Мошка Вода

Сите ние во животот одвреме-навреме се соочуваме со некакви знаци на кои обично не обрнуваме никакво внимание, ги занемаруваме, се убедуваме дека сето тоа е случајност, за потоа да почнеме да ги игнорираме и по 20, 30 или 50 години да заклучиме дека сме ја утнале работата.
Она што го научив од личните искуства, тоа е дека треба да му се обрне внимание на секој и најмал знак, оти тој упатува на некаква причина што подоцна ќе резултира со последици кои може да излезат и катастрофални. Таква е ситуацијата и со водата, која сѐ помалку ја имаме и која ја снемува пред нашите очи, а на што природата со децении ни упатуваше еден куп знаци и сигнали што не сакавме или не знаевме да ги прочитаме.
За тоа како несвесно ги игнорираме знаците ќе се навратам на една случка што ја доживеав пред нешто повеќе од три децении.
Беше тоа еден прекрасен јулски одмор во преубавото Лазарополе. Ние десетина луѓе, младо друштво на некои дваесетина години, решивме да избегаме од скопските горештини и спасот да го пронајдеме „таму најгоре“, подалеку од урбаната џунгла. Убава планинска куќа, ние опремени со гитари за вечерни седенки во дворот, млади, полетни, некои со нови, некои со стари љубови, сѐ што еден човек може да посака за убав одмор и моменти што се паметат цел живот.

Бевме сместени во убава планинска куќа, ѕидана со камен, натопорена на висок рид, од кој се пружаше прекрасен поглед на цело Лазарополе и наоколу до каде што човек може да догледа. Арно ама, до ридот не качуваше водата од локалната водоводна мрежа, па имавме поглед од милион долари, но чешмите во куќата суви. Нема вода прекуден оти лазоровци од пониските делови ќе си пуштат цревата да вадат дворовите, па за оние горе немаше вода. Единствено чаре беа големите буриња, кои во доцните ноќни часови ги полневме така што вклучувавме хидрофор на чешмите пониско, додека другите спиеја. И така секој ден, со песната на гитарата и звукот на хидрофорот ги полневме бурињата за дневните потреби. Ама младост-лудост, ништо не ни пречеше, свесни дека кога ќе дојдеме дома ќе има вода колку сакаме.
По два-три дена со нас седна чичко Лазо, сопственикот на куќата во која отседнавме и ни раскажа дека вака е секое лето, иако вода, како што рече, „грга наоколу“ од сите ридишта. „Застанете на Соколица, ќе ја чуете долу Гарска Река како татне. Прошетајте по околните ридишта, и таму ќе најдете понекој извор. Туку, друго сакав да ви кажам, утре, ако има физички добро подготвени меѓу вас, би можел да ве одведам до Мошка Вода, да видите колку вода таму има, блика од карпата“, ни предложи чичко Лазо. „Ама, има баеги пат дотаму, тоа е само за вистински мажишта, да не попаѓате на половина пат па да мора да се враќаме“, се пошегува со нас.
Како љубител на планините и природата, си велам, зошто да не го видам и ова чудо, кога веќе на 12-13 години сум пешачел до изворите на Бабуна, можам сега на дваесет години да дојдам до таа Мошка Вода. Тогаш и не ни знаевме зашто ја викаат Мошка Вода, мислевме за издржливи луѓе што ќе успеат да стигнат до неа и ќе докажат дека се мажи, но таа да ти била за нешто друго, за некои машки работи за кои „Фајзер“ подоцна направи милијарди. Но нејсе, така наострени да ја докажеме силата пред чичко Лазо, следниот ден тргнавме утрината да одиме до Мошка Вода. Оди, оди, оди, насекаде бујна вегетација, прекрасна зелена природа, наоколу се издигаат високите карпи, но од изворот нема трага. „Да не се изморивте“, нѐ задева чичко Лазо. „Тамам работа, само што фативме ритам“, одговараме. Искрено, не се сеќавам колку време пешачевме, можеби четири часа, за одеднаш да го слушнеме чичко Лазо како вчудовидено изусти: „Ај, мајката, пресушил изворот. Вакво чудо досега немам видено. Тука вода течеше и во најголемите суши. Ова не ќе е на арно“.

