Џавахарлал Нехру, големиот индиски државник, хуманист и мислител, првиот премиер на Индија, своевремено кажал една знаменита мисла: „Сакам ветровите од секој агол да дуваат низ мојата куќа, но одбивам да ме однесе кој било од тие ветрови!“ Нехру го кажал ова сакајќи да укаже на потребата како треба и колку треба да остане отворена индиската култура за напливите и влијанијата однадвор, дека неговата Индија треба да остане секогаш вклучена во цивилизацискиот дијалог со сите други народи и држави во светот, ама најпрвин и секогаш штитејќи ги своите домашни цивилизациски, културни, политички и други специфичности и вредности. Ја поврзувам оваа вонвременска мисла со „ветриштата што дуваат“ од соседството и кои се закануваат да ни ја „однесат“ и да ни ја „разнесат“ нашата „македонска куќа“ – нашата култура.
За тие „ветришта“ веќе проговорија преку своите остри реакции оперскиот пејач Игор Дурловски и народниот пејач Спасен Силјановски во врска со зачестените инциденти, кои започнаа да ги предизвикуваат исполнителите на турбофолк-музика од Србија, но и организаторите на нивните концерти, кои ги повикуваат: пред неколку дена Александар Вуксановиќ – Аца Лукас, а претходно и Светлана Ражнатовиќ-Цеца на почетокот на ноември.
Ќе го парафразирам Нехру и ќе кажам дека сакам и јас „културните ветрови“ да дуваат од секој агол низ нашата Македонија, да влијаат позитивно и благотворно врз нашата „куќа“ – културата, но одбивам да нѐ однесе кој било од тие „ветрови“!“ Одбивам турбофолк-шундот од балканската естрадна периферија да стане „препознатлив“ белег на (не)културното живеење низ градовите во Македонија, во кои на концертите на балкански музички ѕвезди започнува сѐ почесто да ечат „песни“ со сомнителна (без)вредност.
Немам јас ништо против српската музика и вистинските српски музички народни песни и многу ме интересира зошто не повикаат такви пејачи и пејачки, во рамките на заемни македонско-српски музички турнеи, па да има во еднаква мера „струења на ветриштата“ на македонскиот и српскиот народен мелос во две насоки.
„Народните песни се показаљка на степенот од умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот. Народот в песни изливат чувствата си, в них увековечвит животот му и давнешните му подвиги, в них находвит душевна храна и развлечение; затова в жаљба и в радост, на свадба и хоро, на жетва и грозјебрање, на везање и предење, по поле и по гори, штедро изливат песните како од богат извор…“ – ова е напишано во предговорот на првиот дел на „Зборникот на македонските народни песни“ на браќата Димитар и Константин Миладинови, објавен во 1861 година.
Во својот недовршен есеј за македонската народна песна Кочо Рацин запишал дека „песната на Македонија е нејзина молитва, огледало на нејзината душа и нејзина воздишка“. „Кога се пеат македонските песни, еден силен, широк бран, полн со неисцрпна мака и длабочина ни ја преплавува душата.
Во нас воскреснуваат изминатите дни, тиха жалба и најсокровените чувства на нашето срце. Сето она што можело во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната. Во македонската песна е скриена тагата на мајка, потемнета од жалост, пресвиткана над огништето каде што огнот нечујно гасне, скриен е безнадежниот глас на ветерот што полека замира во оџакот, скриени се непоимливите моменти на љубовта, растрепенените радости, тихиот шепот на расцутените нарциси в поле и екотот на белите столетни букови стебла“, нагласил генијот на македонската поетска реч, поетот на душата на македонскиот народ Рацин.
Ние треба да сме свесни дека македонскиот народен мелос, фолклорното наследство на Македонците е „банка на вредности“, која времето ја празни! Фолклорното наследство на македонскиот народ, сочинето од песните, ората, обичаите, верувањата и слично, сѐ повеќе бидува подложено на „забот на времето“, на заборавот, како еден неумолив природен процес.
Истакнатиот фолклорист Марко Китевски од Скопје во својата 10-томна едиција „Македонски народни умотворби“ на околу 3.500 страници, покрај приказни, легенди, преданија, ставил и 1.800 народни песни од сите краишта на етничка Македонија, значи и од Пиринска и Егејска Македонија. „Тоа е најубавото што македонскиот народ го создал во изминатите векови. Сето тоа е одраз на народната култура, дел од народниот живот, сето тоа е душата на еден народ. Македонскиот народ низ вековите создал прекрасни песни и творби и од материјалната и од духовната култура – нешто со што тој може да се пофали денес пред светот.“
Но, со нашите македонски песни почнаа да се „китат“ и да се фалат Бугарите, кои дрско и „на ангро“ го крадат македонскиот народен мелос: преведуваат на бугарски јазик многу голем број македонски народни песни и ги означуваат како „бугарски народен мелос“. Дури и со карикатурални уфрлувања фрази од типот „Ние сме чеда на Аспарух“, што се случи со песната „Една мисла имаме“ на Владе Георгиевски од групата „Пелистер“, кој ја напишал таа песна и кој за првпат ја испеал на „Фолк-фест Валандово“ во 1990 година.
Ако не пројавиме како народ способност и волја да се заштитиме од „ветриштата од балканската естрадна периферија“, ако не ја запазиме и не ја заштитиме „нашата народна песна, проткаена со неискажано многу тага, со сиот наш плач и мака, но и надеж“, како што исто така запишал Рацин во споменатиот негов есеј, тогаш и навистина може да ни се случи да им успее на оние од нашето балканско соседство да нѐ „оддуваат“ како народ македонски, да ни ја „издуваат“ нашата преубава народна музика, ставајќи „авторски“ жиг „Чеда Аспарухови“!
Свето Тоевски


































