- Наместо празни муабети, подобро е ЕУ да почне да дејствува, да го искористи овој самит за конкретни решенија. Токму проширувањето е решение за сѐ, и за војната во Украина, и за конфликтите на Балканот, и за климатските промени, и за безбедноста, буквално за сѐ. Обединета Европа ќе си ги чува своите граници, ќе работи на европската економија, на зелените политики, на демократските вредности, на инфраструктурата, на новата европска безбедносна структура, на сите аспекти што значат силна Европа и силни европски нации. Со почитување на сите може да се врати вербата дека европските вредности повторно се во игра, тие се главниот критериум по кој треба да работи секоја земја членка, а кога постојат јасни правила на игра, има и напредок. Затоа мултипасот е најдоброто решение за прием на сите земји кандидати. Украина воопшто не е подготвена за полноправно членство, земјите кандидати се делумно подготвени, така што приемот со ограничени права е вин-вин ситуација за сите. Земјите веќе ќе немаат дилема за својата европска иднина, уште помалку ќе имаат изговори пред своите граѓани зошто доцнат со реформите. Плус, ЕУ е тука директно да мониторира и диригира
Утре и задутре се одржува традиционалниот состанок на шефови на држави и влади на земјите членки на Европската Унија, на кој, како по обичај, на крајот од состанчењето се носат некакви заклучоци, кои барем за Македонија се секогаш исти – направете го уште ова и готова е работата.
Она што е повеќе од извесно, тоа е дека во соопштението по дводневниот самит веројатно ќе се најде некоја штура реченица и за земјава, во која само ќе се констатира дека земјава не ја исполнила преземената обврска за уставни измени, па затоа и стартот на преговорите доцни. Дома, знаеме, ќе следуваат канонада напади од опозицијата дека назадуваме, дека сме заглавени, нѐ навјасал овој или оној свет, додека власта ќе се брани дека вака е затоа што некој друг прифатил штетни договори, шири хистерија со мигранти, не се реформира и слично. Во меѓувреме, аналитичарите ќе се осврнуваат на запирките, семантиката, ќе толкуваат зошто само во една реченица нѐ спомнале, какви пораки ни испраќаат Европејците, а народот ќе се слика.
Прашање е воопшто и колку проширувањето ќе биде тема на овој дводневен самит, имајќи ја предвид актуелноста на случувањата со Украина. САД притискаат да се постигне мировно решение до Божиќ, а Европа бара начини како да дојде до својот дел од колачот. Повеќе од извесно е дека Американците најдобро ќе заработат од целата работа, а една од точките на тој иден мировен план, откако Зеленски и јавно изјави дека членството во НАТО повеќе не е опција за неговата земја, ќе биде забрзаното зачленување во ЕУ. Само на тој начин Европа ќе профитира од војната што никој не ја добива, а во која страдаат обичните луѓе.
И кога ќе се отвори прашањето за брз колосек за Украина, заедно со Молдавија, тогаш што правиме со земјите од Западен Балкан? Ќе ги остават надвор по децении чекање и подготвување? Колку и да сакаат европските лидери следните два дена да дискутираат за Украина, на крајот на краиштата сѐ завршува со проширувањето и конечното дефинирање на европската источна граница. Но, за да се реши Украина, Европа мора да примени „мултипас“ пристап. Тоа значи прием на сите одеднаш, во ист пакет, односно низ еден влез. И не, ова не е идејата што српскиот претседател Вучиќ ја изнесе неодамна пред Урсула фон дер Лајен, тоа е претходна идеја на многу европски политичари и лоби-групи на кои им е кристално јасно дека ако Украина влезе пред Западен Балкан во ЕУ, тогаш дефинитивно овој простор е загубен за Европа. И не само тоа, пострашно е што целото подрачје влегува во безбедносен ризик, кој може да го дестабилизира целиот југоисток на Стариот Континент. Европа ја направи таа грешка со поранешна Југославија, срамота е да ја повтори. Впрочем, последните истражувања на „Балкански барометар 2025“ на Советот за регионална соработка покажуваат дека четвртина од граѓаните на Македонија сметаат дека земјата никогаш нема да стане членка на Европската Унија.
Ако не се случи мултипас за влез во ЕУ, сегашните 62 отсто што и натаму веруваат во Унијата, веројатно ќе бидат тие што први ќе се откажат од неа. Во другите земји бројките се уште полоши, така што играње топло-ладно со проширувањето не е најпаметната работа.
Напротив, како никогаш досега е потребна европска експедитивност. Истата онаа експедитивност што имавме можност да ја видиме викендов, кога за неполни 24 часа се најде решение како да се отстрани француското вето на затворањето на две преговарачки поглавја на Црна Гора. Наивно е да веруваме дека црногорскиот премиер или некој друг од црногорскиот врв му свртел на Макрон, па овој веднаш го тргнал ветото. Си велам, како бре Европејците не беа толку експедитивни за 24 часа да го тргнат француското вето и за нас, немавме ли и ние како Црногорците некоја јака фаца што ќе му сврти на Макрон и ќе му каже „знаеш ли кој сум јас“, за да не нѐ попречува сега кога го сменивме името. Можеби не вртеле за да не ги чарџираат заради роамингот. Или можеби и го барале, ама бил надвор од мрежно покривање. Кој да знае. И кога навреме не го добија Макрон на линија, тој ни го смести и францускиот предлог, па сега глава не можеме да кренеме.
Затоа, наместо празни муабети, подобро е ЕУ да почне да дејствува, да го искористи овој самит за конкретни решенија. Токму проширувањето е решение за сѐ, и за војната во Украина, и за конфликтите на Балканот, и за климатските промени, и за безбедноста, буквално за сѐ. Обединета Европа ќе си ги чува своите граници, ќе работи на европската економија, на зелените политики, на демократските вредности, на инфраструктурата, на новата европска безбедносна структура, на сите аспекти што значат силна Европа и силни европски нации. Со почитување на сите може да се врати вербата дека европските вредности повторно се во игра, тие се главниот критериум по кој треба да работи секоја земја членка, а кога постојат јасни правила на игра, има и напредок.
Затоа мултипасот е најдоброто решение за прием на сите земји кандидати. Украина воопшто не е подготвена за полноправно членство, земјите кандидати се делумно подготвени, така што приемот со ограничени права е вин-вин ситуација за сите. Земјите веќе ќе немаат дилема за својата европска иднина, уште помалку ќе имаат изговори пред своите граѓани зошто доцнат со реформите. Плус, ЕУ е тука директно да мониторира и диригира.
Овој мултипас може уште сега да се изгласа. Впрочем, ЕУ веќе сега почнува да гласа со квалификувано мнозинство за многу работи, така што нема зошто и за ова да не се одлучува без консензус. Промените внатре во ЕУ се почнати, затоа подобро е во тие промени да бидат вклучени сите, бидејќи на тој начин ќе се постават цврсти темели на идната обединета и силна Европа. Сѐ друго се празни муабети и уште една безлична фотографија на луѓе што можеле да направат нешто, но не го сториле тоа.

































