- Претседателката на Европската комисија денеска ќе се обиде да ни ја претстави важноста на вештачката интелигенција во иднина, како и нејзината амбиција за позиционирање на нашата земја во средиштето на таа проблематика. А сето тоа во интерес на Унијата. И тоа е во ред. Но она што повторно ќе се обиде на маргините на посетата е – подетално да ни ги објасни „квалификуваното мнозинство во одлучувањето“ и шансата за Македонија
Урсула фон дер Лајен доаѓа денеска во Македонија. Но зошто? „Ова ќе биде пригода да се повтори поддршката на Брисел за патот на пристапување на регионот кон Европската Унија и неговиот постепен пристап до единствениот пазар, како и да се разговара за Планот за раст на ЕУ од шест милијарди евра за Западен Балкан за 2024-2027 година“, објаснува во официјална изјава по овој повод прес-службата на Европската комисија.
Во својата редакциска анализа со наслов „Зошто Фон дер Лајен го посетува Западен Балкан секоја година?“, „Њу унион пост“, аналитичкиот интернет-портал за проблематиката на проширувањето на ЕУ на италијанскиот истражувачки новинар Федерико Бачини, завчера напиша: „Петта година по ред претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, започна турнеја низ Западен Балкан, патувајќи од север кон југ и од исток кон запад. Но зошто? Постојаното присуство на Урсула фон дер Лајен во регионот ја нагласува стратегијата за зацврстување на нејзината улога како доверлив соговорник, во време кога довербата во ветувањата на ЕУ се колеба. Сепак, нејзината доследност во посетата на регионот секоја есен по неколку дена – дури и во предизвикувачки периоди кога во Брисел се донесуваат големи одлуки, како што е одбранбената стратегија за 2030 година – сугерира дека можеби има нешто повеќе во игра“.
Не „можеби“, туку е сосема јасно дека има нешто повеќе во игра штом доаѓа Урсула фон дер Лајен во Македонија на само четири дена пред одржувањето на локалните избори. Не е ни малку случајно што доаѓа во таков момент. Основна политичка пристојност и имање чувство на политички морал би било причина за секој одговорен европски политичар и воопшто кај секој одговорен претставник на меѓународната заедница да се воздржи од „работна посета“ во Македонија баш во време на избори, за да не биде сфатен дека се меша во внатрешните работи на една суверена држава.
Урсула фон дер Лајен е директниот иницијатор на идејата, според која, за воведувањето во структурите на Унијата треба да се одлучува со „квалификувано мнозинство наместо со вето“ и очекувам дека и нам ќе се обиде да ни ја „продаде“ оваа иницијатива. Според замислата на Фон дер Лајен, ќе мора и натаму да има едногласност на сите 27 членки на ЕУ за отворањето и затворањето на преговорите на државите кандидатки за зачленување во ЕУ.
Квалификуваното мнозинство во одлучувањето би се применувало само во техничките меѓучекори. Што значи, Македонија би морала во секој случај да ја има согласноста од Бугарија, за да се отпочнат преговорите со ЕУ, а тоа е многу јасно дека би значело целосна примена на „бугарскиот лошососедски договор“, на „преговарачката рамка“, во „пакет“ со „вториот протокол“.
Шефицата на Европската комисија настапува од позиција во која Бугарија со својот излез на Црно Море има сега сѐ поголема важност за ЕУ како стратегиски столб за источното крило и на НАТО и на новата европска политичко-безбедносна архитектура. Не случајно во Бугарија се гради најголемата нова европска фабрика за оружје од важност за намислената војна со Русија, за која ЕУ се подготвува со максимално темпо. Паралелно со ЕУ, а јас сум сигурен и со меѓусебна координација, настапува претседателот на Франција, Емануел Макрон, во нов обид да издејствува од Македонија „правда за бугарските барања“.
Урсула фон дер Лајен денеска ќе се обиде да ни ја претстави важноста на вештачката интелигенција во иднина, како и нејзината амбиција за позиционирање на нашата земја во средиштето на таа проблематика. А сето тоа во интерес на Унијата. И тоа е во ред. Но она што повторно ќе се обиде на маргините на посетата е – подетално да ни ги објасни „квалификуваното мнозинство во одлучувањето“ и шансата за Македонија.
- Она што ќе го премолчи Урсула фон дер Лајен е дека „квалификуваното мнозинство во одлучувањето“ првенствено е искреирано само за да се „ескивира заканата на Унгарија дека со вето ќе го блокира почетокот на преговорите со Украина“. Ќе премолчи и дека Македонија не е предвидена ниту „под разно“ во тоа сценарио за проширување на ЕУ. За жал…
Она што ќе го премолчи е дека „квалификуваното мнозинство во одлучувањето“ првенствено е искреирано само за да се „ескивира заканата на Унгарија дека со вето ќе го блокира почетокот на преговорите со Украина“. Ќе премолчи и дека Македонија не е предвидена ниту „под разно“ во тоа сценарио за проширување на ЕУ. За жал…
Треба и ние сега да ги насочиме своите активности во одбрана на македонската кауза против разноразните европски сценарија и планови за нејзино уништување. Ни припаѓа и нам обврската и ние да се впрегнеме, но во содејство со сите други граѓани на оваа заедничка Македонија, за да ја преземеме одговорноста на зачувувањето на Македонија како држава во оваа епоха кога исчезнуваат оваа неолиберална Европа и нејзиното олицетворение ЕУ.
Легендарниот американски претседател Џон Кенеди во своето време рекол: „Човек може да умре, нации можат да се кренат и да паднат, но идејата живее!“ Ќе го дополнам парафразирано во македонска верзија: Но македонската идеја мора да продолжи да живее, колку и да се обидуваат да ја сотрат!
Свето Тоевски