Модерна трансатлантска трагедија

Во старогрчката митологија, Атлас е осуден да го држи небото на своите рамена цела вечност затоа што боговите се плашеле од неговата сила, додека Икар летал премногу блиску до сонцето, погрешно убеден во својата иновација сè додека неговите крилја не се стопиле. Актуелната разделба меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави сè повеќе наликува на античка трагедија изведена некаде меѓу овие два познати мита: Европа се напрега под наметнати обврски, а Америка лета високо со самодоверба што понекогаш е без соодветно покритие.
Двата долгогодишни партнера, чија врска некогаш изгледаше хармонично, веќе не можат да ги скријат несогласувањата и неминовно одат кон разделба, секој убеден во сопствената правичност, постојано изнесувајќи ги грешките на другиот. Пукнатините во нивниот однос се шират, иако едниот партнер сѐ уште се обидува да го убеди другиот оти не работи на нивна конечна разделба. Со децении, трансатлантската врска меѓу САД и Европа претставувала партнерство засновано врз заеднички вредности, но денес наликува на бавна и мачна бракоразводна постапка во која двете страни се спорат за повеќе суштински прашања, првенствено во областите на технологијата, енергетиката и безбедноста.
Напорите за минимизирање на европската зависност од САД се засилуваат – од забраната за функционерите на ЕУ за користење американски алатки за видеоповици, склучување трговски договори со други партнери, до притисок за диверзификација на европските доставувачи на енергија. Од ЕУ нагласуваат дека ваквите мерки претставуваат „отстранување на ризикот“ во односите на Европа со САД, а не раздвојување што би подразбирало прекин на економските и стратешките врски.
Разделбата силно се чувствува на полето на технологијата, каде што САД се залагаат за доминација на пазарот, извезувајќи платформи што го обликуваат глобалниот дискурс, а наедно ја отфрлаат одговорноста за нивните општествени последици. Европа, пак, одговара со силна определба за регулирање на американските технолошки гиганти бидејќи не успеа да создаде свој.

Токму затоа сѐ поголем број членки на ЕУ работат на воведување забрани за користење на социјалните мрежи од страна на малолетници. Впрочем, во разводот секогаш страдаат децата.
Сличен тренд е присутен во енергетиката, каде што САД наметнуваат обврски за Европа да се снабди со американски течен природен гас (ЛНГ) додека Брисел ги засилува напорите за диверзификација, продлабочувајќи ги разговорите со алтернативни доставувачи, вклучувајќи ги Канада, Катар и северноафриканските земји како што е Алжир.
А незадоволството од нерамнотежата во односот се чини дека е најприсутно при безбедносните и воените прашања. САД долго време дејствуваа како ’рбет на западната одбрана, поткрепувајќи го НАТО со ресурси, додека изразуваа фрустрација од недоволното вложување на ЕУ во овој сектор. Но американскиот примат дојде со условување, па така, безбедносните гаранции беа преточени во политичка надмоќ, со што САД ја третираа Европа како нерамноправен партнер од кој очекуваа беспоговорна согласност за заложби што таа не ги споделува. Европа, пак, посакува стратешка автономија, но покажува колебливост, како при зголемувањето на воените вложувања.
Двете страни сносат одговорност за растечката меѓусебна недоверба, обвинувајќи се меѓусебно за лоши намери: САД во европските постапки согледуваат протекционизам прикриен преку наводна етика, а ЕУ гледа империјализам зад американската реторика за слободен пазар. Ако трансатлантските односи продолжат да еродираат, тие нема да се распаднат нагло, туку постепено и бавно. Соработката ќе продолжи куртоазно преку заеднички самити и изјави во дипломатијата, додека суштинската координација ќе страда, на пример, во синџирите на снабдување и планирањето на безбедноста.
Митовите завршуваат трагично затоа што нивните јунаци одбиваат да се променат, сè додека не им се наметне промената. Поуката е јасна. Атлас се крши под неиздржливиот товар, а Икар паѓа кога самодовербата ја надминува реалноста. Европа треба да увиди дека вредностите без фактичка способност да бидат материјализирани стануваат празни проповеди, а Америка да прифати дека едностраното лидерство без земање предвид на интересите на партнерот станува доминација. Трансатлантската врска сè уште не е прекината. Но ако продолжи по својот сегашен пат, ризикува распад. Изборот, за двете страни, кои остануваат меѓусебно заслепени од сопствените спротивставени убедувања, сега е да работат на редефинирање на улогите или да се разидат.