Културата не е декорација за задните страници на нашиот весник

Културата има едно од најважните места од зенитот на постоењето на првиот дневен весник. И натаму донкихотски се бориме за поголем простор и внимание за творечките потенцијали, иако напати се чини дека тоа е само слатка илузија. За нас, културата останува да биде основен столб, еднакво толку неопходна колку што е кревка, сектор што мора да се негува, онолку колку што се брани, денес повеќе од кога било

Минатата недела, поточно на 29 октомври, нашиот весник, весникот со кој денот го почнувале, како своевиден ритуал, и сѐ уште го почнуваат повеќе генерации, одбележа 80 години постоење (1944-2024). Историската улога на „Нова Македонија“ низ годините е незаобиколна за државава. Тоа е првиот македонски дневен весник, вграден во темелите на македонската државност, преку кој осум децении ги осознавме своите корени, азбука, јазик, уметност, творештво, култура… Одбележувањето на јубилејот е повод да ја истакнам токму улогата на културата, која отсекогаш имала важно, ако не и најважно место во нашиот весник. Како авторка и уредничка на културната рубрика од возобновувањето на весникот, секојдневно настојувам таквата тенденција да продолжи и денес, преку редовните две страници за културата во секој број, но и преку единствениот и најстар прилог за култура ЛИК (литература/идеи/ култура), кој излегува секоја среда. Прилогот не е врсник на весникот, иницијативата се раѓа во февруари 1947 година, а потоа традицијата на оваа благородна идеја се возобновува во 1986 година, но може да се пофали со речиси половина од целокупниот век на „Нова Македонија“, безмалку 40 години во континуитет. Како што потенцира во уводникот на првиот број тогашниот уредник на ЛИК, Глигор Стојковски, неговата цел е „да задоволи една долгогодишна потреба, често пројавувана во повеќето обиди да се создадат услови за публикување посебно гласило, многу поподвижно од постојните месечни и двомесечни списанија, списание што ќе биде посоодветно на различните творечки процеси“.
Зошто е важно да се потенцира и истакне нашата заложба за поголем простор за културата и за уметноста во медиумската сфера? Денес најголем дел медиуми, и тоа во глобални рамки, се крајно политизирани, комерцијализирани, селебритизирани… Облиците на масовна култура лесно пенетрираат онаму каде што не се вреднува интелектуалниот напор, онаму каде што се цени профитот, но не и вредноста. Медиумите најчесто се занимаваат само со известување, но не и со подлабока анализа, а темите од културата и уметноста сѐ уште се третираат само како декорација, и тоа на задните страници. Доминираат вестите од политиката и забавата или, во најдобар случај, од т.н. инфотеинмент. Крајно пасивниот однос кон содржините што се презентираат, нивно објавување во формата во која биле понудени и незнаење како тие содржини да се стават во поширок контекст се одлики на денешните мејнстрим, а особено на интернет-медиумите, кои изобилуваат со разни облици на масовна култура со крајно снижени стандарди.

Денес најголем дел медиуми, и тоа во глобални рамки, се крајно политизирани, комерцијализирани, селебритизирани… Облиците на масовна култура лесно пенетрираат онаму каде што не се вреднува интелектуалниот напор, онаму каде што се цени профитот, но не и вредноста. Медиумите најчесто се занимаваат само со известување, но не и со подлабока анализа, а темите од културата и уметноста сѐ уште се третираат само како декорација, и тоа на задните страници

Колку и да звучи идеалистички, во овие и вакви околности мора да се размислува за општествената улога на медиумите и за нивната културолошка и едукативна функција, покрај информативната. Сѐ поголемата таблоидизација на медиумите ја наметнува ургентната потреба од повеќе и посериозни содржини, од аналитички и критички текстови и поставување нови стандарди во покривање на настаните. Ако во моментов се анализираат медиумите во нашата земја во однос на дискурсот, изборот на теми, сугестивни наслови и фотографии, може да се донесат многу поразителни заклучоци во однос на нивниот квалитет. Моментално сме на ниво на таблоидизација, која е лесно сварлива, не тера на размислување, не бара интелектуално ангажиран читател со критичка мисла.
Наместо да се задоволува вкусот на читателот (што исто така е претпоставена категорија), медиумот треба да го создава својот читател. Никогаш не било оправдување за пласирање одредена сензационалистичка или банална содржина дека „публиката го бара тоа“, затоа што должност на јавните сервиси е да го едуцираат вкусот на таа публика. За тоа колку е еродирана медиумската сцена говори фактот што во неа повеќе простор има за огласување, реклами, тероризирање на приватноста на тривијални личности, шоу-бизнис, лајфстајл, скандал, сензационализам, секс и насилство – отколку за сѐ друго. Медиумите станаа арена за напади и насилство, за навреди и клевети, за ширење говор на омраза и за расистички и сексистички коментари.
Затоа, секојдневно настојуваме да ја одржиме жива културната рубрика, која сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека низ годините успеа да се изгради како своевиден бренд на весникот со свои верни приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност може да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина го создаде и сѐ уште го негува известувањето за културни настани, но не штуро и површно, туку аналитички и издржано. Културата има едно од најважните места од зенитот на постоењето на првиот дневен весник. И натаму донкихотски се бориме за поголем простор и внимание за творечките потенцијали, иако напати се чини дека тоа е само слатка илузија. За нас, културата останува да биде основен столб, еднакво толку неопходна колку што е кревка, сектор што мора да се негува, онолку колку што се брани, денес повеќе од кога било. Ако се знае дека културата е целокупното наследство на цивилизацијата, тоа во основа би значело дека без култура можеме да преживееме, но не и да живееме. Сакаме да покажеме дека културата сепак не е на маргините, иако, реално, можеби донекаде е и така.