Ме изеде туѓ срам

Пресудата против Марин Ле Пен ги потврди зборовите на Џеј Ди Венс дека Европа со своите политички неистомисленици се справува со методот на таканаречен санитарен коридор (firewall). Низ тој коридор поминаа многу политичари, како Саркози, Вилдерс, Јерг Хајдер, Додик, Никола Груевски… Како Европа да го преживее санитарниот кордон? Ќе преживее ли европската демократија во време кога Европа даде сигнал сите да се вооружуваме, да складираме резерви на храна, лекови, ќебиња…, во време кога Европа се подготвува за војна. За војна! Ме изеде туѓ срам или, уште попрецизно, се срамам да кажам дека сум од Европа

Се сеќаваме, нели, на изјавите дека Доналд Трамп победил на изборите кога за првпат беше избран за претседател, со помош на Русија. Токму Кремљ влијаел на изборниот резултат. И таа вистина мораше да ја проголта американскиот консумент како витаминска, органска, здрава политичка храна. Сѐ е можно со слободни медиуми, а Америка ги има на куп. Колку сакаш и какви сакаш слободни медиуми, кои можат да направат приказна што од насловните страници ти се вовлекува под кожа. И ќе си речеш – па да, тоа мора да е така. Но во реалноста не било така. И да не успееше мисијата на Трамп и неговата јака екипа повторно да го добие гласот на американскиот гласач, на средната класа, но и на милијардерите (тие имаат своја мисија, тие сакаат да ги претворат милијардите во трилиони), таа приказна ќе продолжеше да се врти како несоборлива вистина.
Трамп беше портретиран во медиумите како некој опасен, недоквакан, необразуван политичар. И таа матрица фати добар корен во Европа, континент што се смета себеси за многу напреден, една матрица што може да продава балони со боите на виножитото, наполнети со секакви филозофски мисли, промисли, најдобрите идеи. Но има политичари што можеби ќе ви простат, но нема да ви заборават. И сега Европа ќе го враќа долгот. Едноставно ќе мора, нема каде. Процепот му Вашингтон (Американците) и Брисел (ЕУ-пејците) е преголем. И да има единствен телефонски број за повик во Брисел, двете страни преку Атлантикот во моментов тешко ќе се разберат. Станува збор за многу големи разлики. Западот, онаков каков што го познававме до денес, е на пат да ја отпише како свој сигурен сојузник Европската Унија. Не цела Европа, туку ЕУ. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на собирот на елитата во Давос, Швајцарија, во февруари им кажа сѐ директно, а една од работите, која е поразителна за Европа, е таа дека, според Американците, во Европа се губи демократијата, го снемува нејзиниот демократски капацитет и се претвора во нешто друго. Во прашање се доведени и нејзините христијански вредности и за тоа никој однадвор не е виновен, тука самата Унија. Во Европа катедралите зјаат празни.
Пресудата против Марин Ле Пен, во моментов најпопуларна француска политичарка, која освен затворска казна, заменета со куќен притвор, доби драконска казна за забрана за политичка дејност во траење од пет години, не можеше никако поинаку да се прочита, освен како нарачана судска егзекуција. Значи на површина не се гледа политичкиот маневар на кој и да било, туку сега треба сите да веруваат дека правниот систем функционирал. Тоа е точно, но само донекаде. Оти да се пишува за злоупотреба на пари што се во оптек во Европскиот парламент, а ги има многу и токму се наменети за тоа на што ги користела и Ле Пен, е како да се пишува домашна работа на темата „Пролет во мојот крај“. Коментарот на Илон Маск е дека левичарите, според нивните правила, се пресметале со политички противник, а тој систем го користат глобално. Би било добро да се потсетиме кој во Македонија судеше во изминативе седум-осум години и според кои правила. Дали токму според тие што ги спомнува Маск?

