Триесет години подоцна (да беше некој друг немаше да чека ни три дена), редно е работите да се вратат на вистинското место. Веќе нема никаква безбедносна закана, Македонија е членка на НАТО и грчките стравувања за воен напад од север сега немаат никаква основа (демек претходно имаа), 99,9 отсто од македонските граѓани си го сакаат името „Република Македонија“, така што ОН конечно можат да си ја исправат грешката. Само некој од нашиве политичари треба да има храброст (исто како што се „храбри“ енормно да си ги покачат платите, демек носеле одговорни одлуки) да каже дека Преспанската спогодба за нас е повеќе неважечка, да ја информираат Грција за таквата одлука и од ОН да побараат прием под името „Република Македонија“. За тоа одлучува Генералното собрание на ОН со просто мнозинство
На денешен ден, 8 април 1993 година, со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија стана 181. полноправна членка на светската организација. Овој јубилеј во земјава се одбележа со неколку настани, меѓу кои и изложба на фотографии преку кои беше овековечен македонскиот пат кон посакуваното членство во Светската организација. Сега покојниот Киро Глигоров беше првиот македонски претседател што се обрати на македонски јазик на говорницата на ОН, говорејќи за 130-годишниот сон на македонскиот народ за сопствена држава.
Но три децении подоцна, македонските граѓани денешниот датум го доживуваат со доза горчлив вкус во устата поради своевидниот преседан што го направи светската организација кога не дозволи Македонија да биде примена под нејзиното уставно име, туку поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифати тогашното уставно име Република Македонија, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.
Иако оваа таканаречена „привремена референца“ требаше да биде на краток рок, се покажа дека потраја цели 25 години и на некој начин беше непријатен товар врз плеќите на македонската држава, која токму од Обединетите нации беше трајно осакатена и понижена.
ОН беа тие што пред 30 години се откажаа од сопствената повелба, во која јасно стои дека секоја држава има неотуѓиво право на самостоен независен избор на своето име. Тоа неодамна го направи Турција, која го смени сопственото име и ги информираше ОН за таквата одлука. Светската организација само ја констатираше одлуката на Турција и ја заведе земјата под името што Турците самите си го одбрале и сакаат во иднина и другите така да им се обраќаат.
Тоа е така кога постапуваат големите држави, но кога една Македонија ќе побара да се зачлени во ОН, тогаш на сцена стапуваат некои други правила, надвор од повелбите, меѓународното право и воопшто надвор од секаква здраворазумна логика. Поточно, тогаш надвладува „повелбата на посилниот“, за кого не важат никакви правила кога се обидува да ги оствари сопствените интереси.
Така настапи Грција, но многу пострашно е што на таквите притисоци подлегнаа ОН и дозволија прекршување на повелбата, која е фундаментот врз кој се постави Светската организација по Втората светска војна, како гарант дека секоја земја што е мирољубива, демократска и ја прифаќа повелбата на организацијата ќе може да стане членка без никакви други условувања.
Тоа не се случи, туку Македонија токму од ОН беше уценета, омаловажена и условена да избира дали ќе се зачлени обезличена и осакатена или, пак, целосно ќе ја снема. Тогашното македонско раководство одбра да влеземе обезличени, со надеж дека низ времето ОН ќе ја увидат својата грешка и можеби ќе ја исправат, заборавајќи дека за противник ја имаат една тврдокорна Грција што ќе оди докрај додека не ја оствари сопствената цел – да ја монополизира Македонија само за неа.
Затоа денешниот датум може да се смета како денот кога почна системското уништување на Македонија како независна држава, држава на македонскиот народ и на сите други малцински групи што живеат во неа.
ОН свесно дозволија да се импутира „диво ткиво“ во името на државата знаејќи дека од името потекнува и идентитетот, па ако некому му го земеш вековното име, полека му го одземаш и идентитетот. Случувањата последните неколку години покажуваат дека она што ОН тогаш го започнаа, односно засадувајќи ја криво работата уште на почеток, резултира со сегашните премрежиња со кои се соочува државата. Прво се случи Преспанската спогодба со која референцата ПЈРМ се замени со географска одредница и државата сега во ОН е регистрирана со тоа ново име, кое, со оглед на референдумското изјаснување, не е прифатено од македонските граѓани, туку е надворешно импутирано, исто како што беше импутирана и „привремената референца“.
