основа на разбирање на матрицата за исплатливост, односно се идентификуваат стратегии што поттикнуваат соработка, како што се меѓусебно корисни стратешки политички или трговски договори.
Во новиот мултиполарен свет, придобивките и исплатливоста се суштински, оттука многу држави како што се т.н. средни сили – Индија, Бразил, Јужна Африка, Турција, Нигерија и Индонезија, се насочени кон градење блиски релации со моќни земји во најголем дел преку форсирање инвестициски циклуси. Во овој контекст е и искажувањето на Дани Родрик, професор по меѓународна политичка економија на Универзитетот „Харвард“, дека т.н. средни сили – Индија, Бразил, Јужна Африка, Турција, Нигерија и Индонезија, нудат нова визија за глобална економија.
Доколку внимателно се анализира, но и доколку се земат предвид и ставовите на истакнати релевантни познавачи на оваа проблематика, може да се заклучи дека оваа нова глобална поставеност е шанса за помалите држави, како што е Македонија, да изнајдат повеќе можности за остварување на сопствените интереси, како и шанса за разновидност во економските односи, вклучително и технолошка размена или инвестициски возможности, како што е последниот стратешки договор меѓу Македонија и Обединетото Кралство.
Македонија како мала држава мора да се избори за своето место во мултиполарниот свет, но потребни се проактивност и дипломатија врз принципот на придобивките и исплатливоста, како и заштита на сопствените интереси, во интеракција со моќните играчи. Во оваа смисла се и тековните активности на Македонија како држава и нација, односно залагањето за почитување на традиционалните меѓународноправни гаранции, но и градењето блиски релации со моќни нации, во најголем дел преку форсирање инвестициски циклуси. Добрите односи со крупните играчи може позитивно да се одразат во економијата и благосостојбата на македонското општество.
Во овој контекст може да се разбере и последното стратешко партнерство со Обединетото Кралство, но и потребата за продлабочување на соработката со Соединетите Американски Држави, секако и со регионалните лидери како што е Република Турција. Но интеракцијата треба да биде врз основа на придобивките и исплатливоста, а не прифаќање штетни договори за државните интереси како што беше францускиот предлог, со што Македонија стана заложник на бугарската иредентистичка и шовинистичка политика.
Дека постојат можности потврдува и Давор Дијановиќ, хрватски надворешнополитички аналитичар, кој вели дека центарот на гравитацијата на светската моќ се поместува во Азиско-пацифичкиот Регион, а исто така сме сведоци на одредени обиди за економска и политичка еманципација на земјите, таканаречениот глобален југ. Земјите од БРИКС веќе покажаа тенденција да создаваат одредени финансиски и други алтернативи на западните институции. Со оглед на големата популација на овие земји, реално е да се очекува зајакнување на улогата на БРИКС. Од друга страна, Америка постојано покажува голем потенцијал за политичка, економска, воена и интелектуална мобилизација, па затоа не би ја отпишал, како некои аналитичари, оваа, сè уште најмоќна земја во светот, вели Давор Дијановиќ.
Очигледно е дека Македонија треба да ги зајакне своите дипломатски, институционални и економски капацитети доколку сака да се снајде во новиот мултиполарен свет, бидејќи од нашите капацитети ќе зависи и нашата моќ за преговарање и за подобар пристап до технологија, капитал и пазари. Мултиполарноста исто така е и можност за Македонија за директни странски директни инвестиции бидејќи помалите нации честопати се наоѓаат на нишанот на повеќе инвеститори, од кои секој нуди конкурентни услови за да обезбеди долгорочни економски врски. Овој прилив на инвестиции може да го стимулира македонскиот економскиот раст, но и да ја поттикне македонската економија.