Рангирањето на Македонија во рамките на некоја статистичка средина во светот според мерливиот индекс на среќата (84. место од 143 земји испитаници) би требало да сугерира дека граѓаните на земјата се половично среќни од животот што го имаат во државата. За причините за (не)среќноста на Македонците не се навлегува во извештајот на Мрежата на Обединетите нации за решенија за одржлив развој, но најголемиот број од сите што сакаат да бидат среќни сметаат дека половично среќниот е далеку од вистински среќен човек. И колектив…
Граматички, зборот „среќа“ е апстрактна именка и наједноставно се дефинира како лична состојба на човекот предизвикана од чувства и емоции на задоволство и исполнетост. Трагачите по среќа (обично се нарекуваат – филозофи) предупредуваат дека најголемата причина за состојбата на човештвото, кое е обратно од чувството на среќа (несреќа), се должи на поривот апстрактната категорија да се претвори во материјална. Сепак, луѓето живеат во материјален свет и не треба да се „обвинуваат“ што очекуваат и посакуваат да ја „допрат“, измерат и колку што е можно да ја „регулираат“ среќата. Па затоа имаме игри на среќа, законски регулирани од државата, но и надвор од законот… Бараме формули за среќа, мерки за среќа…, кои во реалниот материјален свет исто така можат да бидат на продажба, секако без гаранција дека ќе функционираат. Но не смееме да го игнорираме и рационалниот пристап на среќата, како во поговорката дека „секој си е ковач на својата среќа“, покрај оние ирационалните – „роди ме мајко со касмет (среќа), па фрли ме на буниште“.
Во секој случај, и покрај филозофските гледишта за среќата како апстрактна категорија, мерењето на колективната среќа стана своевиден реален параметар за процена на влијанието на економските и политичките фактори за квалитетот на живот во државите и на нациите. Имено, Мрежата на Обединетите нации за решенија за одржлив развој, која опфаќа 143 земји, од 2012 година објавува годишен извештај за светската среќа. Годишниот извештај за светската среќа, за поддршка на целите за одржлив развој на ОН, се заснова на податоци од американската компанија за истражување на пазарот „Галуп“, анализирани од глобален тим што сега го води Универзитетот во Оксфорд. Луѓето од 143 земји и територии беа замолени да го оценат својот живот на скала од нула до десет, при што десет беше најдобриот можен живот. Општо земено, рангирањето е донекаде поврзано со просперитетот на земјите, но други фактори како што се очекуваниот животен век, социјалните врски, личната слобода и корупцијата, исто така, влијаат на рејтингот на поединците. Резултатите од последните три години се просечни за целите на рангирањето.
Според годинашниот извештај на ОН, Македонија е на 84-то место по среќа во светот, односно три позиции полошо од рангирањето во 2023 година. Од годинешното рангирање според индексот на среќа, значи дека Бугарите се меѓу најнесреќните Европејци, а од земјите во Европа по Македонија се: Албанија (87), Турција (98) и Украина (105-то место). Финска останува на првото место со просечен рејтинг од 7,7 поени, а потоа следуваат Данска, Исланд и Шведска, а на последните две места се Авганистан и Либан, со рејтинг од 1,7 и 2,7 поени, соодветно.
Рангирањето на Македонија во рамките на некоја статистичка средина во светот според мерливиот индекс на среќата (84. место од 143 земји испитаници) би требало да сугерира дека граѓаните на земјата се половично среќни од животот што го имаат во државата. За причините за (не)среќноста на Македонците не се навлегува во извештајот на Мрежата на Обединетите нации за решенија за одржлив развој, но најголемиот број од сите што сакаат да бидат среќни сметаат дека половична среќа не е вистинска среќа. Некои други домашни статистики укажуваат дека и граѓаните на Македонија го споделуваат истото гледиште за половичната среќа, што конкретно се манифестира со намалување на населението во државата за повеќе од 200.000 илјади во изминатите дваесетина години, според пописот од 2021 година. Ако во минатото иселувањето, главно на работоспособното население од државата, се објаснуваше главно од економските причини, за подобра заработка и егзистенција, последнава деценија сѐ почесто како мотив за напуштање на земјата се наведува – нефункционалноста на системот во државата, надвладување на погрешни принципи во системот на вредности, кои не им оставаат шанса на граѓаните да го реализираат својот работен и креативен потенцијал, потиснување на мерит-системот при вработувањата пред партиско–политичките интереси…
За чувството на среќа, во голема мера има влијание довербата во системот на правда и правичност во државата, предвидливоста на личниот професионален развој по сите вложувања во образованието на луѓето. Сѐ повеќе, како причина за незадоволство и отсуство на среќа, во Македонија се наведува токму таа непредвидливост во општествениот развој и недоверба во правдата.
На политички план, пак, од воспоставувањето на независната државност на Македонија, достигнувањето на среќата и благосостојбата се изедначува со стапување на државата во членство во Европската Унија. Начините на кои политичките елити во Македонија тргнаа кон освојување на така поставените цел и идеал за среќа, во голема мера се покажаа како наивни и подложни за геополитичка манипулација, што резултираше со висок степен на национална фрустрација. Секако дека состојбата на фрустрираност, особено кога е национална, не придонесува за зголемување на индексот на среќата во една држава. Колку и да ја правиме среќата мерлива според материјални критериуми (што е сосема релевантно), сепак почитувањето на човечкото и националното достоинство е суштинскиот нематеријален елемент, без кој среќата не се одзива на таа именка!