Македонија нема проблем со трампизмот – напротив!

Значи, ние сме на дрвото на кое ќе седи и Трамп и тоа е така уште од времето на Елцин-Клинтон, кога се исцртаа сферите на интерес и ние припаднавме таму каде што сме и сега. Можеби договорот од Ванкувер меѓу Елцин и Клинтон беше новата Јалта? А можеби токму сега ќе се донесе новата Јалта? За нас е важно да знаеме кои сме, со кого сме, зошто сме со нив, да знаеме кои се нашите вистински пријатели и да знаеме како дома во заедништво да ги браниме нашите државни и национални интереси. Големите работи нема да зависат од нас, но мора да бидеме видливи за големите. На начин што ќе биде изграден врз база на „да ја направиме Македонија голема повторно“

Инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави на 20 јануари е настан што има глобален интерес. Возбудата е уште поголема затоа што заклетва по вторпат ќе даде Доналд Трамп, кој со левата рака ќе ја држи Библијата и ќе ја кажува заклетвата, а потоа ќе чекаме да ја слушнеме неговата визија за Америка и нејзиното место во светот. Што значи МАГА (скратеница од „Да ја направиме Америка повторно голема“)?
Давањето свечена заклетва е празник на американската демократија и тој настан за нацијата има посебна важност. Тие се горди на нивниот модел на демократија. Прв положил заклетва, според членот 2, дел 1 од Уставот, Џорџ Вашингтон во 1789 година во Њујорк. Забележано е дека неговиот говор бил најкраток – содржел само 135 збора. За најмоќен говор се смета тој на Џон Ф. Кенеди и позната реченица „Не прашувајте што може државата да ви даде, туку прашајте што можете вие да ѝ дадете на државата“. Заклетвата се состои од 35 збора: „Свечено се колнам (или потврдувам) дека верно ќе ја извршувам функцијата претседател на Соединетите Држави и ќе го чувам, заштитувам и бранам Уставот на Соединетите Држави најдобро што можам“. Додавката „Господе помогни ми“, што некои претседатели ја кажуваат, не е дел од официјалниот текст.
Ако првиот претседател Џорџ Вашингтон имал потреба да каже што било важно во само 135 збора, што ќе каже 47. претседател, Доналд Трамп? Светот го чека. Светот не е ист од времето на Вашингтон, ниту, пак, е идентичен на тој што Трамп го остави како 45. претседател. Времињата брзо се менуваат и тоа на Трамп и на неговата екипа во администрацијата добро им е познато. Светот е навлезен во мултиполарен период (матрикс) и тоа е точка од која ќе нема враќање.
На инаугурацијата во Вашингтон се очекува да присуствуваат околу 200.00 луѓе, а главни музички ѕвезди ќе бидат Кери Андервуд и групата „Вилиџ пипл“, ќе има политичари, инфлуенсери, милијардери и огромно обезбедување, затоа што веќе има сигнали за можен посериозен инцидент. Но, ќе ги нема да речеме еден Си Џинпинг, па и еден Путин, иако првиот беше поканет, а за вториот не сме сигурни. Македонска делегација ќе биде неколку дена во Вашингтон и тоа е добро. Секогаш е добро да бидеме таму каде што има гужва, дипломати, бизнис-заедница. Така се станува видлив.
Без разлика дали го сакаат или не Трамп, ова особено се однесува на повеќето членки од ЕУ, тие не му се благонаклони, но пак сите ќе сакаат да се качат, ете фигуративно, на големото дрво на кое ќе седи и Трамп. Тоа е секогаш така, но притоа треба да се внимава на тежината, затоа што гранките можат ненадејно да се скршат, а тоа значи пат во бездна. Да станеш патник без да ја контролираш насоката, брзината или твојата крајна дестинација. Имавме најмалку една влада што го изгуби својот национален компас и сега е потребно враќање на патеката на националните и државните интереси. Наш впечаток е дека владиниот курс е во таа насока и очекуваме, веруваме со право, нејзините напори, намери и цврсто партнерство да бидат препознаени и да се вклопат во интересите на трампизмот. Како? Најдобро ако ние развиваме свој трампизам, а македонската десница што е на власт е препознаена и по тоа што споделува слични вредности како тие на американските републиканци што застанаа зад Трамп, но такви политички сили има насекаде низ светот. Иако нема да биде едноставно, сепак, се гледаат првите јасни сигнали дека се урива кулата изградена на либералната идеологија. Тоа ќе значи и напуштање на концептот на „владеење на малцинството“ и враќање на државниот концепт „владеење на мнозинството“. Веќе на големо се отворија вратите за проветрување од контаминацијата што ја предизвика движењето „Вок“. Некои ќе речат дека е тоа враќање во минатото, но понекогаш мора, ако човештвото разбере дека „работите отидоа предалеку“. А, отидоа.

