„Мадам Тисо“ отаде Вардар, а ДУИ ни Вардар не го пере

Во една наелектризирана атмосфера откако ДУИ е тргната од власта, конечно ја видовме сликата на нашето општество, зачмаено во својата партизирана демократија, клиентелизам, корупција и баеги незнаење. Тоа е цел систем, кој полека се урива. Зошто ДУИ логорува пред влезот на Уставниот суд? Како се дозволи тоа, зарем тоа не е сериозен притисок врз една независна институција и власт? Како протече строго доверлив документ од судот пред тој да се изјасни за Законот за јазиците? И како се случи највисокиот суд да се сети дека – ете, сега ќе ги разгледаме 13-те иницијативи за тоа дали Законот за јазиците е уставен или не?! По пет долги години чекање. Тој суд всушност долги години е музеј на мумифицирани судии, кои како мумии стоеја кога се менуваше името на Македонија. Ама тие судии беа восочни фигури, украс, нашиот „Мадам Тисо“ отаде Вардар

Како да ја дефинираш Македонија? Едно од најтешките прашања. Мене ми изгледа како криво насадено дрво, кое и покрај грешката во садењето, кутрото, се обидува да расте право како шарпланинска бука кон синевините. Може ли? Секој може да проба, нека засади дрвце накриво и ќе го види резултатот – тоа криво ќе расте, а комшиите зад грб ќе му се смеат. Ќе биде за подбив оти – ни дрво, бе, не знае да засади. Затоа старите рекле „криво седи, право збори“, а ние и тука обратно. Сите традиции, знаења, познавања од 1991 година до вчера ги превртевме наопаку.
Нашите уставотворци, како што еминентниот доктор и професор Садикарио ќе ги нарече нашите „Џеферсони“, скроија некаков мутант устав, кој наместо да заштитува права и слободи, тој дискриминира. Потоа сета општествена енергија и нерви ги потрошивме на колективните права на најголемото малцинство во државата, а ги запоставивме индивидуалните права. Во таа магла за права ни се случи најголемиот грабеж наречен приватизација, веројатно поголемо зло и од процесот на национализација и колективизација, насилен процес спроведен по Втората светска војна. Потоа се измислија некои амандмански франкенштајни, кои се неразбирливи и за нас самите, како на пример флоскулата „делови од народ“. Простете, но токму еден од тие уставотворци поднесе жалба пред Судот за човекови права во Стразбур, па му беше одбиена зашто пронашле грешки во процедурата. Тоа е тоа наше професорско познавање со дупки. И тие дупки, тоа незнаење им го пренесуваат на своите студенти, тие на други студенти. Значи – дупки.
И така, ако на тој 17 ноември 1991 година добивме некаков граѓански устав, низ Македонија веќе беа фрлени семињата на злото, па посеавме етнички партии и дрвото почна да ни расте накриво, а жетвата од година на година ни е сѐ побогата со изми и пизми. Затоа, тврдам дека нашата грешка не е фабричка, туку е лабораториска, и ова треба да се изучува на нашите правни факултети со прашањето зошто не успеавме да бидеме подобри од генерацијата што ги удри државните темели на Првото заседание на АСНОМ. Зошто? Дали денес сме свесни, дали имаме чувство и пиетет кон тоа што е направено тогаш – Македонците самите со својата храброст, идеализам и слободарски дух и стремеж за државност застанувајќи на вистинската страна на историјата, сами си ја создадоа слободна, суверена и демократска Македонија, која гарантира рамноправност за сите нејзини граѓани.