Многу брзо се покажа дека новото име креира и нов идентитет, па така, тој „северномакедонски“ наратив стана зачестена практика кај меѓународните „пријатели“, на кои од ден на ден, им се провлекуваше ваков „лапсус“.
На тоа се надоврзаа и источните соседи, кои го начекаа моментот и излегоа со нивните хегемонистички тези дека воопшто не постојат македонски народ и јазик, туку станува збор за вештачка творба и украдена бугарска територија. Не треба никој да има илузии дека овие процеси ќе запрат, а ОН во сето ова се активни партиципиенти. Пред извесно време токму низ некои оддели на светската организација почнаа да се појавуваат документи во кои сè почесто се среќаваше терминот „северномакедонски“. Тоа не е случајно, имајќи предвид колку Грци се вклучени во разни тела на светската организација и кои продолжуваат да работат под површината, додека Македонија со години немаше човек во организацијата и воопшто и не знаеше што се случува таму.
Сето ова некој ќе го оцени како претерување, како неосновани стравувања дека само ние Македонците сме исплашени дека ќе нè снема, но, еве, зошто за нас ОН ја прекршија сопствената повелба, зошто за прием во НАТО мораше да смениме име, зошто за преговори со ЕУ мораме со Бугарија да разговараме за историјата и да го менуваме Уставот… Едно е сигурно, ништо не е случајно и ништо не се случува за година-две, туку се работи за долгорочен процес што ефектите треба да ги постигне кај некои следни генерации на кои нема да им биде грижа за националното чувство. Образованието е намерно девастирано токму за да произведе такви аморфни генерации што лесно ќе се обликуваат, кои ќе ги прифаќаат мејнстрим-политиките и кои нема ништо да прашуваат, а уште помалку да се бунтуваат. Точно е, од нашата генерација никој не може да направи Бугари (освен оние што тоа го сфаќаат како добар бизнис) зашто паметиме што ни раскажувале дедовците и бабите, можеби дел од тоа ќе им пренесеме на нашите наследници, но нивните наследници нема ништо да паметат, ни кои се, ни што се, ниту од каде се.
Затоа 30 години подоцна (да беше некој друг немаше да чека ни три дена), редно е работите да се вратат на вистинското место. Веќе нема никаква безбедносна закана, Македонија е членка на НАТО и грчките стравувања за воен напад од север сега немаат никаква основа (демек претходно имаа), 99,9 отсто од македонските граѓани си го сакаат името „Република Македонија“, така што ОН конечно можат да си ја исправат грешката. Само некој од нашиве политичари треба да има храброст (исто како што се храбри енормно да си ги покачат платите, демек носеле одговорни одлуки) да кажат дека Преспанската спогодба за нас е повеќе неважечка, да ја информираат Грција за таквата одлука и од ОН да побараат прием под името „Република Македонија“. За тоа одлучува Генералното собрание на ОН со просто мнозинство. Од нешто над 190 земји членки, а имајќи предвид дека над 130 држави претходно нè признаа под тоа име, извесно е дека оваа операција може да успее ако ја изведат способни луѓе и луѓе што си ја сакаат својата земја. Ако некому во 2019 година му изгледаше како научна фантастика она што се случуваше една година подоцна, кога цело човештво беше ставено во карантин и светот целосно запре, тогаш зошто да изгледа неверојатно обичното спроведување на меѓународното право? Впрочем, во последно време, особено кога почна да беснее војната во Украина одеднаш сите почнаа да се повикуваат на тоа право. Кога е веќе така, тогаш крајно време е и ОН да се потсетат што беше тоа меѓународно право и да ја исправат грешката кон Македонија од пред три децении. Оти тие први почнаа.