Навистина е тажна сликата на разочараниот Зеленски како ја напушта Белата куќа и како веќе следниот ден го гушкаат европските челници во Лондон, тажна е затоа што Украинците паднаа на странските манипулации и дозволија да им се уништи земјата, која никогаш повеќе нема да биде иста. Народски кажано, сите ја раскупусарија. И оние што во Лондон завчера го гушкаа Зеленски, не го гушкаа затоа што го сакаат, туку затоа што им се мили украинските ресурси. Зошто сѐ да земат Американците и Русите кога и тие можат да земат дел
Откако изминатиот викенд средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп доживеа тотално фијаско, небаре гледаме епизода од реалното шоу „Апрентис“, во која Трамп му дава „отказ“ на кандидатот што не ги исполнил неговите очекувања, речиси истиот ден шоуто го презеде Европа.
Европејците како одвај да чекаа да се случи некаков курцшлус во Белата куќа и да пропадне најавениот украинско-американски договор за постигнување мир во Украина, по што британскиот премиер Кир Стармер веднаш го покани Зеленски на утешителен состанок во Лондон, да му каже да ја батали Америка и да се сврти кон Европа оти таа ќе му дава оружје да ја продолжи агонијата на сопствената земја. Кога некој ќе порача такво нешто, здравата логика вели дека мирот не е ниту на повидок со вакви зовриени глави. Дури претседателката на Европската комисија отиде дотаму што порача дека Европа мора да се подготвува на најлошото!?
И додека европските мејнстрим-медиуми продаваат пувки дека Европа се грижи за Украина за разлика од „самобендисаните“ САД, вистината е многу поинаква. Таа вистина им е кристално јасна на сите оние од Вардар до Триглав, кои во 1990-тите години од минатиот век ја доживеаја истата европска лицемерна политика.
Кога почна распадот на поранешна Југославија, истата таа Европа проповедаше дека е за мир, за мирно раздружување на југословенските република, па дури имаше идеја и за брзо интегрирање на цела Југославија во рамките на Европската економска заедница, како што тогаш се нарекуваше сегашната Европска Унија, која стана унија со Договорот од Мастрихт во 1992 година.
И додека тогашните европски челници се собираа наоколу, држеа состаноци, се гушкаа со дел од поранешните југословенски лидери, демек бараат решение за мирно раздружување на југословенските републики, некои членки што беа во рамките на ЕЕЗ им продаваа оружје на некои од републиките, на нивна територија обучуваа паравоени формации, уфрлаа странски инструктори и разузнавачи и ја поткопуваа земјата одвнатре. На крајот таа лицемерна европска политика резултира со крвава граѓанска војна, во која илјадници луѓе ги загубија животите, илјадници беа раселени, за на крајот ничкосани и дополнително осиромашени, сите да коленичат пред Брисел за влез во ЕУ.
А целта на таа крвава војна беше јасна, да се разбие една пристојна држава и да се добијат слаби единки во кои многу полесно ќе си ги остваруваат сопствените империјалистички интереси. Тоа и се случи. Западниот капитал влезе во сите фабрики, компании, буквално секаде каде што имаше можност. Одеднаш профитот наместо дома, почна да се одлева во странство. Класично ново колонијално ропство, само фасадирано под термините „демократија“ и „пазарна економија“. Капак на сѐ беа и аранжманите на Светската банка и на Меѓународниот монетарен фонд, со што должничкото ропство се завери за век и веков.
Сега истото сценарио ЕУ го спроведува и врз Украина. Ги минираше сите можни мировни решенија, особено фамозните договори од Минск, кои ако останеа во сила, тогаш тригодишната војна веројатно немаше да се случи. Ама очигледно некому преку Ла Манш не му се допаѓаше некој друг да ја има контролата, па почна да ровари и да го поткопува договореното, исто онака како што го поткопаа обидот за брзо ставање крај на руско-украинскиот конфликт набрзо по избувнувањето, кога под покровителство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се одржа средба на руска и украинска делегација во Истанбул и беше постигнат договор за крај на конфликтот. Тој мировен договор го минираше поранешниот британски премиер Борис Џонсон, директно придонесувајќи за потпалување на војната. Тоа беше направено затоа што и Британија има свој лукративен интерес во Украина и не беше во нејзин интерес мирна разврска, како што ниту сега не е за моментален прекин на огнот. Значи, никој да нема дилема, на сите што сега се удираат во гради и цврсто стојат на страната на Украина, буквално им е гајле за страдањата на Украинците, за пустошењето на нивната земја, за финансиското ропство во кое запаѓа земјата и од кое нема да се извлече ниту за сто години. Единствено што им е важно е како да си ги остварат сопствените интереси и затоа упорно ја форсираат воинствената реторика. Нив ги интересираат житниците, ги интересираат минералите, енергентите, односно сѐ што на западњаците ќе им донесе полагоден живот. Тоа е вистинската „загриженост“ на ЕУ за Украина, какви реформи, какви бакрачи. Европејците не ги интересираат обичните луѓе што во 21 век се соочуваат со бомбардирања, глад и пустошења. Ако Европа беше искрена во намерите со Украина, тогаш уште на времето ќе се спротивставеше на американските замешателства во настаните на „Мајдан“ пред повеќе од десет години, ќе отвореше дијалог, ќе притискаше сите да се држат до Минските договори и ќе работеше на подобрување на правата на сите малцински заедници во земјата, за да не може никој да се пожали дека некакви права му биле ускратени, па затоа морал да земе оружје и да прогласува автономни области.
ЕУ требаше во Украина да ги инкорпорира европските вредности, наместо да испраќа инструктори што ќе ја подготвуваат украинската војска за војна со Русија. Со таквите потези Европа почна со милитаристички пристап, далеку од здравиот разум и разбирањето на европската идеја како водилка кон еден отворен и демократски свет на вредности и принципи. Тоа го призна и поранешната германска канцеларка Меркел, која рече дека со Минските договори само купувале време за да ја подготват Украина за војна со Русија. Во последно време ЕУ повеќе како да личи на воена организација, паралелна со НАТО, отколку како унија на држави собрани да градат подобар живот за граѓаните на европскиот континент.
Навистина е тажна сликата на разочараниот Зеленски како ја напушта Белата куќа и како веќе следниот ден го гушкаат европските челници во Лондон, тажна е затоа што Украинците паднаа на странските манипулации и дозволија да им се уништи земјата, која никогаш повеќе нема да биде иста. Народски кажано, сите ја раскупусарија. И оние што во Лондон завчера го гушкаа Зеленски, не го гушкаа затоа што го сакаат, туку затоа што им се мили украинските ресурси. Зошто сѐ да земат Американците и Русите кога и тие можат да земат дел. Ова ме потсети на една класична филмска сцена што обично се среќава во повеќето воени филмови, во која војници по завршената битка ги проверуваат телата на убиените, па секој си го зема она што нему му пасува, некој чизми, некој шинел, некој матарка, некој колан, некој ракавици… Како мршојадци… За жал, така е и со Украина, таа лежи убиена на фронтот, а другите, кои пукаа во неа, сега го грабаат сето она до кое можат да се доберат.
Ако остана барем малку разум кај оние што носат одлуки, нека ја побараат човечноста во некој дел од својата душа и нека стават крај на војните и измачувањата на луѓето во Украина и секаде во светот, па откако ќе престане пукањето, нека седнат и како разумни луѓе нека бараат решенија. Најважното од сѐ не се ниту минералите ниту нафтата ниту гасот, најважно е оружјето да тивне.