Медиумски мигрантски бран

  • Прашањето за имиграцијата кај нас привлече големо внимание откако излегоа извештаи од одредени британски медиуми (главно таблоиди) во кои се тврди дека „земјава е во преговори за прифаќање бегалци чии барања за азил се одбиени од Велика Британија“. Тоа предизвика остра дебата на македонската политичка сцена. Ваквите информации беа категорично отфрлени од страна на македонските носители на највисоки функции. Во секој случај, известувањето во британските медиуми треба да се земе со висока доза на резерва, особено бидејќи е познато оти објавите во т.н. британски жолт печат, вклучувајќи и за прашањето за имиграцијата, најчесто се сензационалистички, поткрепени само со некакви претпоставки и шпекулации

Силен „мигрантски бран“ навлегува во Европа, незапирливо движејќи се кон Македонија, но не преку граничните премини, туку во медиумскиот простор, со што доминира и во јавниот дискурс изминатава недела. Бранот веќе ги „потопи“ европските лидери откако тие беа цел на остри критики од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја нарече Европа „слаба“ и „распадната“ поради нејзиното справување со имиграцијата, за да додаде дека Стариот Континент се уништува себеси преку неа.
Кај нас, пак, прашањето за имиграцијата привлече големо внимание откако излегоа извештаи од одредени британски медиуми (главно таблоиди) во кои се тврди дека земјава е во преговори за прифаќање бегалци чии барања за азил се одбиени од Велика Британија, предизвикувајќи остра дебата на македонската политичка сцена. Ваквите информации беа категорично негирани од страна на македонските носители на највисоки функции, па известувањето во британските медиуми треба да се земе со доза на резерва, особено бидејќи е познато оти објавите на т.н. британски жолт печат, вклучувајќи и за прашањето за имиграцијата, најчесто се сензационалистички, поткрепени само со некакви претпоставки и шпекулации.
Македонија во изминатите десетина години прими бегалци од Авганистан и од други земји од Блискиот Исток и од Африка, а потоа и од Украина. Земјава во периодот од 2015 до 2017 година се соочи со голем мигрантски бран во кој поминаа 800 илјади лица за кои Македонија издвои значителни финансиски средства, за нивно привремено сместување, исхрана, здравствена и социјална заштита. А справувањето со овој проблем тогаш беше голем предизвик за целокупното македонско општество.
Македонија активно ја демонстрира својата солидарност во односот кон бегалците во многу од досегашните бегалски кризи. Се сеќавам дури и на бегалската криза од соседството, од Косово, кога повеќе стотици илјади бегалци, кои ја преминаа нашата северна граница, беа примени на македонска територија со највисок степен на хуманост, емпатија, помош и згрижување. Голем дел од нив и останаа кај нас решавајќи си го прашањето околу постојан престој и државјанство. Она што сакам да го издвојам е дека и покрај сета кревкост на нашето општество по ова прашање, не се сеќавам дека ние како Македонци и како држава не сме биле гостопримливи и како-така, или најмногу што можеме, сме се организирале за да им излеземе во пресрет на судбините на индивидуалци или поголема група луѓе што не по своја волја го напуштиле својот дом. Македонија секојпат реагира и на дело покажува хуманост, додека ЕУ најчесто дебатира без да дејствува.

Европски функционери по слични такви дебати, во понеделникот, го финализираа големиот реформски процес на миграцискиот систем на европскиот блок, вклучувајќи ја можноста за поедноставени депортации и притворања на мигранти. Долго време се води жестока расправа за миграцијата и меѓу членките на ЕУ. Но, со порастот на баратели на азил и други мигранти во Европа пред една деценија, јавната дискусија за ова прашање се промени. Јасно е дека Европа ја очекуваат исклучително сериозни безбедносни предизвици по притисокот од САД за создавање независна безбедносна структура што нема да се потпира врз НАТО, туку ќе дејствува самостојно.
Пристапот на НАТО кон одвраќање на миграцијата е вграден во пошироката стратегија на воениот сојуз за справување со хибридни закани преку разузнавање, надзор и колективна одбрана, осигурувајќи дека миграцијата не може да се искористи за ослабување на безбедноста на Алијансата.

Додека примарните напори на НАТО се насочени кон источното крило поради војната во Украина, но и за одвраќање на миграцијата од Блискиот Исток, Северна Африка и појасот Сахел, миграциските предизвици во регионот на Западен Балкан, вклучувајќи и во однос на Македонија, исто така се сметаат за критични за одржување на целокупната евроатлантска безбедност и стабилност. Партнерските механизми на Алијансата затоа треба да помагаат во поддршката на членките при справување со сложени безбедносни закани, во кои секако спаѓа и неконтролираната миграција.
А политичките лидери од Западна Европа веќе извесно време бараат начин да се осамостојат на геополитичката сцена со замислите за изградба на европски столб во НАТО во време кога САД веројатно ќе го намалат својот ангажман во Европа, па сегашните предизвици во однос на имиграцијата се шанса да преточат квалитетни идеи во дело, наместо да се пуштаат медиумски балони или да се бараат несвојствени начини да се испорачаат мигрантите и бегалците на друго место, далеку од нивните граници.