Историски факт е дека современата македонска армија беше создадена во текот на Народноослободителната и антифашистичка борба, исто така како што е историски факт дека македонскиот народ има повеќевековна борбена традиција преку ајдутското патриотско организирање на народниот отпор, па потоа преку комитското движење и партизаните. Оттука тврдењата дека македонската армија прославува 32 години од своето постоење, како што пишуваат и објавуваат некои медиуми, немаат основа и од небрежност самите влегуваме во опасните бугарски сценарија. Како држава и општество не можеме да се откажеме од континуитетот на македонската армија, ниту да ги заборавиме илјадниците македонски борци што ги положија своите животи за македонската државност
Македонската држава е творба на вековните заложби на неколку македонски генерација. Не случајно, по повод 18 Август – Денот на македонската армија, македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова нагласи дека овој празник „е потсетување дека нас никој не нѐ ослободувал, туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна Народноослободителна борба“.
Историски гледано, Народноослободителната и антифашистичка борба од Втората светска војна е континуитет на илинденската традиција од крајот на 19 век и почетокот на 20 век, кога припадниците на македонскиот народ и сите други жители на Македонија се бореа за слобода и македонска држава против авторитарното Османлиско Царство. Ова е особено видливо во Крушевскиот манифест од 1903 година, во кој се вели: „Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода“.
Но Илинденското востание од кое произлезе славната Крушевска Република не беше ниту првото, ниту пак последното македонско востание. Македонија како нација и држава постојано се присетува на Мариовско-прилепската буна од 1564 година, Карпошовото востание од 1689 година, Разловечкото востание од 1876 година, Кумановското востание од 1878 година, Македонското (Кресненско) востание од 1878-79 година итн. Доколку внимателно се анализира, неизбежен е заклучокот дека современата македонска армија произлегува од борбената традиција на македонскиот народ, традиција што може да се согледа во Дисциплинскиот устав на востаничкиот комитет од 1879 година, изработен од Натанаил Кучевишки.
Во овој устав меѓу другото се вели: „Секој доброволец, востаник и арамија од секоја христијанска народност се прима, но тој е должен прво да даде клетва за верност и покорност на главната востаничка управа, а после се запишува во списокот на востаниците“, како и дека „секој христијанин, Македонец, којшто ќе се покаже противен на востанието и на востаниците, ќе се преследува и кога ќе се фати прилично ќе се накази“.
Од оваа борбена традиција произлезе Првото заседание на АСНОМ, кога Панко Брашнаров како најстар делегат одржува говор со емоции што предизвикуваат восхит и солзи кај присутните на заседанието.
Брашнаров бил свесен за македонската борбената традиција и затоа истакнал: „Душава ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар до Места и до Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи од македонскиот народ да го измијат десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаа коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба старите илинденци – на Гоце Делчев и на денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот, на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија. Во знак на почит кон паднатите јунаци, ве поканувам да им ја изразиме со едноминутно молчење нашата вечна, бескрајна благодарност. Вечна слава на паднатите херои за слободата на Македонија!“.
Факт е дека современата македонска армија беше создадена во текот на Народноослободителната и антифашистичка борба, исто така е очигледно дека македонскиот народ има повеќевековна борбена традиција преку старите ајдути, комити и партизани. Оттука тврдењата дека македонската армија прославува 32 години од своето постоење, како што пишуваат и објавуваат некои медиуми, немаат основа. Како држава и општество не можеме да се откажеме од континуитетот на македонската армија, ниту да ги заборавиме илјадниците македонски борци што ги положија своите животи за македонската државност.
Нештата треба да се именуваат онакви какви што се, а не како што некој сака да ги прикаже, а ние без размислување да го прифаќаме тоа.
Без македонските комити или македонските партизани современата македонска држава немаше да постои, а ние како нација и држава треба да ги почитуваме, да се присеќаваме на нив и да ги чествуваме онакви какви што биле, како македонски востаници и Народноослободителна војска на Македонија (НОВМ).