Иако редовно Министерството за култура декларативно дава приоритет на заштитата на културното наследство, државата сѐ уште не се зазела вистински за исполнување на нашиот долг да го заштитиме она што навистина го имаме. Тука не станува збор само за опусот на Борко Лазески туку за зачувување на серија легати што останувале зад генерации македонски автори и творци. Организирањето јубилејни и ретроспективни изложби по разни поводи е добра можност да ја согледаме состојбата на она што е останато, но очигледно не е доволен поттик да сфатиме дека состојбата навистина е алармантна
По повод 31 година од смртта на Борко Лазески (1917-1993), големиот македонски уметник што се смета за зачетник на првата повоена генерација на академски образовани уметници во Македонија, на страницата на ИКОН осамна текст на Марија Коробар, програмска раководителка на асоцијацијата, под наслов „Културното наследство во пламен – трагичната судбина на уметноста“. Во текстот таа се осврнува на „загубениот“ опус на Лазески, почнувајќи од уништувањето на неговите дела во скопскиот земјотрес во 1963 година – муралот „Илинден 1903“, мозаикот „На стража за татковината“, „Фреската за НОВ“, па сѐ до пожарот од 2013 година што ги опустоши неговите мурали во шалтерската сала на Поштата, нарекувајќи ги овие настани „потресен потсетник за кревкоста на уметничкото наследство во однос на природните и човечки катастрофи“.
„Зачувувањето на културното наследство е света должност за институциите на кои им е доверено неговото чување. Сепак, нашата историја е преполна со случаи на трагично невнимание од страна на овие чувари, што резултира со непоправливи загуби на колективното наследство на човештвото. Институциите задолжени за заштита на културното наследство, без разлика дали се владини тела, музеи или организации за заштита, сносат одговорност да обезбедат долговечност на нашите културни богатства. Меѓутоа, премногу често, оваа должност е поткопана од системски неуспеси, бирократска инерција и недостаток на приоритети. Случаи на занемарување има многу, од распаднати споменици и запоставени археолошки локалитети до бесмислено уништување на незаменливи артефакти поради несоодветни безбедносни мерки, личен интерес или рамнодушност. Трагичната судбина на делата на Борко Лазески, опустошени од пожар и елементарна непогода, служи како остар потсетник за опасностите со кои се соочува културното наследство во отсуство на будно старателство….“, пишува Коробар во својата објава, укажувајќи на последиците од ваквата небрежност, кои се длабоки и се протегаат многу подалеку, опфаќајќи ја самата структура на нашиот колективен идентитет…
Ова предупредување одново ја става во фокус проблематиката на која во повеќе наврати сум пишувала – заборавот и негрижата за сопственото минато, овој пат со акцент на опусот на „старите мајстори“, синтагма сосема соодветна затоа што станува збор за вистински мајстори на палетата, сликари со кои започнува современото македонско сликарство, мајстори на својот занает. Нивната присутност, односно присуството на нивните дела во нашето опкружување е неопходно за да имамe појасна претстава за достигнатите вредносни модели во уметноста, особено новите генерации. Затоа што со разоткривање на делата на овие уметници, повторно ги осознаваме нивната уметничка големина, нивните индивидуални стилови што ја збогатуваат македонската културна ризница. Тие со своите дела ја внесоа Македонија на културната и ликовната мапа на Европа, а нивните достигнувања прераснаа во идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење.
Но токму во тој сегмент редовно нашите институции потфрлаат. Од 2018 година кога беа изложени скиците на картон „Окупатор“ и „Дрво“ од историскиот мурал на Лазески во Националната галерија на Македонија – „Даутпашин амам“ до денес не е направено ништо во насока на заштита на неговите дела. На тогашната јубилејната изложба по повод 100 години од раѓањето на Лазески, историчарката на уметноста Соња Абаџиева и кураторката Маја Чанкуловска- Михајловска укажаа дека голем дел од делата на Лазески се или сосема руинирани или се сосема исчезнати. Според Абаџиева, нема уметник во Македонија со толку фатален исход во однос на запазување на ликовниот опус како од оној на Борко Лазески. Едната половина од фреската во Железничката станица била уништена од природна стихија, а другата од човечки фактор. Во последниов период на самостојна Македонија, пред повеќе од десет години се случи уште една голема катастрофа кога изгореа фреските во Поштата во центарот на Скопје. И тогаш никој не одговараше, ниту пак досега некој повел иницијатива тие да се обноват.
Иако редовно Министерството за култура декларативно дава приоритет на заштитата на културното наследство, државата сѐ уште не се зазела вистински за исполнување на нашиот долг да го заштитиме она што навистина го имаме. Тука не станува збор само за опусот на Борко Лазески туку за зачувување на серија легати што останувале зад генерации македонски автори и творци. Организирањето јубилејни и ретроспективни изложби по разни поводи е добра можност да ја согледаме состојбата на она што е останато, но очигледно не е доволен поттик да сфатиме дека состојбата навистина е алармантна.
Сликата е уште потажна ако се потсетиме на зборовите на академикот Влада Урошевиќ во МАНУ кога пластично ги објасни големината на Борко Лазески и неговото место во македонската современа уметност: „Бев сведок кога Борко Лазески ја довршуваше и ја постави монументалната ’Фреска за НОБ‘ на 225 квадратни метри, во холот на старата Скопска железничка станица. Исклучителен миг во македонската ликовна уметност. По откривањето на оваа голема фреска пред македонската јавност, веќе ништо не беше исто. Кога денес ги споредуваме тие високи мигови на македонската уметност со бедните кич-ветошини од последните години, во облик на јавни споменици, сфаќаме колку скапоцено време сме изгубиле и колку во еден миг сме биле многу, многу поблиску до Европа и до светот“. Денес на годишнината од неговата смрт, кога се потсетуваме на неговиот импозантен опус, се чини како да сме уште подалеку…