Македонски спортски концепт, што беше тоа?!

Позитивните примери се добар показател во кој правец треба да размислуваат и клубовите и федерацијата генерално. Да се инвестира во сопствената иднина, независно дали во играчкиот кадар или во стручниот дел. Да се покаже малку поголема верба во сопствениот кадар, во она што го имаме дома, кое ќе биде многу полојално и со поинаков пристап од оние што доаѓаат од страна. А доколку се носат од страна, ако веќе се инсистира на такво решение, тогаш да се потрудиме да носиме врвни имиња, ако ни дозволува буџетот, а да не трошиме време и пари со тренери (а и играчи) за кои ќе бидеме само попатна станица. Или како што деновиве рече еден револтиран ракометен навивач: „Не сме ние автошкола, па на нас да се учат“

Информациите од теренот велат дека македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер во следната сезона ќе има нов тренер. Ваквиот епилог следува откако Шпанецот Раул Алонсо реши да ја смени средината, или попрецизно, не одолеа на понудата од германскиот тим Лајпциг, па реши да замине од Битола. Оваа информација ја потврдија од битолскиот клуб, наведувајќи „приватни причини“ за заминувањето и посакувајќи му многу успех понатаму.
Изненадувачка информација, особено ако се знае дека пред битолската екипа е уште една сезона во елитното европско натпреварување, што е вистински предизвик за секој тренер, но ете Шпанецот се решил да побара нова средина, при што веќе се зборува дека има договор со германскиот клуб Лајпциг.
Оваа епизода уште еднаш го отвора прашањето или поточно, сериозно опоменува за потребата од вртење кон сопствени, домашни сили, кои, во најмала рака, ќе покажат поголема лојалност кон клубот, но и кон развивање на националниот спорт, придонесувајќи за него во името на националниот грб, знаме, химна.
Веќе дојдовме во ситуација да не патиме од некој комплекс на инфериорност и да ја доведуваме во прашање стручноста на нашите домашни тренери. Доволно е само да го земеме најсвежиот пример од ракометот, каде што Алексо Лембанов му беше асистент на споменатиот Алонсо, а иста улога имаше Стојанче Стоилов во Вардар. И двајцата со својот ангажман на најдобар начин потврдија дека се подготвени за многу позначајни улоги.
Да не зборувам дека Кирил Лазаров цврсто стои зад кормилото на Алкалоид, екипата што годинава се закити со европска титула, а патем беше нераскинлив дел од домашната тројка, која до последен миг се бореше за распределба на титулите во првенството и во купот.

Кога на овие имиња ќе ги додадеме нашите тренери што во странство со успех ја градат својата кариера, а тука мислам пред сите на Данило Брестовац и неговата успешна работа во Катар или, пак, тренерот на голманите Перо Мисовски, кој има одлични успеси на гурбет, тогаш мислам дека е навистина време да престанеме да размислуваме од позиција на помала вредност, туку да почнеме реално да ги согледуваме сопствените сили.
Треба ли да се потсетуваме дека по децении лутање и експериментирање со селектори на чело на фудбалската репрезентација, конечно со доаѓањето на Благоја Милевски и Игор Ангеловски го доживеавме она што генерации фудбалски вљубеници само го сонувале.
Но да се вратиме на ракометот. Не е ли време за малку посилно потпирање на сопствени, домашни сили? На оваа тема сме се навраќале и порано, веројатно ќе се навраќаме сѐ додека не започнеме да размислуваме малку потрезвено и пореално. Да им се даде шанса на оние докажаните, а да се најде начин оние перспективните да се доедуцираат и подготвени да ја чекаат својата шанса. Сега барем се многу подостапни соодветните семинари, кампови, обуки на кои перспективните тренери ќе можат да го освежат и да го надградат своето знаење и да го вкрстат со најдобрите светски искуства. Во тоа треба да инвестираат клубовите и федерацијата ако сакаат да имаат сигурна иднина, барем од тренерски агол.
А што се однесува до играчкиот кадар, одличен пример за тоа е своевидниот ракометен инкубатор на Горан Ѓоргоноски, неговата ракометна школа, која токму овие денови го има своето летно издание, поточно летниот камп на кој повторно покрај деца од цела Македонија повторно има учесници од неколку земји од Европа. Очигледно, репутацијата на летниот камп ги пробива границите на Македонија и како добар пример за почетна обука на идни ракометари привлекува гости од повеќе земји.
Токму овој пример е добар показател во кој правец треба да размислуваат и клубовите и федерацијата генерално. Да се инвестира во сопствената иднина, независно дали во играчкиот кадар или во стручниот дел. Да се покаже малку поголема верба во сопствениот кадар, во она што го имаме дома, кое ќе биде многу полојално и со поинаков пристап од оние што доаѓаат од страна.
А доколку се носат од страна, ако веќе се инсистира на такво решение, тогаш да се потрудиме да носиме врвни имиња, ако ни дозволува буџетот, а да не трошиме време и пари со тренери (а и играчи) за кои ќе бидеме само попатна станица. Или како што деновиве рече еден револтиран ракометен навивач: „Не сме ние автошкола, па на нас да се учат“.