Ниту Хабзбурговци, ниту розенкројцери, ниту масони, ниту која било кралска лоза не се дрзнала да ѝ наметне круна на Македонија за разлика од нејзините соседи – Албанија, Грција, Бугарија (таа дури има три вазалски долга кон Отоманската Империја, кон Русија и кон Австроунгарија), Србија… Тоа е величината на Македонија, ама кој да ја види?
Етничките партии наметнаа клима на етноцентризми, и тоа трае и добива само нови форми. Но, ете, првиот мит дека Македонија била вештачка држава е разбиен, доказ е темелот удрен во „Св. Прохор Пчињски“. Вториот мит е дека Албанците се државотворен народ и ова сега се шири како фама и се сее страв, се шират закани и тоа мора да биде општоприфатено. Факт е дека голем дел од албанската популација на референдумот за самостојност на Македонија измисли свој локален референдум за некакваси Илирида, фантомска држава што никогаш не постоела. И оттогаш живееме во паралелни светови. Она што се сака да ни се наметне како некоја нормалност е дека Македонците и Албанците се сретнале во Македонија во 2001 година, и тоа на бојно поле, малцинството извојувало воена победа и така тоа станало државотворен народ. Каде ќе нѐ одведе тоа? Размислува ли некој за последиците од таквиот милитантен авантуризам? Се тврди дека имаме соживот, ама само ако сакаат Албанците, дека имаме мултиетничко општество, и тоа успешен модел, и тоа само ако сакаат Албанците, најчесто ставови на ДУИ? Видовме жална слика како албанските малолетни ученици ги тераат да нишанат (во кого) држејќи пушки во раце, а тоа треба да биде приредба за деца?! Зарем со омраза ќе градиме соживот? Па, и со лаги. Не оди тоа така, не е домаќински, што би рекле старите и мудри луѓе.
Можеме да уриваме уште митови, но во една ваква наелектризирана атмосфера откако ДУИ е тргната од власта, конечно ја видовме сликата на нашето општество, зачмаено во својата партизирана демократија, клиентелизам, корупција и баеги незнаење. Рековме, повеќето од нас сме дупки, па многу работи се туркаат насила. Зошто ДУИ логорува пред влезот на Уставниот суд? Како се дозволи тоа, зарем тоа не е сериозен притисок врз една независна институција и власт? Секако дека е. Како се дозволи да протече строго доверлив документ од Судот пред тој да се изјасни за Законот за јазиците? И како се случи највисокиот суд да се сети дека – ете, сега ќе ги разгледаме 13-те иницијативи за тоа дали Законот за јазиците е уставен или не?! По пет долги години чекање. Тој суд всушност долги години е музеј на мумифицирани судии, кои како мумии стоеја кога се менуваше името на Македонија. Каде во Уставот пишува постапка како се менува име на држава? А? Нигде! Ама тие судии се восочни фигури, украс, нашиот „Мадам Тисо“ отаде Вардар. Ненадлежни, без став, а и сега, веројатно исплашени до ниво на зачестена употреба на тоалет хартија, ги ставаат на седница тие 13 иницијативи, па сега си даваат рок до напролет, кога кривото дрво ќе почне да цути, да го кажат своето мислење.

Па, што ги ставале иницијативите на седница? Судиите Албанци дури се осмелиле, замислете, да не присуствуваат на седницата, како да станува збор за состанок во месна заедница, а не работа на највисокиот суд во државата. Жива срамота. Какво експертско мислење сега бараат, кога од нив се бара да донесат одлука дали законот е уставен или не. Мислење од наши експерти има, и тоа од наши две поранешни членки на Венецијанската комисија, а и од самите експерти во Стразбур. Тоа се независни експерти, а не партиски бројлери што завршиле право на некој наш факултет за штанцање дипломи и тутурутки и тука ни продаваат правна магла. Дека преседани се можни и дека така се гради држава и соживот?! Дека закон може да се објави во „Службен весник“ и без потпис на претседател (нека се потпише секретарчето во негово име) и дека тој закон сега мора да важи за да нема војна?! И многу дека, ама без сериозна аргументација за тврдењата. Во суштина никој не го забранува албанскиот јазик, се бара тој да се стави во законски, уставни и во рамки што ги налага праксата. Затоа, ни Вардар нема да нѐ испере од незнаење и од етноцентристичко слепило. Но, како добар пример или совет може да послужи тој дека треба да се види што се случува на еден од нашите пазари, како луѓето си разговараат, преговараат, пијат чајче и се чудат, па и страхуваат, што ли се готви во функционерските кабинети.