Молчењето е одобрување

И додека Бугарија продолжува смислено да го прави тоа што го прави, целосно е несфатлив односот на македонските власти, кои продолжуваат да молчат пред провокациите и да се однесуваат инфериорно. За претседателот на државата излишно било да се коментираат бугарските провокации, премиерот е на слична позиција, а Министерството за надворешни работи освен за продукција на дипломатски скандали, најмалку се грижи за навредите што доаѓаат од соседните земји

Со свечени гарди, факли, знамиња, со присуство на голем број граѓани, пред некој ден во Софија се одбележа Илинденското или, како што Бугарите го нарекуваат, Илинденско-преображенското востание, на кое беа истакнати јасни пораки дека станува збор за востание во кое „македонските Бугари се бореле за ослободување од османлиското ропство и припојување кон мајката Бугарија“.
Ова јасно говори зошто пред шест години тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов толку срдечно го гушкаше Заев, оти знаеше што доби Бугарија со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, поточно доби ексклузивно право да си ја присвои целата македонска историја без никакви пречки. На тоа амин дадоа и македонските власти, кои прифаќајќи го „францускиот предлог“ прифатија Бугарија да биде таа што ќе ни кажува каква ќе биде нашата историја и што воопшто може да славиме, а што не.
Откако најпрво удри по Народноослободителната борба, инсистирајќи на бришење на спомениците и не дозволувајќи тука да се слави 11 Октомври, денот на востанието против бугарскиот фашистички окупатор, сега удира и врз Илинден, целосно присвојувајќи го Илинденското востание.
На обичен патник намерник што по некој случај на 2 август ќе се затекнеше во Македонија, ќе му се причинеше дека македонскиот државен врв си одбележува некакви локални настани, а не дека се одбележува најголемиот национален празник. Од друга страна, ако истиот тој патник намерник имаше некаква можност преку бугарската државна телевизија БНТ во Македонија да ја проследи прославата на Илинден во Софија, ќе заклучеше дека Бугарија одбележува некаков голем датум, можеби и најважен за бугарската држава. На исто место претседателот на државата, премиерот, министри, пратеници, свечена гарда, знамиња, народ, онака како што прилега за чествувањето на национален празник… Слават нешто што никогаш не било во нивната колективна меморија, но го слават затоа што им е потребно како историско алиби за постојаното наоѓање на погрешната страна на историјата. Затоа сакаат да ги земат и заслугите во НОБ, дека од окупатори, одеднаш некој им дал можност да се претстават како ослободители и спасители на Евреите, кои со потпис на нивниот цар ги испратија во логорите на смртта во Треблинка.
Како и да е, тоа е стогодишна бугарска политика на присвојување на сè што оди во прилог на бугарската кауза – дека сите се Бугари и дека сè потекнува од Бугарија, почнувајќи од писменоста со Кирил и Методиј, па до најсовремените светски откритија.

И додека Бугарија продолжува смислено да го прави тоа што го прави, целосно е несфатлив односот на македонските власти, кои продолжуваат да молчат пред провокациите и да се однесуваат инфериорно. За претседателот на државата излишно било да се коментираат бугарските провокации, премиерот е на слична позиција, а Министерството за надворешни работи освен за продукција на дипломатски скандали, најмалку се грижи за навредите што доаѓаат од соседните земји.
За министерот за надворешни работи не беше доволно она што Радев го кажа за Илинденското востание, бидејќи него тоа не го тангира, но како претседавач со ОБСЕ експресно излезе со план како да ја намали тензијата меѓу Косово и Србија, само за да спречи воведување евентуални санкции кон Косово. Истото МНР што го предводи Османи не реагираше ниту на изјавите на советникот на косовскиот премиер Курти, кој рече дека Македонците можеле да се вразумат само со сила.
Овој пат провокацијата што доаѓа од Софија е многу поголема бидејќи се удира по главниот темел на македонската држава, Илинденското востание и стремежот на македонскиот народ за сопствена држава. Ако се оди по логиката на онаа „молчењето значи одобрување“, тоа значи дека нереагирањето и на претседателот и на премиерот и на МНР всушност значи дека актуелните македонски власти навистина се согласуваат дека Илинденското востание било борба за ослободување и припојување кон „мајка Бугарија“. Можеби затоа некој намерно го прифатил „францускиот (бугарскиот) предлог“, бидејќи знае оти на тој начин етапно и под параванот на евроинтеграциите многу полесно ќе се изведе процесот на асимилација и враќање во прегратките на „мајката“. Затоа и министерот за надворешни не се потресува премногу од пораките што стигнуваат од Софија, оти не е загрозен неговиот идентитет, туку оној на неговите сограѓани од кои зема плата, а работи за нечии туѓи интереси.
Замислете што ќе се случи да земе Германија да го одбележува 14 јули и денот на почетокот на Француската револуција да го окарактеризира како стремеж на „француските Германци за обединување со Германија“. Сигурно француското МНР немаше да седи со скрстени раце. Овие две земји денес се обединети во ЕУ, но се знае што е француска, а што германска историја.

Е, сега, истите тие Германија и Франција нам ни кажуваат дека треба да прифатиме сè што Бугарија ни кажува, ни наметнува сопствен историски наратив, ни ги негира јазикот и идентитетот, а сето тоа ни го претставува како европски вредности оти, како што милуваат да кажат нашите власти, друга алтернатива нема.
Гледајќи како од година на година сè понедостоинствено се одбележува најголемиот национален празник, човек едноставно ќе помисли дека некој како да сака намерно да ни го избие Илинден од колективната меморија и најголемиот државен празник да го претвори во мали дисперзирани настани за тесен круг луѓе, кои по некоја година ќе престанат да се одбележуваат и некои нови генерации воопшто нема ни да ги паметат. Но затоа овој настан ќе расте во соседна Бугарија и ако пред 100 години Македонците слободно среде Софија го одбележувале Илинденското востание, денес не можат да го одбележат достоинствено ниту во својата Македонија.
Затоа крајно време е политичките функции да се сфатат како чест и светост, како позиција од која се бранат државата и нејзиниот народ. Тоа значи на секоја провокација и обиди за присвојување на историјата да се реагира енергично и цврсто, а не понизно и полтронски, само за да не се налути некој. Сè додека се водиме по максимата „наведната глава сабја не ја сече“, сè подлабоко ќе тонеме во песокот со главата толку ниско спуштена не гледајќи што се случува околу нас.
Државата и народот се сакаат и се водат со срце, а не со премисла колку може да се заработи од функцијата. Оние што имаат срце за својата Македонија, имаат и храброст да кажат „Доста е!“ на сите провокации, без оглед од каде да доаѓаат. Ако премиерот вели дека требало да се има одредени телесни атрибути за да се носат тешки одлуки, тогаш треба да се има и храброст и сила да им се спротивставиш на сите оние што задираат во најсветото. Во спротивно, молчењето е одобрување.