Една од најголемите грешки што Македонија ги направи како држава е што со уставни амандмани се откажа од грижата за македонското малцинство во соседните земји и на тој начин ги остави Македонците отаде границата препуштени сами на себе.
Тоа не го прави ниту една друга земја на светот бидејќи тоа автоматски би значело разбивање на сопственото етничко ткиво и оставање отворен простор за асимилаторите што поскоро да ги реализираат своите хегемони цели и да направат еден чекор напред во остварување на своите мегалодржавни стремежи, кои на Балканот сѐ уште се живи.
Тридеценискиот вакуум-простор влијаеше врската меѓу Македонците во Бугарија, Грција и Албанија со матичната земја од година на година да слабее, а попустливите политики на многу македонски влади, само колку да им угодат на соседите и на Европа, заради проевропски соображенија, ги направија нашинците отаде границата многу поранливи на асимилаторските политики на соседите, кои ниту членството во Европската Унија не успеа да ги направи со пошироки и подемократски погледи од оние што им останаа уште од 19 век.
Пред пет години лично како новинар бев меѓу Македонците во Мала Преспа и можев да се уверам во тешкиот живот што го имаат таму, бидејќи Албанија како држава целосно го има запоставено овој дел затоа што и самата беше во целосен хаос во 90-тите години на минатиот век. Потфрли и Македонија, која можеше преку разни хуманитарни акции да им помогне на тие луѓе, макар се работело со пакети за хигиенски потреби, книги, храна, облека, со интензивирање на културната и образовна соработка, со барање начини да се стимулира прекуграничната соработка… Но тоа беше во 1990-тите години, а јас бев таму на почетокот на 2020 година и слободно можам да кажам дека ништо не се сменило 30 години, буквално светот таму како да застанал во 19 век. Само што ја поминавме границата се сретнавме со двајца постари селани од Пустец како со дрвен плуг ја ораа нивата. Дрвен плуг! Во време кога се планира мисија на Марс, Македонците во Пустец со дрвено рало тераат едно магаренце колку да си обезбедат нешто храна од нивата! Е тоа е сликата кога некој ќе се откаже од своето малцинство. Но „Нова Македонија“ во ниеден момент не се откажа од помошта кон македонското малцинство во Албанија, било да се работи за дистрибуција на весници, книги и секаква друга помош.
Завчера премиерот Христијан Мицкоски отиде во Албанија и говореше на отворањето на Македонскиот фолклорен фестивал „Преспа“ во општината Пустец, Албанија, настан преку кој на најдобар начин се демонстрираат посебната македонска култура и фолклор. Премиерот, говорејќи пред насобраните Македонци, порача дека припадноста не се брише, дека коренот останува, дури и кога над него дуваат силни ветрови. Уште рече и дека Македонија како држава ќе продолжи да ги помага нашинците отаде границата и насекаде низ светот, за да знаат сите дека македонскиот народ има своја историја, свој идентитет различен од соседите и дека тој како таков бил препознаван со векови. Она што беше исклучително важно во обраќањето на премиерот пред Македонците во Албанија, тоа е дека се воспоставува нова врска што ќе значи континуирана грижа во иднина преку проекти, програми и политики што ќе водат кон сплотување на Македонците, без оглед дали меѓу државите постојат граници бидејќи етничката припадност не познава никакви ограничувања. Македонците си се Македонци без оглед дали живеат во Албанија, Грција, Бугарија, Србија, на Косово, во Германија, Словенија, Канада, Австралија…
Несомнено посетата на Мицкоски и обраќањето пред Македонците во Пустец беше едно пријатно освежување по годините молк од надлежните кога станува збор за грижата за малцинствата и секако е за поздравување, но истовремено треба да биде и обврска на државата и во иднина таа грижа да продолжи континуирано во секаква форма.
Клучно е да се градат политики во кои Македонците преку границата ќе се третираат како нераскинлив дел од македонското етничко ткиво. И оние во Пустец, оние во Овчарани, Серез, Кукуш, во Благоевград, во Гора, во Јабука, сите се Македонци и не можат да бидат ниту Албанци, ниту Грци, ниту Бугари, ниту Косовци, ниту Срби, но секогаш ќе бидат лојални граѓани на тие држави каде што живеат. Од друга страна, должност на тие држави е да го уважуваат нивното право на етничка самоидентификација без да им наметнуваат некакви поинакви пристапи, односно без да им се прави асимилација.
Еден од највисоките демократски принципи за кои се залага Европа е грижата за малцинствата и правата што тие малцинства треба да ги уживаат. Тоа треба да важи за сите, а Македонија потврди дека кога се работи за малцинските права, таа е убедлив лидер, дури многу понапред и од повеќето земји членки на ЕУ.
Затоа Македонија како држава треба да ги сондира сите работи што се случуваат под радарот и да преземе чекори преку кои ќе работи на враќање на македонското малцинство кон матицата. Никој не треба да има никакви илузии дека соседните држави седат со скрстени раце и ќе ја остават Македонија да ги негува врските со Македонците преку границата. Напротив, тоа се стари држави со докажана дипломатска мрежа, со воспоставени канали преку кои се практикуваат анахрони политики што се претставуваат како некакви европски вредности. Впрочем, Албанија ја користи ваквата ситуација бидејќи со тоа што дозволува слободно низ нејзина територија да крстосуваат разни емисари и да вршат притисок врз тамошните малцинства си обезбедува сојузници за нејзините евроинтеграции. А кога утре ќе ги снема Македонците во Албанија, во Гора, тогаш идејата за поширока регионализација на западниот дел на земјава, за што говори ДУИ, оди во прилог на идеите на некакви големи држави. Впрочем, зошто тогаш албанските партии во земјава толку здушно ги бранат договорите со Бугарија и со Грција, кои сами по себе се етноцидни и негаторски кон македонскиот народ?
Како и да е, играта одамна трае, а по години апстиненција редно е Македонија да почне да се грижи за малцинствата преку разни инвентивни начини, повеќе културни средби, фестивали, прекугранични проекти, научни семинари, но и лобирање кај земји сојузници, за еден поширок пристап кога станува збор за малцинските права и асимилаторските политики во 21 век. И петпати да нѐ блокираат, Македонија не смее да се откаже од сопственото малцинство каде и да се наоѓа. Како што матицата ги држи пчелите околу себе, така и државата треба да ги држи малцинствата. Ако ни ја разбијат и таа врска, тогаш секоја друга борба ќе биде залудна.