„Авионот се одлепи од пистата и јас повеќе не го чувствувам пулсот на болното срце на татко ми и не знам дали во Вардар сѐ уште пливаат риби…“ Ова е еден стих од моја објавена песна инспирирана од мојата селидба во Австралија во далечната 1989 година. Селидбите се тешка работа. Печалбарството е и надеж и проклетство. Сечење на семејните корења. Дрвја без гранки. Семејства залутани во туѓи системи, борба за опстанок. Обид да се пронајдеш во некој друг свет. Некои успеваат да се вклопат. Повеќето не, иако парите можеби се апчето што ги намалува болките. Некои наши болки, македонски, што си ги носиме цел живот со нас, да се разбереме – од себе и од своето не можеш да избегаш – тиштат цел живот. Ние не сме, да речеме Англичани. За новиве генерации, зед, нула, алфа…, не знам, тие ќе си ги бараат одговорите и сопствениот пат до среќата.
И така се најдов на нов континент, кој Македонците почнале да го населуваат масовно едно триесетина години пред јас да стапнам на аеродромот „Тула Марин“ во Мелбурн и станале коколонизатори на Австралија. Дури имаше и гробишта, како тие во Вилијамстаун, кои станале место на постојано почивалиште на нашите иселеници. Сега се илјадници и илјадници. Не се птици преселници што се враќаат, не, повеќето остануваат таму. Нека им е за убаво!
Една од првите лекции кога нашинец (тука во ист кош се и Грци, Срби, Хрвати…, се караме ама многу сме слични во карактерите) ќе дојдеше таму беше најважниот совет – немој да го тепаш детето на улица (зашто ние знаевме во тоа време да удриме понекоја воспитна шлаканица) оти ќе ти го земат. Шок. Втора работа е што мораш, покрај англискиот, да го учиш јазикот на Македонците. Тие велеа: англискиот не го научивме, македонскиот го заборавивме. Многу кажано во една реченица. Нешто се сеќавам на тие фрази како на пример: Орајт, ќе ти рингам утре… Илинка, кај ти е либето? – Отиде да бета, во бетата е. Поима немав што е тоа. Бета на коњи најмногу. Кога заминав од тогашна Југославија кај нас немаше „бети“ за „бетање“, сега ги има на секој чекор – обложувачница де. Бидејќи дојдов со мојата приказна до лајтовите, ќе застанам на црвено, зашто сега и ние си имаме „сејф сити“.
Кога ќе дојдеа нашинците од Австралија, Америка, Канада и од другиот бел свет им се смеевме и се подбивавме со нивниот јазик. Сега дојде редот и со нас да се подбиваат. Па, која е разликата? Нема. Станавме дома дијаспора. Е сега ние нема да речеме на пример „дали во бањата имате хита“, затоа што имаме бојлери, зашто ние сме овде модерна дијаспора. Имаме со што да се пофалиме: ако редам нема да има крај. За сејф сити рековме. Па имаме бејкери, бајкери, пет шопови, грин фуд, донати, не, не домати, овие се како нашите крофни, модерн фурничр… сѐ имаме, само македонскиот го губиме. Имаме велнес, вол рипеар (абе волу еден, орај кога ти велам!). Точка. Се срамам од ова до каде стигнавме. Кон ова јазично „зближување“ со дијаспората морам да ја додадам и инвенцијата наречена ново географско име на државата, поради која сега Грците (море не се само тие, ги имаме и по дома) нѐ следат и во нашите спални дали ќе кажеме Македонија без „северна“. Се вклопува ли „северна“ во мозаикот што го правиме со дијаспората или е камче што ќе мораме да го исфрлиме?
Инаку, кога бев во Мелбурн, некаде во 1990 година, наидов на едно истражување во кое се тврдеше дека статистички најмногу од ментални болести во Австралија страдаат Македонците. Тоа колку да се знае како факт. Можеби сега со откритието на интернетот и овозможените комуникации болката е помала, зашто луѓето можат да ги одржуваат врските со стариот крај. Ако некој останал жив и здрав во селото, во маалото, ако некој се сеќава на некого. Барем да му честита Божиќ, Нова година, родендените не ги помниме.
И ете така некако јазично, значи, се зближивме со нашите раштркани низ светот. Секаде нѐ има, најмногу нѐ нема дома. Ама, за среќа, претаме, се појавуваме како некое старо семе што сите мислеле дека го снемало, но не било така, сме расцутеле. Има надеж! Не значи дека ако бидеш смачкан, дека и никогаш нема да пуштиш ливче, цутче, коренче. Ете, тоа сме ние, жив доказ за неуништливост на видот.
