Ако јазикот е најсилно оружје на секоја нација, тогаш значи дека колку повеќе познавачи на тој наш јазик имаме, толку можеме да се потпреме на нив како идни поддржувачи и репрезенти на македонскиот јазик, литература и култура. Доколку еден од врвните приоритети ни е зачувување и негување на јазикот, книжевноста и културата, тогаш и светот ќе може да ги препознае како врвен дострел на македонскиот културен ентитет и идентитет
Македонистиката се изучува цели триесет и пет години на Шлезискиот универзитет во Катовице, податок што деновиве го сподели Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, Полска, податок што во исто време го актуализира вечно горливото прашање за опстојувањето на лекторатите низ светот. Од Шлезискиот универзитет пишуваат дека полските студенти се восхитени од автентичноста на македонскиот јазик, дека часовите по македонски јазик се одвиваат интензивно, на значително високо рамниште, а на универзитетот има и докторанди по македонски јазик…
Овие придобивки од изминатите децении и создадените нови перспективи обврзуваат соработката и содејството во афирмацијата на македонистиката не само да продолжат туку и постојано да се развиваат, но за тоа е неопходна и поддршка од матичната земја, која, за жал, честопати изостанува. Кадрите што работат во лекторатите по македонски јазик неретко се жалат дека имаат најниски плати во образовниот систем во Македонија, а живеат во странски земји, иако нивната мисија има несогледливо значење – тие го предаваат и негуваат македонскиот јазик, создаваат нови говорители и преведувачи, со еден збор ја промовираат државата.
Станува збор за вистинска мала армија од македонисти во светот – 300 студенти на универзитетите во Истанбул, Риека и во Будимпешта (на додипломски и постдипломски студии) што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура и уште 100 на универзитетите во Торонто, Љубљана и Марибор, Загреб, Лондон, Познањ, Нови Сад, Брно и Храдец Кралове, Братислава… Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ неодамна започна иницијатива и за отворање нов лекторат на Универзитетот во Анкара, Турција, покрај осумте што земјава ги има во странство.
Ова ќе биде втор лекторат во Турција, по оној во Истанбул, кој е отворен уште во 1985 година и кој минатата година го прослави својот убав јубилеј – 35 години од почетокот на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура.
Овие лекторати функционираат само благодарение на ентузијазмот на луѓето што работат таму. И, секако, поради интересот од студентите. Ако бројката на слушатели е параметар, тогаш секако несомнено најмногу слушатели по македонски јазик има на универзитетите во Истанбул, Риека и во Будимпешта. Како што посочува и Весна Мојсова-Чепишевска, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик при УКИМ, за разлика од Загреб (кој заедно со лекторатите во Париз, Будимпешта, Москва и Љубљана е најстар), лекторатот во Риека е најмладиот лекторат. Но македонистиката во Риека има долга и богата традиција. Сепак, таа смета дека не смееме да гледаме само низ призмата на математиката зашто лекторатот во Москва е при големиот Универзитет „Ломоносов“ каде што наставата по македонски јазик како главен предмет се изведува од академската 1975/76. Или Катедрата по македонски студии во Париз при познатиот ИНАЛКО, кој е еден од најстарите и кој за некоја година ќе го прослави својот јубилеј – 50 години…
Оттука, како што посочува и директорката на МСМЈЛК, јазикот е најсилно оружје на секоја нација и колку повеќе познавачи на тој наш јазик имаме, толку можеме да се потпреме на нив како идни поддржувачи и репрезенти на македонскиот јазик, литература и култура. Колку добри познавачи на тој наш јазик имаме, толку можеме да очекуваме и преводи на македонската литература на нивните јазици и научни трудови.
Затоа несомнено е важно да се создадат добри познавачи на македонскиот јазик. Важно е да се поддржува македонистиката во нашите лекторати во странство. Јазикот е најголемата комуникациска, научна, уметничка и културна придобивка. Доколку еден од врвните приоритети ни е зачувување и негување на јазикот, книжевноста и културата, тогаш и светот ќе може да ги препознае како врвен дострел на македонскиот културен ентитет и идентитет.