Ете, Катар му даде авион на Трамп, и тоа голем, „боинг“, а таков подарок не се одбива. Претседателот на ЈАР, Рамафоса, му рече на Трамп дека тој нема авион за подарок, а одговорот беше – па штета, да ми дадеше ќе го земев. Ние дадовме многу за членството во ЕУ (и НАТО), ама Унијата се прави дека не сме дале и бара уште. Па, затоа се прашувам јавно – можеби треба Македонија на Каја Калас да ѝ поклони ако не „боинг“, тогаш некое авионче. Сепак, бидејќи таа ни доаѓа на гости, нели е редот таа да донесе подарок? А, што ни донесе Калас?
Насловот мислите дека е онака изваден од џеб? Не е. Каја Калас вчера престојуваше во прва посета на Македонија, а светските трендови во високата политика се да се даваат подароци. Потсетете се дека и Господ сака подароци, па ги повикал Каин и Абел да му донесат нешто, подарок на кој лично ќе му се израдува и ќе го прифати со задоволство. Арно ама…едниот подарок не го прифатил, што го налутило суетниот Каин, па го убил брата си… Тоа може да се вика тест на вербата, тест на моќта, на страстите… како сакате. Некои, јас би рекол повеќето, на тој тест паѓаат.
Државата Катар на Доналд Трамп му подари чичка нов авион, а Трамп со задоволство го прифати. Дали некој го извлече ножот како одмазда за овој подарок? Чекаме, сега засега не знаеме.
Трамп имаше потоа една не баш пријатна средба во Белата куќа со претседателот на Јужна Африка (членка на БРИКС), Сирил Рамафоса, која воопшто не била пријатна откако американскиот претседател го пречекал поканетиот гостин со видео за црнечките злодела врз белите фармери. ЈАР е тешка земја, обременета со апартхејдот на белците врз црнците, а сега има обвинувања за обратен процес. Лошо, лошо. Не беше тоа замислата на Нелсон Мандела. Имав можност да следам едно предавање од Јужноафриканецот (белец) Ханес Зиберт, кој работел на процес на помирување по апартхејдот. Раскажа една драматична случка. Тој договарал средба на една црнечка жена, мајка, врз чие семејство белци направиле злосторство со убиства. Било договорено таа да се сретне со белиот богаташ, злосторникот, во неговата раскошна вила. Сѐ било добро, сѐ течело според договореното, дошле во таа вила, почнал разговорот, почнало помирувањето… кога во еден момент жената станала од столчето зела една вазна и со целата сила му ја удрила на богаташот од главата. Го усмртила на самото место. Толку гнев имало насобрано во неа што со неверојатна сила го мавнала несреќниот белец. Можеби тоа за неа било праведно?! Процесот на помирување на оди секогаш лесно и брзо.
Рамафоса негира таков процес, иако е познато дека пред десетина години Русија ги повика белите фармери од ЈАР слободно да се преселат кај нив, им даваа земја бесплатно, која плаче некој да ја работи. Значи има нешто, има процес што мириса на расизам. Негирајќи го насилното земање на земјата од белците, Рамафоса во еден момент му вели на Трамп: „Се извинувам, немам авион за да ви го подарам“. Во ред вели Трамп, ама добро би било да имате, јас ќе го прифатам тој подарок, што значи ги следи пораките на Господ. Сите сакаат подароци, затоа давајте и земајте, но како да се погоди кој е вистинскиот подарок, оти може да се случи каинавеловска казна. Како? Дали токму Рамафоса ќе биде казнет на некој начин?
Да се потсетиме дека и ние Македонците сме давале и сме наддавале, а некои и продаваа и распродаваа. Да си знаеме и да не заборавиме!
Ете ми ја дилемата. Во посета ни дојде Каја Калас, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, десната рака на Урсула фон дер Лајен, па сега како домаќини што се познати по гостопримството, некогаш во протоколот беше на скопскиот аеродром (што му фалеше името „Александар Велики“? Апсолутно ништо) да ги пречекуваме гостите со леб и сол. Скромно, понизно, како што ни прилега како народ. Но рековме дојдени се нови времиња, мултиполарен свет го викаат, секој секому му дава и му нуди, па затоа и дилемата дали можеби требаше на Калас да ѝ подариме или барем да ѝ понудиме, едно авионче. Не мора да биде „боинг“, каков што доби Трамп, туку нешто помало, поскромно. Па, да, ние немаме владино авионче, тоа го знам. Кутрата опозиција се отепа да докаже дека да се купи авион било расфрлање пари, што значи е нормално нашиве функционери мака да мачат за да летаат на пример до Лондон или до Париз?! Чудна некоја логика или, си велам, кога си во опозиција можеби имаш и некои ограничувања за да гледаш пошироко, поотворено, па и да си практичен. Но да се навратам на посетата на високата претставничка – па ајде да се испрчиме со едно авионче, можеби нешто ќе ни даде Каја за возврат?
