Меѓусебното почитување, помагање и разбирање се клучни во ова време-невреме, кога човек конечно ќе сфати дека никој сам не може да плови по ова разбранувано светско море, туку треба сите да се држиме едни покрај други.
И не само внатре како општество туку треба да се држиме заедно и како соседи на оваа ветрометина наречена Балкан, оти сами и раскарани многу брзо ќе нѐ изеде помрачината на овој или оној начин. За да не се случи такво нешто, треба да почнеме да се слушаме едни со други, да се прифаќаме онакви какви што сакаме да нѐ прифатат, со искрени и нескриени намери кон никого.
Македонија има таков пристап уште од својата независност, ги почитува сите соседи, гради добрососедски односи и, што е уште поважно, постојано ги унапредува правата на малцинствата во земјава до степен на рамноправност со мнозинскиот македонски народ, свесна дека токму малцинствата се мостот што дополнително ги зближува соседните држави.
За жал, некои политики од соседството не беа на иста линија, туку повеќе одеа на ѓон, кажано во фудбалски жаргон, кога не се признава еден народ, неговиот јазик, неговата историја и култура. Кога некој ќе ти каже дека за него не постоиш, што да му одговориш? Таквиот пристап ги создаде овие антагонизми што со години непотребно ги оддалечуваат македонското и бугарското општество, не затоа што има недоразбирања меѓу обичните граѓани, туку затоа што така одлучила некоја политика. А кога политиката ќе ги вмеша прстите, тогаш добиваме резултат што не е никакво изненадување, туку е резултат на народниот револт кон негаторските политики кон него. Резултатите од анкетата за уставните измени спроведена од страна на Институтот за политички истражувања за потребите на емисијата „Детектор“ покажаа дека 64 отсто од граѓаните во земјава сметаат дека не треба да се прифати внесување на Бугарите во Уставот, па дури тоа да значи одложување на преговарачкиот процес со ЕУ. Од анкетираните, 82 отсто од Македонците се против внесување на Бугарите во Уставот. Ова не се воопшто добри бројки кога станува збор за односот меѓу две општества што по сите логики треба да бидат блиски и пријателски. Ова се лоши бројки, да не речам поразителни.
Но, никој не треба да има никаква илузија дека сето ова е резултат на политиките што Бугарија ги водеше подолг период кон Македонија, особено последните неколку години, кога наместо и самата да се заложи за што побрз прием на земјава во ЕУ и да лобира за тоа, таа ја блокираше на тој пат поради прашања од историјата, околу јазикот и генерално околу македонскиот идентитет во целост. Да не беше ваквиот пристап на бугарската политика, тогаш повеќе од сигурно бројките во анкетата немаше да бидат вакви, како што никој немаше да има против македонскиот Устав да се дополни со уште неколку малцинства, меѓу кои и бугарското.
А рецептот за добрососедство е толку едноставен и применлив, што навистина зачудува леснотијата со која некој упорно сака да ги држи македонско-бугарските односи под мраз.
Имено, деновиве во Софија се одржа состанокот на шефови на држави и влади „Акаба процес Балканот III“, чии организатори беа Бугарија и Кралството Јордан. Бугарскиот претседател Румен Радев на состанокот ја покани и македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, сакајќи да ја вклучи и земјава во овие важни процеси. Македонија нема да ја заборави ниту бугарската помош при кочанската трагедија, кога голем број пациенти беа згрижени во бугарските болници. Македонија не заборава и дека Бугарија беше таа што помогна колку толку да се надмине ембаргото своевремено наметнато од грчка страна, кога земјава се соочуваше со енергетски колапс. Сите овие позитивни примери говорат како треба да се гради добрососедство, односно кога ги нема точките на сопнување, тогаш работите функционираат перфектно.
Затоа сега повеќе од важно е во моменти кога светот се превртува наглавечки конечно да почнат да се тргаат настрана спорните работи околу кои Македонија и Бугарија имаат различни гледишта оти на тој начин не само што страда сегашноста туку неминовно ќе страда и иднината, а сите ние заедно ќе останеме заглавени во минатото подалеку едни од други од кога било.
Затоа, кога ќе се тргнат настрана различните гледишта за одредени прашања, тогаш дијалогот почнува да се одвива во пријателска атмосфера, која е повеќе од потребна за враќање на разнишаната доверба меѓу двете држави и двата народа што со векови живееле едни покрај други, граѓаните флуктуирале во обата правца, во повеќе наврати си помагале меѓусебно, така што нема никаква причина сега да е поинаку.
Низ историјата македонското општество отсекогаш функционирало како мултинационално, мултиконфесионално, немало предрасуди кон никого, туку постоеле заедништво и солидарност.
Македонците важат за кроток народ, кој секому сака да му помогне, кон никого не покажал агресивност, непочитување, непризнавање, туку, напротив, широк е да прифати сечие мислење, митови, наративи ако тоа ним им значи. Тоа го бараме и ние, да ги живееме сопствените историски митови, да ја истакнуваме сопствената идентитетска припадност, да го говориме јазикот што го говореле нашите предци, без, притоа, некој тоа да ни го забранува, да ни го наметнува сопствениот наратив и тоа да го користи како алатка за да нѐ блокира.
Кога ќе се случи тоа, тогаш ќе се интензивира и политичката, научната, образовната, медицинската, економската, културната и секаков друг вид соработка меѓу двете земји, без никакви скрупули и какви било резерви.
Тогаш повеќе од извесно е и дека на анкетите ќе има други резултати, но, што е уште поважно, ќе почне да дува нов ветер на соработка и пријателство што ќе биде вовед во градењето една нова иднина за сите, за сегашните, но и за генерациите што доаѓаат.