Македонија, чудесна и непозната…

Македонија во делата на странските сликари е една чудесна и непозната земја, во која се измешале јазици, вери и традиции во една перфектна хармонија. Потребни се повеќе вакви индивидуални иницијативи што пред светот ќе ја претстават токму таа и таква Македонија, не како земја на сопнување, туку како земја – мост на различностите

„Свети Наум е на 6 часови патување јужно од Охрид и е настрана од патот по кој најчесто патуваат туристите кон Јадранот, и е ретко посетен од Европјаните“, напишала англиската сликарка и писателка Мери Аделаид Волкер (1820-1905) во својата книга „Старите траги и нови патокази, скици од Крит, Македонија и Митилена“, напишана во 1897 година. Овој податок е поместен на веб-страница, која подоцна прерасна во книга, „Лексикон на странски сликари во Македонија од 1850 до 1950 година“, во која се застапени над 250 сликари и над 500 фотографии. Книгата открива неверојатни приказни од и за Македонија, преку сликарски дела на странски автори за кои не ни знаеме дека некогаш поминале низ нашата земја и го осведочиле својот престој преку уметничко дело.
„Се поделивме на две групи. Првата група патуваше покрај езерото, а втората со коњите го фати кривудавиот пат низ густата шума каде што во античкото минато минувал патот Виа Игнација. Застанавме во едно селце каде што би требало да се рушевините на стариот град Лихнидус. Залудно ги барав трагите од Лихнидус. Густата вегетација од планината ги покрила сите траги. Патувајќи низ густата шума по едно тесно патче кое стрмоглаво се спушташе кон езерото, околу 6 часот попладне пристигнавме до манастирот Свети Наум. Црковните камбани го поздравија нашето пристигнување. Некогаш во манастирот кој бил изграден во 7 век, имало и по 60-тина монаси. Денес во манастирот имаше само 6. Нѐ пречека Отец Серафим, весел, буцкаст и муабетчија, кој беше очигледно возбуден од оваа необична средба – посетата на европските дами е прва таква средба во историјата на манастирот. Решија да нѐ почестат со вечера. Приготвувањето на вечерата излезе дека е прилично сериозна работа. Поминуваше час по час, а готвењето траеше и траеше. Отец Серафим се обидуваше да ни го олесни чекањето со честење слатки, кафе и муабети. Манастирот всушност служи како дом за сираци. До манастирот се наоѓа куќа во која се сместени 60-тина сираци. Манастирот исто служи како место каде што се лечат душевно болни луѓе…“.

Приказната продолжува, а ова е само мал фрагмент од книгата на Мери Волкер од 1897 година, за која многу малку се знае. Постои податок дека Волкер ја посетила Македонија и во 1864 година каде што изработила цртежи, кои се објавени во нејзината прва книга „Низ Македонија, кон албанските езера“.
Авторот на „Лексиконот на странски сликари“, Влатко Милошевски, вели дека 130 години по посетата на госпоѓа Волкер, манастирот „Свети Наум“ изгледа поинаку, „дека во гробот на Свети Наум нема веќе затворени лудаци за лечење, ако побараш леб и оцет во ресторанот ’Острово‘, ќе те погледнат како да си мрднат, а потребни се не повеќе од 30 минути да се стигне од Охрид до Свети Наум, со автомобил, не со магаре или коњ“. Сепак овој временски прозорец кон Охрид од крајот на 19 век, како што вели Влатко, кај него буди мала носталгија кон една мистичност и чувство за авантура што денешната цивилизација го избришала од туристичката метропола Охрид.
Ова е само една од приказните што ги собирал Влатко од Македонци, Грци, Бугари, Срби, Турци, кои нудеа помош и споделуваа нови информации за сликарите што ја посетиле Македонија, од Британци, Американци, Французи, Германци, Австријци чии предци се бореле на Македонскиот фронт во Првата светска војна… приказни што мора одново да се раскажуваат за и по неколку века да не бидат избришани од колективната свест на некоја идна цивилизација. Книгата што ги собира на едно место овие неверојатни исечоци на многу оригинален начин зборува за културниот и историски живот во Македонија.

Тие се можеби најдобриот промотор на нашата земја, и тоа не само за заинтересираните за историјата на уметноста, приказните се напишани така што го предизвикуваат љубопитство дури и на некој што е комплетно „неедуциран“ за оваа проблематика. Историите на уметничките дела се заплеткуваат во многу важни историски, општествени, уметнички и политички контексти, но најмногу од сѐ, секоја приказна е едно кратко љубовно писмо до Македонија, како што би рекол нивниот собирач. Македонија во делата на странските сликари е една чудесна и непозната земја, во која се измешале јазици, вери и традиции во една перфектна хармонија. Потребни се повеќе вакви индивидуални иницијативи што пред светот ќе ја претстават токму таа и таква Македонија, не земја на сопнување, туку земја – мост на различностите.