Што може да ни даде? На не толку одамнешната посета на дел од Западен Балкан (БиХ, Црна Гора и Албанија), таа рече дека нема скратени патчиња за членството во ЕУ, значи тоа мора да се заслужи. Но потоа Брисел кажа дека за Украина се трасира скратен пат наречен план Б, како една моќна геополитичка операција. Хм, чудно, се демантираат самите себеси. Среде Скопје претседателот на европскиот совет, Кошта, рече дека нема план Б. Има или нема план Б, Европоооо? Реши се. Или кажете јасно – има, ама нема за вас.
Еве што од Брисел соопштија пред таа да тргне на пат за Македонија (преку Србија и Косово): „Во Северна Македонија, високата претставничка Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. Закажана е заедничка прес-конференција за 23 мај, која ќе се емитува во живо на ЕБС во 12.10 часот. Таа ќе го отвори првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и ќе ја посети Постојаната организација на Балканската медицинска работна група (БМТФ СО) во присуство на министерот за одбрана Владо Мисајловски. Таа, исто така, ќе се вклучи во разговори со локална младина, студенти и млади професионалци“. Точка.
Каде се проширувањето, преговорите, отворањето на поглавјата? Дали се некаде меѓу редови? Зарем не дадовме досега многу од тоа што го имавме, зарем не им било доволно? Зошто ја потпишуваа Преспанската спогодба? Нели не беше само за членство во НАТО туку и за во ЕУ. А, ЕУ овде ни доаѓа наменски, фортификациски, одбранбено, безбедносно, па и медицински. Уште да не постројат на некоја смотра! Да, и Договор со Бугарија потпишавме, кој исто како и тој со Грција нема во своето слово и во својот дух на договорите принцип на реципроцитет. Луѓе, одиме на двобој со празни пиштоли, плашиме чавки. Секој ќе си заклучи дека кога овие наши најважни партнери од Брисел не ни даваат членство, нормално е да се прашаме – можеби треба да дадеме и авион. И Јана некогаш печела рудо јагне од две мајки задоено, си знаела Јана, па и пита. Бегот (олицетворение на помал Бог) мора да биде задоволен, иако јагнето било за мајсторите. Што да опееме сега, кого да го ставиме во песната?
За среќа, веста на денот беше многу подалеку од Скопје и од Брисел, таа дојде како некоја реинкарнација на подвигот на маратонката што го преплива Англискиот Канал (Ла Манш), а сега тоа го направи вицепремиерот Александар Николоски со ставање потпис на Договор за стратегиско партнерство со Велика Британија. Тоа не е мала работа, како што не се мали ни парите, кои се некаде во речениците и деталите (можеби има некое ѓаволче) на тој договор, кој очекуваме набрзо и да го видиме на дневна светлост. За нас е важно дека ни се отвори една голема врата на можности и од нас ќе зависи не само како ќе ги инвестираме фунтите, оти никој не ги дава на убави очи, туку и како ќе ја играме понатаму геополитичката игра. Тоа е земја што размислува империјалистички и добро е да е така. Широко море, што би рекле, а ние можеме да се најдеме на некој брод што сигурно плови на својот курс. Никој не ни брани и ние да размислуваме империјалистички. За Лондон е битно да се затнат чеповите на нелегалната миграција, но и на терористичките канали, мафиите, а тие поминуваат низ наша територија, а некои се создаваат овде во нашите маала. Губи власт и влијание во некои далечни поранешни колонии, но се позиционира на Балканот. За тоа колку се внимателни Британците?
Се сеќавам дека во старите простории на амбасадата на Обединетото Кралство во центарот на Скопје кога едно фолклорно друштво сакаше да оди на турнеја во Англија, конзулот ги натера во дворот да играат оро, да покажат дека знаат да играат. Ако не знаеш оро, нема виза. Ние го прочитавме тоа како навреда, па и понижување, а тие го нарекоа тоа тест, нормална процедура. Така е тоа – ние имаме К-15, тие Монти Пајтон. Многу сме различни, но геополитиката, ете, нѐ спојува.
Можеби токму во таа геополитика се наоѓа и нашето авионче стокмено за поклонче. Мислам дека научивме – сѐ си има цена и тоа треба да се прифати. Да заокружам – по сето она што го дадовме и распродадовме и ние заслужуваме поклонче од ЕУ. Ќе се одважат ли во Брисел?
П.С. Колумната ја пишувам во четврток, пред да се оствари најавената посета на високата претставничка на ЕУ. Затоа однапред се извинувам ако таа во Скопје ни понуди почеток на преговори за членство без поставување апсолутно непристојни уценувачки услови, кои можеби би прошле пред сто години, но не и сега.