Како вистински да се доближиме ние овде во Македонија како држава со нашинците во светот е големо и тешко прашање. Тоа што е важно ние овде да го знаеме е дека ако се знае дека кога некој ќе замине надвор велиме „се спасил“, Македонија треба да прави сериозни политики за тие што можеби и по сила на некои процеси ќе мораат да се вратат назад да речеме „ги спасивме“. Тоа е татковина и таква треба да биде нејзината улога. Првин треба да ги имаме во видокругот најблиските – Македонците во соседството, па потоа да шетаме низ надворешните кругови и меридијани. Почесниот конзул во Перт, Зоран Ќосески, во своите предлози за тоа што треба да се прави со дијаспората, наведува интересен податок за шест циклуси на големи преселби на Македонците. Првиот почнува кон крајот на 18 век, кога е забележана преселба во Бразил и Аргентина, Романија (некои велат дека семејството Македонијани е дел од македонската кралска лоза што таму нашла заштита, што треба да се истражува) и секако САД, потоа преселби по Илинденското востание, па Балканските војни…, а во тек е „одливот на мозоците“. Дали ќе запре овој егзодус, кој е алармантен, не зависи од дијаспората, туку од нас овде. Тоа што Владата сега се појавува со своја стратегија за дијаспората е за поздравување, но прашање е колку во неа ќе се вклучат предлозите на нашинците во странство. Што бараат тие? И може ли македонската држава да им одговори на барањата? Владата ги слушна, следува реализацијата.
Во светот се смета дека има повеќе од 700.000 македонски иселеници (податок изнесен од Ќосески). Според потеклото, ако се земе целиот македонски етногеографски простор, таа цифра е некаде околу 30 милиони. Зборуваме за тие што се отселени доброволно или насилно од територијата на Македонија, а кои имаат македонско потекло или се чувствуваат за Македонци. Можеме постхумно на еден Кемал Ататурк да му издадеме македонски пасош или на Мајка Тереза. Македонците во Турција, Романија, Косово, Албанија, Грција, Бразил, Манитоба, Њу Џерси, Нов Зеланд, Сиднеј, Етиопија или во Танзанија бараат македонски пасош, ја бараат нишката што некогаш некој ја прекинал. Ние ги одбиваме. Зошто? Нели е време да ја смениме политиката што ја инсталирал некој друг (тој секако имал некоја цел) и да почнеме да размислуваме по македонски. Кој ја измисли паролата „еден долар дијаспора“? Ние овде (Удба) или тие таму, кои коските ги оставале работејќи во железарницата во Порт Кембла? Тие што секоја фискална година во нашиот буџет ставаат околу една милијарда долари.
Тука ќе ја раздвојам тезата за тие што имаат право да гласаат на македонски избори, што е една работа, тие имаат посилна врска со државата, имаат куќи станови, имоти, плаќаат даноци, со тие што ја изгубиле таа врска, но потеклото им е од Македонија. Македонија, која не е од Табановце до Меџитлија, туку малку погоре, па и малку пошироко. Еве еден пример: црквата „Свети Илија“ во Квинбијан, Австралија, велат била изградена со донации на Македонците од Егејска Македонија. Во неа сега палат свеќи, се молат, се венчаваат и на оној свет се испраќаат Македонците од сите краишта. Таа црква е обединителка (како и другите дваесетина цркви) на сите Македонци, а тоа треба да биде и државата. Тоа е една од поентите – како да ја видиме државата таму каде што има особено големи македонски заедници. Истурените играчи се дипломатско-конзуларните претставништва, но недостигаат македонски институти преку кои ќе се шират духот и суштината на македонизмот, пред сѐ ќе се изучува македонскиот јазик.
Сепак, најголемиот проблем ни е дома, нашиот систем, кој е недоизграден, неизбалансиран, каде што царува партизмот, каде што етницентризмите ги убиваат сите добри идеи, а корупцијата ја третираме како настинка. Од некаде мора да се почне, а тоа значи првин чистење на дворот пред нашата куќа и создавање услови за инвестиции. Нашинците имаат пари, имаме и милијардери, но никој не сака да доживее, на пример, случај како скијачкиот центар Маврово или пропаднатата инвестиција на езерото Треска. И конечно, најголем дел од таа наша дијаспора, впрочем како и ние тука, не го прифаќа, не се согласува и не го сака името „северна“, си ја сака Македонија. Како да ја сакаме Македонија заедно со дијаспората? Толку.
































