Не секоја држава или нација има природно богатство како Норвешка, оттука се наметнува прашањето како државите што имаат помали природни ресурси може да ги остварат и да ги заштитат своите интереси? Македонија како држава, нација и општество не поседува огромни рудници на злато или наоѓалишта на нафта, но поседува нешто друго: богато културно наследство, кое се протега илјадници години наназад. Но што од тоа?
Секоја суверена нација или држава настојува да ги оствари или да ги заштити своите интереси, но честопати тоа зависи од капацитетот и однесувањето на националните или на државните институции. Мора да се земе предвид дека реализацијата на националните интереси не секогаш е условена од бројноста на припадниците на нацијата или од бројноста на воениот арсенал. Моќта за заштита на националните интереси може да биде префинета, како примерот со Норвешка, која преку својот суверен фонд „Глобал“ има удел во повеќе од 9.000 компании низ целиот свет, вклучувајќи ги „Епл“, „Нестле“, „Мајкрософт“ и „Самсунг“. Споменатиот фонд се полни од продажбата на државните резерви на нафта и природен гас, а преку него норвешката држава поседува 1,4 отсто од сите компании во светот и располага со околу 1.072.840.000.000 долари. Честопати норвешките државници во остварување на своите цели, како што се климатските промени или биолошката разновидност, ја користат можноста од правото на акционерски глас во моќните компании како што е „Епл“ или „Самсунг“. Оттука глобалните корпорации мора да ги земат предвид норвешките заложби за борбата против глобалното затоплување и климатските промени.
Не секоја држава или нација има природно богатство како Норвешка, оттука се наметнува прашањето како државите што имаат мали природни ресурси може да ги остварат и да ги заштитат своите интереси? Македонија како држава, нација и општество не поседува огромни рудници на злато или наоѓалишта на нафта, но поседува богато културно наследство, кое се протега илјадници години наназад. Тука би требало да ја споменеме монументалната и богато украсена ранохристијанска крстилница, со огромни димензии и со прекрасни мозаици, кои се со претстави на геометриски и животински фигури. Археолошките истражувања потврдија дека оваа крстилница била дел од најстарата и најголема петокорабна базилика од петтиот век, која беше откриена на Плаошник, под Светиклиментовата црква.
Недоволната грижа за културното наследство, историските споменици и за археолошките локалитети е недозволива, тие се нераскинлив дел од македонското битисување и треба да се негуваат, но не само поради нас туку и поради многубројните посетители што ќе ја посетат Македонија. Не смееме да заборавиме дека т.н. Залив на Коските или комплексот познат како „Македонско село“ се наши афирматори пред светот. Дека можеме да плениме, потврда е и филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој ги претстави културните особености и природните убавини на Македонија, филм поради кој славната холивудска актерка Глен Клоуз ја посочи Македонија како дестинација што би сакала да ја посети.
Инвестирањето во македонското културно наследство, како што се најавите за продолжување на градежните активности на Плаошник или возобновувањето на сјајот на Залив на Коските, е за поздравување. Очигледно е дека заживувањето и реставрацијата на културното наследство, многубројните историски споменици и археолошките локалитети ќе привлечат голем број странски посетители и туристи, нешто што позитивно ќе се одрази врз финансиската полза на сите македонски граѓани.
Но во овие најави за заживување на македонското културно наследство има нешто што не може да го забележиме на прв поглед. Се вели дека меката моќ е способност да се влијае на чувствата и однесувањето на другите преку привлекување, но и дека имплицитното условување води кон самомотивирачко прифаќање на одредени цели, а овој начин е поефективен од експлицитното условување, како што е отворената пропаганда или рекламирањето. Со други зборови, македонското културно наследство, како што е беровскиот манастир „Свети Архангел Михаил“ или рурална споменичка целина на селото Маловиште, плени и воодушевува. Зошто е важно ова? Културното наследство, вклучувајќи ги и многубројните археолошки локалитети и историските споменици ќе ги „ловат“ срцата и душите на многубројните странски посетители и туристи, кои низ светот ќе бидат наши промотори, промотори на македонската национална култура. Во услови кога некој постојано ги негира македонските национални особености – јазик, култура, обичаи и сл., заживувањето и промоцијата на македонското културно наследство е ефикасна алатка во зајакнувањето на нашата меѓународна репутација, но и создавање реални пријатели и сојузници, како што беше поранешниот германски амбасадор Ханс-Лотар Штепан.