Топ вест во светот деновиве што никако не се симнува од насловните страници секако е атентатот врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп за време на предизборен митинг во американската сојузна држава Пенсилванија, непосредно пред одржувањето на конвенцијата на која Трамп и официјално треба да стане претседателски кандидат на републиканците во пресрет на ноемвриските избори.
Сликата со високо крената рака стегната во тупаница и раскрвареното лице веднаш по атентатот, додека присутните на собирот сѐ уште беа во шок и не знаеја што точно се случува, прекуноќ направи од Трамп „бунтовник“ тргнат во мисија „да ја направи Америка повторно голема“, без оглед на цената.
Несомнено високопрофесионалните пиар-тимови ќе знаат како да го спакуваат сето ова во една моќна кампања, зачинета со елементи на шоу-бизнис, на што Американците се навикнати со години, кампањи што често уште однапред го одредувале победникот на американските претседателски избори.
Но, нејсе, за тоа ќе одлучуваат Американците за неколку месеци, а во следните денови и натаму ќе се истражува како можел обичен аматер да внесе пушка во обезбедениот периметар на поранешниот американски претседател, да лежи со наместено оружје на покривот на објект во рамките на фармата каде што Трамп држеше говор, без да биде забележан од безбедносните служби. А да биде парадоксот уште поголем, некои од присутните на митингот на Трамп го снимиле со мобилните телефони како е позициониран горе на покривот. Дали можеби мислеле дека е дел од поставените снајперисти што безбедносно го обезбедувале просторот, па не алармирале, тешко е да се утврди. Факт е дека дури и во американските криминалистички серијали од типот на „ФБИ“, „Специјален одред“, „С.В.А.Т“ и слични, сценаристите не оставаат такви безбедносни дупки какви што остави службата што требаше да се грижи за безбедноста на Трамп. Тоа е целосно недозволиво, без оглед што по пукањето специјалците се истопорија на бината, мавтаа со нишанот наваму-натаму, небаре играат „Фортнајт“. Сѐ понатаму изгледаше како сцени од американските акциски филмови, телохранители нафрлени врз претседателот, џипови со затемнети стакла подготвени за брза евакуација, сирени што го параат воздухот, вресоци од испаничените луѓе. За жал, во нападот загина и еден од присутните на митингот, а уште двајца беа ранети. Убиен беше и напаѓачот, младо момче на 20 години, во време кога животот беше буквално пред него.
Мотивите никому не му се јасни, ниту бил некаков радикал, неговиот профил на социјалните мрежи не содржел заканувачки зборови, немал историја на проблеми со менталното здравје, едноставно кажано мирно и неекспонирано момче како многу други. Клучното прашање што си го поставуваат истражните органи е што би натерало еден вакво лик, патем и регистриран републиканец, да се дрзне да земе оружје и да пука по поранешен претседател и кандидат за потенцијален нов претседателски мандат. Одговорот ќе го бараат специјалните американски служби, ако воопшто го најдат сега кога повеќе атентаторот го нема и нема да може да каже зошто пукал и дали некој го наговорил на такво нешто. Во недостиг од одговори од прва рака, останува да виси во воздух дилемата како некому му се раѓа таква луда идеја во главата да си го уништи сопствениот живот во време кога целиот свет и со и без Трамп веќе тргнал стрмоглаво кон самоуништување. Американците се махери за добри сценарија, па, така, постарата генерација го памети филмот „Манџуриски кандидат“ од 1962 година со Френк Синатра во главната улога, а нешто помладата (веќе средовечна) генерација се сеќава на римејкот на истиот филм од 2004 година со Дензел Вашингтон и Мерил Стрип. Поентата во филмот е дека се зема некој лик, кому преку хипноза му се всадува идеја да го застрела претседателот и потребен е само клучен збор што во одреден момент ќе го активира да го изврши тој чин, без воопшто да биде свесен за постапката. Се разбира, ова се само холивудски фикции и немаат никаква врска со однесувањето на атентаторот Томас Крукс, но за психолозите и натаму чуден и неразбирлив е оној детонатор во мозоците на луѓето што се решаваат на ваков насилен чекор, а немале никакви проблеми во минатото.
Како и да е, претстои долга истрага што треба да даде одговори како лицето влегло со пушка на имотот каде што Трамп држеше говор, како се искачило на блискиот објект на оддалеченост не повеќе од 200 метра и како истрелало неколку куршуми во правец на бившиот американски претседател. На сето ова, ФБИ призна дека воопшто не знаеле од каде дошле истрелите, па додека да се свестат, атентаторот испукал сѐ што имал во шаржерот, при што полесно го рани Трамп, но уби друго и рани уште две лица во публиката.
Атентатот врз Трамп предизвика лавина реакции од повеќето светски државници, дури и од оние на кои не им е омилен, кои изразија шокираност од она што се случува на тлото на САД. И пораките што стигнаа од светските лидери, но и од оние во регионот, вклучувајќи и од македонските политичари, говорат дека сите со загриженост ги следат случувањата во текот на американската претседателска кампања, оти ако почетокот е ваков, тогаш прашање е каков ќе биде крајот.
Каква ќе биде пораката кон сите светски демократии ако САД, како водечка светска демократија, изборната кампања ја спроведуваат во речиси воени услови? Сега секоја конвенција ќе биде под опсада на кордони специјалци, безбедносни служби, засилени проверки и контроли, наместо тоа да биде празник на демократијата на кој гласачите ќе се информираат за изборните програми и планови на претседателските кандидати.
Како и да е, нападот беше најблиску до „успешен атентат на претседател или претседателски кандидат“ откако беше застрелан Роналд Реган во 1981 година. Тоа ја зголеми загриженоста за политичкото насилство во длабоко поларизираните САД на помалку од четири месеци пред претседателските избори. Но овој настан ја зголеми и загриженоста во целиот свет, особено во контекст на разгорувањето на сѐ повеќе воени жаришта, кога демократијата сѐ почесто се заменува со употреба на насилство за остварување на целите, а тоа ќе го одведе светот во амбис од кој нема враќање.
Клучно сега е САД брзо да го расчистат случајот и да обезбедат услови за нормален демократски тек на претседателската кампања, со што ќе испратат порака до целиот свет дека демократијата на моменти можеби е фрагилна и многумина се обидуваат да ја загрозат, но за неа нема алтернатива.