Зошто Македонците велат дека македонското прашање не е затворено и на кој начин кончено може да се затвори? Македонската држава е релативно млада, но во неа се вградени вековните стремежи на македонскиот народ за политичка и национална самобитност, а оттука сите припадници на македонскиот народ посакуваат Македонија да влезе во Европската Унија со македонски јазик, историја, култура итн. Тука е и решението на македонското прашање! Конечно признавање на македонските национални особености, како од Европската Унија така и од Атина и Софија. Сѐ додека македонските национални особености не бидат признаени, сѐ дотогаш Македонците постојано ќе повторуваат дека македонското прашање не е решено. Брисел и Европската Унија имаат шанса да го решат горчливото македонско прашање..
Некој може бесконечно да нѐ убедува дека македонското прашање е решено, но тој едноставно не ја говори вистината, а пред вистината и боговите молчат. Но што всушност е македонското прашање? Ако некогаш сте го посетиле северниот дел на нашиот јужен сосед, низ сите населени места може да забележите споменици на фамозните македономахи (македонски борци или борци за Македонија) како што е споменикот на Константинос Котас во Руља или споменикот на архимандритот Григориос во Чуриловскиот манастир. Колку и да звучи апсурдно, споменатите Котас и Григориос се етнички Македонци и сега сосема логично се поставува прашањето зошто нашиот јужен сосед велича како национални херои припадници на друг, туѓ народ? Одговорот на ова прашање се наоѓа во грчкиот националистички наратив, кој на наједноставен начин го објаснува грчкиот митрополит Герман Каравангелис (ова е истиот Каравангелис што се споменува во песната „Народе македонски“, која беше опеана во спомен на масакрите во селото Загоричани врз месното македонско цивилно население).
Не случајно, митрополитот Каравангелис на припадниците на македонскиот народ им го проповедаше следното: „Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа. Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и спомениците што се скриени во неа, и тие се грчки и монетите што ги наоѓаме се грчки и натписите се грчки“. Искажаното на грчкиот митрополит е наједноставното видување за македонското прашање на нашиот јужен сосед, односно дека Македонија е грчка земја, а нејзините жители се Грци што говорат на словенски јазик. Но оваа грчка фантазмагорија не беше осамена, набргу ѝ се придружија бугарските и српските привиденија дека Македонија е бугарска или српска земја. Оттука настана и т.н. македонско прашање, кое ги усложнува тогашните балкански дипломатски односи, но и тогашната геополитичка поставеност во Европа. Политичката сложност на македонското прашање не дозволуваше сета Македонија да биде присвоена од Атина, Софија или од Белград, оттука имаше обид ова прашање да биде решено како во македонската поговорка „и волкот сит и овците на број“. Македонија беше поделена, а овчарот (читај македонскиот народ) го изеде помрачина.
Некој може бесконечно да ни благоглаголува дека македонското прашање е затворено, но тоа нема ништо заедничко со реалноста. Велат дека Преспанскиот договор го затворил македонското прашање. И во минатото слушавме сличен наратив за Букурешкиот договор од 1913 година, но доколку е така, тогаш ни се поставува ново логично прашање – зошто Република Бугарија не ги признаваа македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Одговорот на ова прашање, повторно е едноставен и гласи – македонското прашање не е затворено. Со создавањето на современата македонска држава во рамките на пошироката југословенска федерација, интегралното македонско прашање беше во мирување. Потоа, во некоја своја форма, тоа повторно стана актуелно со референдумот од 1991 година и прогласувањето слободна, суверена и самостојна Македонија. Некој може повторно да запраша зошто македонското прашање повторно станува актуелно, но овој одговор го знаат и малите деца – надвор од границите на современата македонска држава живеат припадници на македонскиот народ, кој има сопствен јазик, историја, култура и сѐ така до бесконечност.
Нашите соседи не можејќи да се соочат со сопственото минато и реалноста, повторно започнаа со националистичка демагогија, а на тоа се должат и апсурдниот спор за уставното име на Република Македонија и денешните бугарски негирања на македонските особености. Некој постојано може да повторува дека македонското прашање е затворено, македонското прашање е затворено и сѐ така до бесконечност. Но ние треба да погледнеме реално на нештата и да ги восприемаме како што нѐ учеше Крсте Петков Мисирков и велеше „Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не’ прашаат за сите прашања што не засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува се’ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас“. Оттука сѐ додека припадниците на македонскиот народ велат дека македонското прашање не е затворено, тогаш тоа и никогаш нема да биде затворено, без разлика како велат нашите соседи.
Но зошто Македонците велат дека македонското прашање не е затворено и на кој начин кончено може да се затвори? Македонската држава е релативно млада, но во неа се вградени вековните стремежи на македонскиот народ за политичка и национална самобитност, а оттука сите припадници на македонскиот народ посакуваат Македонија да влезе во Европската Унија со македонски јазик, историја, култура итн. Тука е и решението на македонското прашање! Конечно признавање на македонските национални особености, како од Европската Унија така и од Атина и Софија. Сѐ додека македонските национални особености не бидат признаени, сѐ дотогаш Македонците постојано ќе повторуваат дека македонското прашање не е решено. Брисел и Европската Унија имаат шанса да го решат горчливото македонско прашање преку признавање на националната самобитност на македонскиот народ, а не со разбирање за бугарските апсурдни негирања. Истовремено, Атина и Софија треба да погледнат кон Белград и да им дадат човекови и малцински права на припадниците на македонскиот народ, како што е правото на здружување или афирмацијата на македонскиот јазик. Сѐ додека не се случи тоа, македонското прашање нема да биде затворено.
Нашиот текст ќе го завршиме со зборовите на Христо Татарчев, кој велеше: „Индивидуалноста на македонскиот народ, која што е резултат на именити сили кои дејствувале низ вековите, е зачувана и до денес, а ќе се зачува и во иднина“.