„Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така како што е наша татковината“, напишал Крсте Петков Мисирков

Институтите за национална историја, за македонски јазик, за фолклор и за македонска литература во понеделникот, 18 ноември, организираа тркалезна маса со наслов „Академскиот профил на Крсте Мисирков“ по повод 150 години од неговото раѓање. На настанот се зборуваше за Мисирков како македонист, славист и антрополог, за неговиот однос со словенофилството, за македонскиот историски наратив во опусот, за мултидиспиплинарниот пристап како една од особеностите на неговото дело, за улогата и значењето на Мисирков во експедицијата на Н.П. Кондаков – „Македонија 1900 година“, за култната книга „За македонцките работи“… за тоа дека треба да се потсетиме на тоа што ни го остави Крсте Мисирков како аманет и само треба да ја продолжиме неговата борба. Ако тој во време на непризнавање на македонскиот народ, на непостоење на македонска држава, целиот свој работен и животен век го посвети на македонското прашање и на признавањето и создавањето на македонскиот јазик, ние сме должни, тоа е наш патриотски чин да го истражуваме македонскиот јазик, да го проучуваме и, секако, да се потсетуваме на делото на Крсте Мисирков.
Но една од темите особено ме натера на размислување – „Мисирков направи доволно за нас, но дали ние правиме доволно за него?“ Ако знаеме дека значењето на македонскиот јазик како обележје со кое се штити македонскиот идентитет за нас е од клучно значење, дали се доволни заложбите за негување и понатамошна афирмација на улогата на Крсте Петков Мисирков преку собири, дискусии, тркалезни маси… или е потребно нешто повеќе.
Министерството за образование неодамна најави повеќе активности како финансирање научни проекти и особено внимание на учењето на македонскиот јазик, активни политики за стипендирање студенти на програмите по македонски јазик и книжевност, проширување на можностите за финансирање на научната работа…, но засега сето тоа е само декларативна заложба за повеќе грижа за јазикот и индиректно за наследството што ни остави еден од, за нас, најзначајните македонски филолози, славист, прв неформален кодификатор на македонскиот јазик и правопис, историчар, етнограф, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Но дали правиме доволно да му се оддолжиме на Мисирков денес, особено во актуелниот современ геополитички контекст, кој е исполнет со предизвици за македонскиот национален идентитет и кога неговата личност добива можеби уште поголема тежина.
Тука ми текнува на една инцијатива за која пишував пред петнаесетина години. Имено, Крсте Мисирков умрел како Македонец.

Неговиот син Сергеј, исто така, починал како Македонец. Сепак, неговиот праправнук Борис тогаш кажа: „Не ми е познато дека тој оставил пишан документ, тестамент или слично каде што бара да го закопаме во Македонија“. Можеби Крсте Мисирков не оставил таков пишан аманет во форма на тестамент, но во една од своите статии во весникот „Мир“, под наслов „Самоопределението на Македонците“ од 1925 година, јасно вели: „Како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како в туѓина, оти не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, кај што сум се родил и каде што треба да си ги оставам коските“. И тоа е повеќе од јасно искажана желба. Посмртните останки на Мисирков се закопани на 26 јули 1926 година на софиските гробишта. Уште во 2007 година пишував за идејата за пренесувањето на моштите на Крсте Петков Мисирков од софиските гробишта во Македонија, идеја што денес е речиси заборавена. Имав телефонски разговор со неговиот правнук Борис Мисирков, кој во тоа време живееше и работеше во Софија. Во разговорот тој јасно кажа дека семејството не е заинтересирано за преместување на моштите. Со тоа се потврди тезата на домашните толкувачи дека сѐ додека семејството не се согласи на тоа, секоја иницијатива за пренесување на моштите, државна или институционална, однапред ќе биде осудена на неуспех. Тогаш таква иницијатива имаа друштвата на писателите на Македонија и на Бугарија, но, за жал, до денес никој повторно не ја повел.
Во тоа време во една софиска книжарница беше пронајден и Дневникот на Крсте П. Мисирков, кој подоцна беше објавен под наслов „Дневник, 5 јули-30 август 1913“, како заедничко издание на Државниот архив на Република Македонија и државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија, во редакција на Зоран Тодоровски и Цочо Билјарски. Промоторот на изданието, академик Гане Тодоровски тогаш посочи дека „актуелниот миг кореспондира секавично со појавата на ова врвно дело што потекнува од перото на нашиот национален пророк“, а Мисирков, како што рече, „и со оваа своја книга, ни станува неопходен потсетник за тоа што сме биле и што сме, а тоа може да се нарече историски компас“.

Тоа се можеби последните вистински иницијативи, некои од нив и заеднички македонско-бугарски, да се направи нешто повеќе за личноста и делото на К.П. Мисирков како еден од столбовите на македонската национална свест, за авторот на најзначајното дело – книгата „За македонцките работи“, во која ги обработува положбата на македонскиот народ и актуелната тогашна политичка и етнографска состојба на Македонија и пошироко и во која јасно дава предлог за оформување литературен стандарден македонски јазик базиран врз централните говори. Од поголемо значење е и тоа што Мисирков користи азбука што е база за денешната македонска кирилична азбука. Можеби од клучно значење, пак, во актуелниов миг е што таа книга ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет, политика што не само што не е надмината туку постојано добива нови и нови приврзаници. Токму поради тоа денес, 150 години по неговото раѓање, Крсте Мисирков е уште позначаен за македонската кауза отколку што можеби бил на почетокот на 20 век. И затоа му должиме многу повеќе.