Значи, ние сме на дрвото на кое ќе седи и Трамп и тоа е така уште од времето на Елцин-Клинтон, кога се исцртаа сферите на интерес и ние припаднавме таму каде што сме и сега. Можеби предолго се чекаше за првиот амбасадор на САД во Македонија, наместо „Американски културен центар“, да ја стави таблата „Американска амбасада“ на почетокот на 90-тите години од минатиот век. Виктор Комрас така влезе во историјата и во нашата колективна меморија. Можеби договорот од Ванкувер меѓу Елцин и Клинтон беше новата Јалта? А можеби токму сега ќе се донесе новата Јалта? За нас е важно да знаеме кои сме, со кого сме, зошто сме со нив, да знаме кои се нашите вистински пријатели и да знаеме како дома во заедништво да ги браниме нашите државни и национални интереси. Големите работи нема да зависат од нас, но мора да бидеме видливи за големите. На начин што ќе биде изграден врз база на „да ја направиме Македонија голема повторно“. Тоа во нашето опкружување веднаш ќе биде разбрано како суров национализам, но комшиите треба да гледаат позитивно на нашата намера да градиме суверена држава, што ќе значи придонес за стабилноста, за соработката, економијата, а не да бидеме килимче од кое секој ќе си ги брише чевлите. Не! Заврши времето на безрбетници што наведнати ќе ја водат нацијата кон беспаќе и ќе ја продаваат државата како на пазар.

Затоа, очекуваме поддршка од новата американска администрација, по сѐ што жртвувавме, дадовме или продадовме, па и треба да добиеме нешто повеќе од Брисел, особено од ЕУ. Но, искрено, очекуваме многу повеќе од нашите избрани претставници, кои можат да бидат кројачи на нашата судбина и да имаме доверба во нив. Мили ми се комшиите и странците, но помили ми се моите. Тоа за нас ќе биде во скоро иднина најважно – да ја изградиме македонската куќа најдобро што можеме.
Што се однесува до Америка, ним им е појасно и од нам, кои сме ситни риби, дека во светот владее нова поделба на моќта и оти светскиот поредок создаден по Втората светска војна е на стаклени нозе. Колку брзо ќе се случуваат промените ќе видиме, но ќе ги има. Се создаваат нови регионални сојузи, нови иницијативи, БРИКС е особено моќен блок, само ООН го преспа векот?! А токму таму малите држави ја гледаа својата можност да бидат видени, чуени да дадат некој свој предлог.
Да, има еден интересен момент што сметаме дека треба да се издвои – верскиот елемент кај Трамп и неговиот став дека христијанството треба да се обедини под ист крст, без стотиците свои деноминации. Сите во иста црква. Ова ако фати некаков корен, несомнено бил било еден од најголемите цивилизациски чекори. Дојде и тоа, иако малкумина веруваа дека е невозможно – новата ера на Трамп. Дали ќе видиме и нова Америка, која некогаш беше шампион во демократија?