За да се подобри севкупната состојба во борбата против корупцијата, не само за бизнис-секторот, потребни се големи напори, кои вклучуваат промена на свеста кај граѓаните со потенцирање на штетноста од корупцијата, промени во институциите, градење ефективни контролни механизми против корупцијата во институциите, што е можно поголема дигитализација, имплементација на законите од областа на борба против корупцијата во вистинска смисла, како и поголема транспарентност и отвореност на институциите, вклучувајќи го и делот за дискреционите овластувања.
Сѐ на сѐ, се отвори широко поле за работа. Непријателот добро го познаваме, непријателските методи и инфилтрации исто така. Сега претстојат долготрајна, бескомпромисна и безмилосна борба и трнлив пат што треба да се изоди
Триесет години водиме „борба“ против корупцијата. Корупцијата ни цвета. Од тркалезни маси, панели, конференции, анкети, работни групи заборавивме на конкретните мерки, како што се одговорностите, политичката, материјалната, кривичната одговорност, вклучувајќи ги и етичките кодекси, моралните вредности итн. Корупцијата ни се повторува како своевидно функционално перпетуум мобиле, бидејќи не се ставени во функција превентивно-репресивните механизми за нејзино искоренување. Политичката волја треба да е еден од клучните фактори за сузбивање на корупцијата.
Анкетата што ја спроведе Стопанската комора на Македонија покажува загрижувачки податоци за корупцијата и ја размрда јавноста. На пет компании им биле побарани над 100 илјади евра, други се пожалиле дека им биле побарани од 1.000 до 10 илјади евра, трети пак за учество на тендер добиле „непристојна“ понуда за 6 до 10 отсто од износот на тендерот.
Од оние компании што не прифатиле коруптивно барање, 48 отсто рекле дека имале последици врз бизнисот. Тоа било најизразено преку пролонгирање на нивните активности. Според 78 отсто од компаниите, коруптивното барање дошло од централната власт, а според 22 отсто, од локалната власт. Најчестиот облик на корупција биле пари, подарок или услуга, а обидот за нудење мито бил во постапка на добивање дозвола или одобрение, при инспекциски надзор, царинска или тендерска постапка, даночна, судска, катастарска и слично.
Според анкетата, 30 отсто од компаниите сметале дека ќе пропаднат ако не прифатат мито, но и дека судскиот систем е неефикасен, дека во власта има поединци што сакаат брзо да се збогатат, дека владее морална криза во општеството, како и дека законите не се применуваат. Повеќето компании не го пријавуваат тоа. Некои стравуваат дека ќе пропаднат, а некои се сомневаат дека ќе има некаков ефект доколку алармираат за злоупотребата.
Сето ова покажува дека корупцијата постои поради неефикасниот систем, индивидуи што ја користат власта за да се збогатат, моралната криза во општеството, како и неспроведувањето на законите.
Ефектот на корупцијата врз бизнисот и економијата е повеќедимензионален – зголемување на нелојалната конкуренција, слабеење на квалитетот на конкурентноста на компаниите, немање јасна слика од конкуренцијата, елиминација на квалитетниот кадар, привлекување нереални инвестиции итн. Факт е дека треба да се зголеми свесноста за тоа што е и како се идентификува корупцијата.
Корупцијата е како „двонасочна улица“ и сите во општеството, почнувајќи од поединечно кон колективно ниво, мора да ја смениме перцепцијата за корупцијата и заеднички да придонесеме во искоренувањето на овој феномен, кој ги подјадува економијата, економскиот раст и општеството генерално. Бидејќи корупцијата пречи во водењето бизнис, особено на малите и средните бизниси – оние што навистина сакаат да се пласираат на пазарот со квалитет и продуктивност, а не преку коруптивни дејствувања. Сепак, чувствуваат дека индивидуално немаат моќ да ги променат работите. Потребни се заедничка борба и залагање на сите засегнати страни за да се изгради општество со нула толеранција за корупцијата.
Од анкетата може да се заклучи дека централната власт е најголемиот подмитувач на бизнисот. Но, прашањето е дали само власта е виновна или и бизнис-секторот?
Ставањето на компаниите во состојба да мора да даваат поткуп за да работат, во целост ја изместува смислата на бизнис-функционирањето и во ваква ситуација странските инвеститори ќе ја избегнуваат Македонија, бидејќи тие меѓу другото бараат правна сигурност и предвидливост.
Малите и средните бизниси страдаат поради корупцијата, ама големите бизниси се збогатија токму поради неа. И сѐ додека не се сфати тоа, ништо нема да се промени. Корупцијата не ја прават чиновниците, корупцијата ја прават високите државни функционери заедно со нивните бизнис-пријатели. Сѐ додека не видиме некои од нив да завршат во затвор и да им биде конфискуван нелегално стекнатиот имот, работите ќе си продолжат по старо со децении, па дури и ќе се продлабочуваат.
Наедно и сложените бирократски процедури се особено голем товар за микро и малите компании, па тие многупати свесно не ги почитуваат, додека за голем број законски обврски никогаш не чуле, а проблемот го решаваат со нудење мито на инспекторите.
Ваквата ситуација доведе до заклучок кај бизнисмените дека е поевтино и поедноставно да го поткупат службеникот отколку да ги почитуваат законите. Тоа доведува и до нелојална конкуренција помеѓу оние што ги почитуваат законите и оние што се подготвени да понудат мито. Значи, за корупцијата и митото се „заслужни“ не само државните службеници туку и бизнисмените, а удел во сето тоа има и законодавството, кое кога ги носи законите воопшто не размислува дека тие непотребни обврски не само што му штетат на бизнисот туку претставуваат и основ за развој на митото и корупцијата.
За да се подобри севкупната состојба во борбата против корупцијата, не само за бизнис-секторот, потребни се многу напори што вклучуваат промена на свеста кај граѓаните, со потенцирање на штетноста од корупцијата, промени во институциите, градење ефективни контролни механизми против корупцијата во институциите, што е можно поголема дигитализација, имплементација на законите од областа на борбата против корупцијата во вистинска смисла, како и поголема транспарентност и отвореност на институциите, вклучувајќи го и делот за дискреционите овластувања.
Сѐ на сѐ, се отвори широко поле за работа. Непријателот добро го познаваме, непријателските методи и инфилтрации исто така. Сега претстојат долготрајна, бескомпромисна и безмилосна борба и трнлив пат што треба да се изоди.