Не може да се коментираат вистината и вистинитоста, затоа што нивно суштинско својство се фактите и реалноста, а реалноста вели дека во сите досегашни пописи на населението на Албанија никогаш немало припадници на бугарскиот народ. Затоа повторно запрашуваме дали е потребно да се коментира магичниот настанок на бугарското малцинство кај нашиот западен сосед. Не. Затоа на читателите ќе им ги повториме вистината и фактичката состојба
Доколку се земат предвид сите пописни резултати на населението во Албанија во изминатите сто години, како и многубројните архивски документи, историски извори и сведоштва, тогаш сосема логично се наметнува прашањето дали има потреба да се коментираат последните резултати на албанскиот институт за статистика. Одговорот е едноставен. Нема потреба да се коментира нешто што не постои! Не може да се коментираат вистината и вистинитоста, затоа што нивно суштинско својство се фактите и реалноста, а реалноста вели дека во сите досегашни пописи на населението на Албанија никогаш немало припадници на бугарскиот народ. Затоа повторно запрашуваме дали е потребно да се коментира магичниот настанок на бугарското малцинство кај нашиот западен сосед. Не. Затоа на читателите ќе им ги пренесеме вистината и фактичката состојба.
На пописот од 1945 година во Албанија се запишани следните етнички групи: Албанци, Грци, Романци, Власи, Египќани, Срби и Црногорци. Притоа може да се забележи дека вкупната бројка на Македонците е 14.400 лица. Никаде не се запишани припадници на бугарскиот народ. Во следните пописи од 1950, 1955, 1960, 1979, 1989 и 2011 година се повторува истата ситуација, графата Македонци секаде може да се прочита, но не и графата Бугари.
Постојат и голем број други документи, извори и сведоштва. Меѓу нив е извештајот на Комисијата за разграничување на границите од 2 август 1923 година. Претседателот на Комисијата за разграничување на границите, Енрико Телини, заедно со другите генерали направил анкета во овие 18 села и испратил извештај. Споменатиот извештај бил испратен од италијанскиот конзулат од Драч до италијанското МНР и во него се наведува: „Во врска со овие села за кои претендира Бугарија, кога ги карактеризирав овие села, јас намерно го користев општото име македонско, а не бугарско, бидејќи секаде кога ги прашував жителите за нивната националност, тие одговора Македонци, а кога додавав Бугари, повторно одговора Македонци“. Во уште еден документ од италијанското МНР, во кој се известува бугарската страна, генерал Марков, во овие села што се претендира дека се бугарски се самоизјаснети за Македонци во 1923 година. Тие пред Комисијата за разграничување на границите рекле дека се Македонци и тоа се италијански документи во кои пишува дека се Македонци, а не Бугари.
Од еден документ од бугарска провениенција дознаваме дека бугарското аташе во Истанбул тогаш го известува бугарското министерство за внатрешни работи и му пишува дека „во нашите села тие се декларирале Македонци, а не Бугари“.
Има стотици документи и во архивите на Австралија. Во нив се вели дека Кристо Пинко, жител на Билишта, во 1927 година се декларирал како Македонец во Австралија пред австралиските емиграциски власти. Во нив пишува дека доаѓа од Албанија, со националност македонска. Тука е и Петко Колефски, кој се декларирал како Македонец. Аргентинските архиви го потврдуваат истото тоа, имено Ефтим Петко Шулин, кој емигрирал во Аргентина во 1917 година, нагласил: „Доаѓам од Шулин, од Македонија“.
Во еден документ од архивите на ЦИА од 1950 година, со назнака Албанија, се споменуваат македонски села и Македонци, а не бугарски села и Бугари.
Во допис од 1942 година зачуван во албанскиот државен архив се наведува дека во префектурата Корча, во чии рамки е и Мала Преспа, не живеат Бугари. Во овој документ се истакнува: „Кралство Албанија – Чест ни е да ве информираме дека, во околината на оваа префектура, нема Бугари ниту Срби локални жители, од споменатите, потпишан од заменик-префектот Димитер Јовани“.