Нова рунда разговори меѓу украински и американски претставници ќе се одржат денеска во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, при што ќе се дискутира за постигнување примирје, кое треба да биде првиот чекор во насока на постигнување траен мир меѓу Украина и Русија.
Она што повторно паѓа во очи, тоа е дека никој не ја есапи Европа во целата оваа ситуација, без оглед на неколкуте вонредни состаноци на ЕУ организирани токму по фијаското во Белата куќа, кога дојде до отворен вербален конфликт меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Без оглед на охрабрувањата што доаѓаа од Брисел дека Европа ќе се грижи за украинската безбедност, за финансиската и воената помош, без оглед на многубројните тапкања по рамо на Зеленски од страна на европските челници, Украинците повторно се свртеа кон САД, свесни дека Европа продава ветер и магла и дека без Американците едноставно се осудени да ја загубат војната по највисока цена.
Сето тоа е резултат на неконзистентноста на ЕУ, која погазувајќи ги сопствените принципи, всушност потврди дека не може да ѝ се верува на зборот, најмалку, пак, на толкуте слатки ветувања што постојано ги дава. Имено, Европа неодамна ја изгласа политичката декларација за воена и финансиска поддршка за Украина со 26 гласа „за“, против беше Унгарија, која сега реагира на ваквиот начин на однесување. Со други зборови, ЕУ го напушти принципот на консензуално одлучување и почна да си носи политички одлуки онака како што ѝ одговара, занемарувајќи го веќе воспоставениот принцип.
Го напушти и кога одлучуваше за интеграцијата на Украина во Европската Унија, земја што е во војна, со половично функционални институции, без контрола на дел од територијата и без никакви капацитети да ги спроведува потребните реформи. Ама Брисел политички реши и најде соломонско решение како да го заобиколи унгарското „не“, така што го искористи моментот на „кафе-пауза“ на унгарскиот премиер за да гласа за почеток на пристапните преговори на Украина и Молдавија, без изјаснувањето на Унгарија.
Сето ова покажува дека кога еднаш ќе се напушти консензуалното одлучување, тогаш е апсурдно и понатаму да важи.
Затоа Европа никој не ја смета за фактор бидејќи не си стои на зборот, уште помалку на принципите што самата ги воспостави, а сега наоѓа начини како одвреме-навреме да ги заобиколи, но само тогаш кога нешто е во нејзин интерес, во спротивно се држи до тоа фамозно консензуално одлучување без никакви отстапки.
Токму ваквото европско лицемерство ги одврати македонските граѓани од европската идеја, кои веќе воопшто не ја доживуваат ЕУ како заедница во која се негуваат европските вредности и различности и на која некогаш сакаа со полно срце да ѝ се придружат. И Исланд своевремено сакаше да стане дел од овој клуб, но навреме виде колку е часот, Норвешка одамна го знае тоа и се задоволува само со партнерски однос со ЕУ, додека Велика Британија прва го напушти бродот кога забележа дека почнува да тоне. Очигледно не сакаше да ѝ се повтори судбината на „Титаник“, да потоне и таа со бродот што излезе од нејзиното бродоградилиште.
Сега ЕУ, сакајќи одново некако да се факторизира, гласа без консензус за декларацијата за воена и финансиска помош на Украина, претходно на ист шверцерски начин и за почеток на преговори за украинско членство, така што веќе е непрепознатлива од она што беше некогаш. Ваквиот лицемерен однос на европските челници дополнително ги фрустрира македонските граѓани, кои со право прашуваат зошто Македонија е постојано под блокада со образложение за консензуалното одлучување во Унијата, кога многу други одлуки поминуваат и без консензус или со моделиран консензус.
Не треба да заборавиме дека токму во име на тоа консензуално одлучување ЕУ најдрско ја излажа Македонија да го смени името и веднаш да ги почне пристапните преговори, но тогаш му текна на францускиот претседател Макрон да стави вето, без оглед што пред референдумот истиот човек во видеообраќање ветуваше европска иднина за земјава.
Македонија можеби е мала земја, но однесувањето на европските челници кон неа го откриваат нивниот вистински карактер, па затоа и Зеленски кога Макрон нешто му ветува не го зема здраво за готово оти очигледно не му верува. Впрочем, веќе не му веруваат ниту самите Французи. Исто е и со другите европски челници. Сите зборуваат за консензуалност при гласањето, а измислуваат формули како и неконсензуалното да го претстават како консензуално. Едноставно, нема вистински европски лидер што ќе тропне на маса и ќе каже вака веќе не може, правилата ќе важат или за сите или за никого. Затоа Украина ги сака САД на маса, а не ЕУ, која ваква каква што е сега воопшто не е кредибилен партнер во очите на сите други надвор од таа европска заедница.
Да беше барем малку доблесна, Унијата уште одамна ќе расчистеше и со консензуалното одлучување и со преостанатите нефункционалности внатре, кои очигледно ја доведоа до стадиум пред целосно распаѓање или во некакво внатрешно преструктурирање во неколку лиги, прва, втора, западна, источна, јужна и слично. А тоа ќе се случи затоа што Брисел се доведе во ситуација да им угодува на апсурдните барања на земји членки што и самите немаат реформски капацитети, а токму тие се најгласни во диктирањето услови за Македонија.
По тридецениската европска голгота, проследена со лицемерство и хипокризија, повеќе од важно е Македонија сега да не потклекнува пред вака дискредитирана Европа, туку да остане доследна и да бара прием единствено според Копенхашките критериуми. Тоа е важно ако ни е важна европската идеја, односно ако сакаме Македонија да стане дел од европското семејство гордо и достоинствено, со почитување на сиот нејзин историско-културен и јазичен идентитет. Ако ги прифати европските лицемерни политики, тогаш едноставно ќе стане иста со оние што повеќе од две децении ѝ го загорчуваат и отежнуваат европскиот пат.
И тоа треба отворено да им се каже и на претседателката на ЕК, на претседателот на Европскиот совет, на комесарот за надворешна политика и на сите што ќе дојдат во земјава и ќе почнат со демагогијата за консензуално одлучување. Не, ЕУ не одлучува со консензус, туку одлучува како што неа ѝ одговара. Да сакаше и да ѝ одговараше, Унијата најмалку што можеше да направи е да ја прими Македонија заедно со Романија и Бугарија, па сега немаше да ги имаме овие апсурдни историски комисии и уште поапсурдна преговарачка рамка обременета со протоколи и билатерални услови. Да сакаше, ама не сакаше и цело време се правдаше со консензуално одлучување. За жал, или за среќа, маските конечно паднаа и целиот свет ја виде Европа со нејзиното вистинско лицемерно лице. А лицемерите не се посакувано друштво, за никого.