Дали со неговото лишување од слобода, ламбата на Ламбе сакаше да ги разгори или, пак, напротив, сакаше да ги осветли невистините и неправдите што многу долго ни се наметнуваат? Оние што го познаваат Ламбета тврдат дека неговото име е една длабока метафора, која и преку неговиот личен чин е обид да се обрне внимание и да се осветли еден нов патоказ како почеток кон патот на разбирањето, уважувањето и добрососедството на два блиски народи, толку различни, а толку географски блиски
Пожарот на влезната врата на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во строгиот центар на Битола, за кој постои основано сомнение дека е подметнат од страна на познатиот македонски пејач на забавни мелодии Ламбе Алабаковски (наводно постои и лично признание дадено пред истражните органи), за малку фалеше да го дораспали огинот што долго тлее меѓу односите на релацијата Бугарија – Македонија. Дали со неговото лишување од слобода, ламбата на Ламбе сакаше да ги разгори или, пак, напротив, сакаше да ги осветли невистините и неправдите што многу долго ни се наметнуваат? Оние што го познаваат Ламбета тврдат дека неговото име е една длабока метафора, која и преку неговиот личен чин е обид да се обрне внимание и да се осветли еден нов патоказ како почеток кон патот на разбирањето, уважувањето и добрососедството на два блиски народи, толку различни, а толку географски блиски.
Но, се разбира, и дека чинот на Ламбе наиде на остра осуда и кај бугарските и кај македонските државни власти, бидејќи современ „солунски (читај битолски) атентатор“ навистина во вакви современи и цивилизациски околности е – излишен!
Сега, кога е познат идентитет на лицето што ја потпали влезната врата на културниот центар „Ванчо Михајлов“ останува надлежните педантно да расчистат кој бил неговиот мотив.
Нејсе, тие што имале можност да бидат во негово друштво и добро го познаваат Ламбе Алабаковски, го знаат како добар, примерен, скромен и семеен човек, кој е наедно и голем верник, посветен христијанин и следбеник на моралните, етичките и духовни норми на православието. И како и секој човек, и тој го минува(л) патот низ земските искушенија.
Ламбе, по неколку години поминати на печалба во Флорида, САД, неодамна со семејството се врати во Битола и неговото Љубојно, со желба својата животна егзистенција и егзистенцијата на неговите малолетни деца да ја гради и остварува(ат) во неговата Македонија. Од пред извесно време, Алабаковски се врати и на неговата огромна љубов, песната и музиката, и секоја вечер настапуваше во познатите битолски ресторани и кафулиња. Оттаму најголемиот број битолчани што го познаваа(т) Ламбе Алабаковски, веста што ја објави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ја примија со чудење и неверување.
Што му се вртело тоа утро нему во главата, па да се одлучи во саботата на 4 јуни, во раните утрински часови, да го потпали влезот на културниот центар знае само тој. Одговорот на ова прашање, кое секој еден од јавноста си го поставува, покрај тој самиот, треба да го утврди и истрагата. Битолската чаршија е веќе преполна со толкувања: дали тоа го направил од патриотски причини и убедувања, можеби во знак на револт, бес, или поради некои други причини, фрустрации или мотиви, останува да каже самиот тој или да докаже истрагата.
Но како и да е, без разлика на мотивот и поводот, Ламбе Алабаковски направи крајно непромислен потег, кој му фрли црна дамка на неговата личност и кариера и кој сигурно скапо ќе го чини. А чинот имаше потенцијал да ѝ направи огромна штета и на државата, бидејќи министерката на Бугарија, Теодора Генчовска, воопшто не се двоумеше на настанот и на сторителите да им прикачи тешка политичка димензија, за да „ја насочи водата на бугарската воденица“ и да впери прст кон Македонија за влошените меѓудржавни односи меѓу Бугарија и Македонија.
Бугарија не ја пропушти можноста случајот со палењето да го издигне на највисоко ниво и да го крене гласот за наводната омраза што ја имаат граѓаните на Македонија (?!) кон Бугарија. Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, која веднаш допатува во Битола, како по однапред утврдено сценарио, попрецизно кажано, однапред подготвено обвинение, го даде дури и описот на сторителот на пожарот и целта и модус операндито преку кое се открива заднината на целиот случај. Бугарската фингерајка станува очигледна со нејзината изјава.
– На снимките на една од камерите можев да видам човек што мирно пристигнува со велосипед, вади туба со запалива течност и мирно ја истура течноста пред вратата од куќата. Оваа смиреност беше малку нарушена, бидејќи пожарот што избувна беше огромен, се исплаши, се сомневам дека лицето има некои повреди од овој пожар, можеби ќе побара лекарска помош. Човекот носи маска – рече Генчовска за бугарските медиуми, додавајќи дека лично смета дека ова „дело е направено ладнокрвно, смислено и намерно“.
Во сето лошо што се случи со подметнувањето на пожарот на културниот центар „Ванчо Михајлов“, она што е добро за овој немил настан е што благодарение на брзата и ефикасна интервенција на битолската полиција, не само што ситуацијата политички не се искомплицира туку има можност, ако има политичка волја на двете страни, со почитување на правните процедури и ефикасно процесирање на случајот, истото тоа да даде позитивен политички импулс и враќање на поранешната состојба на коректни односи меѓу двете држави.
А дека Битола одамна е позната по „огин и пламен“, тоа е факт. Но и дека „од авион“ може да се направи разлика помеѓу ова опожарување и оние во блиското и подалечното минато, и тоа лесно може да се констатира. Имено, во изминатиот период Битола била сведок на многу пиромански (со умисла, не во афектна состојба) подметнати пожари, кои ја опустошија околината. Да се потсетиме на големиот пожар над Битола, во месноста наречена Билбил Камен во 2011 година, кој буквално ја пеплоса Битола, потоа пожарот во „Копанки“, Ловечката куќа, „Жито Битола“, опожарувањето на десетици патнички возила… во кои, освен во ретки исклучоци, надлежните државни власти и институции молчеа, а пироманите не беа ни откриени ни приведени пред лицето на правдата.
Надлежните институции што во овој случај брзо интервенираа, не беа многу погодени и од пироманските пожари што ѝ се случуваа на државата за време на т.н. „Шарена револуција“, кога беа буквално уништени и пеплосани многу државни институции и јавни објекти.
Правило е дека брзата и ефикасна интервенција на полицијата во идентификувањето и приведувањето на сторителот пред лицето на правдата е најдобриот начин не само да се спречат туку и да се угаснат сите пожари, кои по секое нивно избувнување го потпалуваат политичарите.
Тоа што загрижува се и запаливите коментари на некои поддржувачи и „патриоти“ на социјалните мрежи, кои го величат потегот на Ламбе, оценувајќи го како високоморален, патриотски и херојски чин. Патриотизмот ни може ни смее да се покажува со подметнување пожари, или запаливи изјави преку измислени имиња или скриени профили.
Далеку ќе беше подобро својот патриотизам или љубов кон Македонија, Ламбе Алабаковски да ги покажува со тоа што од господ му е дарувано, неговиот ангелски глас и извонредни вокални интерпретации, отколку како некој „несмасен пироман“ да подметнува пожари.
Пламенот што тој во себе го чувствува кон Македонија најдобро е тој самиот да го потпалува со патриотизмот во своите песни, што наспроти огинот пред портите на клубот, таквиот оган преку неговите песни ќе претставува најсилниот пламен што ќе ги стопли патриотските души на целиот народ и кој ќе гори како вечен оган во срцата на многу генерации, сегашни и идни.