Арно-неарно, гледаме навистина вода нема, останало само мало вирче долу покрај камчињата каде што се слевала водата и толку. Како и да е, ние воопшто не се растревоживме, напротив, нашето патешествие за докажување на мажественоста заврши со лично задоволство, стигнавме до водата, без оглед што таа секнала. Тоа тогаш воопшто не нѐ вознемири.
Кога на почетокот на овој текст споменав за знаците, мислев токму на ова. На тој знак од природата тогаш воопшто не обрнавме внимание, туку повеќе ни беше важно што сме го изодиле патот што за нас беше предизвик. А вакви знаци со децении има низ целата земја, снемува многу мошки води, многу други извори што своевремено бликале пресушуваат, реките што тешко се прегазуваа поради силните речни струи сега се претворени во потоци, кои можат да се прескокнат од камен на камен, а езерата од година на година се оддалечуваат од брегот и исчезнуваат.
Кога летово и делови од Скопје останаа без вода, ми стана јасно дека и тоа е последица од децениското игнорирање на знаците што природата упорно ни ги испраќаше. Со децении никој не обрнуваше ниту грам внимание на нив, очи ќе си извадеа и продолжуваат да си ги вадат за партиите, трчаат по бизниси и пари, посегнуваат по оружје за сообраќајни прекршоци и нерешени имотни односи, без да забележат дека остануваме без вода и дека ако не ја снема, повеќе ништо нема да биде важно.
И овие денови Македонија е под вршник, така што топлотните бранови стануваат сѐ подолги и подолги, врнежи нема ниту тогаш кога треба да ги има, новите генерации не паметат снег, старите само констатираат дека сѐ е отидено по ѓаволите…
Доаѓаат тешки времиња, а тоа ќе значи дека како држава и општество треба да се консолидираме и да се посветиме на главната наша стратешка цел – како да обезбедиме вода за следните 100 години. Тоа е нашата најважна стратешка цел. Наместо да се вадиме на климатските промени, треба да почнеме да креираме решенија што ќе функционираат и во вакви услови. Да извлечеме максимум од сѐ со што располагаме. Немаме нафта, гас, злато или други вредни минерали и енергенти, но имаме вода. Ја имаме под цела држава, скриена во многу подземни басени. Таа нека стои како резерва, но онаа што е на површината, таа треба да ја зачуваме. Деновиве пуштиле две-три пумпи за полнење на Дојранско Езеро преку хидросистемот Ѓавато, но тоа е малку, цел систем треба да се стави во функција и да се одржува беспрекорно. Овој проект се покажа ефикасен, нема зошто нешто слично да не се примени и на Преспанско Езеро. Нека се зафатат водотеци и во Грција, и во Албанија, и во Македонија и нека се пренасочат во езерото. Земјоделците нека почнат со рационална потрошувачка на водата преку нови технологии, па и стариот систем „капка по капка“ е далеку подобар од сегашното наводнување преку енормно исцрпување на езерските води.

Не треба да ги заборавиме ниту вештачките езера, оти тие се нашите резервоари за вода, ниту, пак, реките, кои треба максимално да ги искористиме во насока на задржување поголеми количества вода. Постојат експерти што може да најдат решенија како да се направи тоа без да се наруши природниот баланс, впрочем нивна задача е со своето знаење да го унапредат општеството. Секој од нас треба да даде личен придонес во остварувањето на оваа наша стратешка цел. Ние како граѓани треба да бидеме економични со водата во урбаните средини, а надлежните да се грижат за водоводните системи и да не дозволуваат загуби, кражби и слично. Има многу работи што може да се направат откако навреме не ги прочитавме знаците, па сега се справуваме со последиците.
Како и да е, оваа наша борба за обезбедување вода нека биде како нашиот пат до Мошка Вода, тежок пат што треба заеднички да го изодиме, овој пат не да докажуваме некаква мажественост и сила, туку разум и одговорност пред идните генерации. Ако стигнеме заеднички до поставената цел, да си ја обезбедиме водата, тогаш сме направиле нешто и патот не ни бил залуден.