Ако Џеј Ди Венс остро ја критикуваше политиката на создавање „санитарни коридори“ во Европа, сега е уште појасно зошто е тоа така апла кажано. Па, сѐ е апла, веќе ништо не се крие. Овој конфликт на неолиберализмот со традиционалистите и во Европа е во тек, не е само во САД. Во Америка можеби подлабоко ќе се ора контаминираниот политички пејзаж, но по оваа пресуда ни во Европа духовите нема да бидат мирни. Ле Пен има околу 11 милиони потенцијални гласачи зад себе. Ако таа не успее да ја добие битката со судскиот систем, тогаш некој нејзин наследник ќе може да смета на тие гласови, кои по ова би требало само да растат. Пример е Германија, каде што по изборите што ги доби ЦДУ гласачите уште го креваат рејтингот на АфД од причини што тие што ги поддржале Мерц и ЦДУ не сакаат да гледаат нова коалиција со поразениот Шолц и неговата СПД во надолен пад. Значи АфД расте. Тоа треба добро да се запамти. Да потсетиме дека санитарниот кордон го зафати и Николас Саркози (и тој за нелегално финансирање), потоа Герд Вилдерс (не смее да биде премиер), пред десетина години во изолација беше ставен и Јерг Хајдер, па дури под политички мраз беше и цела Австрија, се обидуваат да го направат тоа со Виктор Орбан, со Роберт Фицо, Милорад Додик. И да не заборавиме дека низ санитарниот коридор на Европа поминаа и Никола Груевски и добар дел од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Значи, имаме еден класичен хантингтоновски судир на леви и десни и гледајте каде била моќта, тупаница на европската демократија.
Зошто Западот, каде што најмоќна е Америка во секој поглед, би ја отпишал ЕУ? Има повеќе причини, но Западот се темели најмногу на пари, а вредностите пак произлегуваат од богатството. Не е од вчера тенденцијата Америка да биде хегемонот и над Европа. Но во поново време особено по непринципиелниот став на ЕУ да не застане зад Америка по 2001 година и воената интервенција во Ирак, причините на Вашингтон да го зајакне притисокот врз Европа стана поголем. Затоа и беше европскиот стрес-тест во 2008 година со финансиската криза. Но сега веќе е уште појасно – ако сака Европа да биде партнер и сојузник со Америка ќе мора да плати. Сумата е многу висока.

Една од главните причини е што Европа и Америка веќе драстично се разликуваат и по главните геополитички прашања, за климата, за зелената енергија, па дури и за светскиот мир. Од друга страна, стратегискиот потег Велика Британија да излезе од ЕУ значеше слабеење на Европа. Дали ЕУ ќе може да смета на Лондон како на свој сојузник? Хм, тешко прашање, но да видиме што ќе се случува со Форт Нокс. Пари, пари, пари! Уште од мандатот на Франсоа Оланд, Франција излезе пред светот со амбиција дека сака да биде светски фактор. Можеби и може, но тоа значи уште еден крокодил во малиот базен. Сега се наметнува и Германија. Јасно е дека меѓународниот поредок етаблиран по Втората светска војна се урива. Особено е нарушен воениот баланс во Европа и тоа дополнително ќе се почувствува со реализацијата на германскиот план за брзо и масивно вооружување, а впрочем и цела Европа даде сигнал – мораме да се вооружуваме! Дали европските лидери ќе нѐ претворат во глинени гулаби? На добар пат се, за жал. Датумот е утврден – 2030.
Во санитарниот европски коридор, демократијата веќе е сериозно ранета, а штом слободите и правата се начнати, следни ќе бидат социјалните права и правда и ќе бидеме сведоци на она што се вика антиисторија. Можам јавно да кажам дека се срамам да кажам дека сум од Европа откако Европската комисија издаде упатство до граѓаните на блокот да се подготвуваат за војна и да складираат неопходни артикли, храна, лекови, вода. Европа се подготвува за војна?! Европа што Западот ја отпишува, а Истокот нема намера да ја запише, барем ваква каква што е денес, овде и сега.