Колективно будење

Во некои наши времиња, кога бевме во средно, размислувавме како да направиме бенд, како да освоиме некоја женска на баладите од два-три акорда што ги поднаучивме, сигурни во тоа дека еден ден можеби таа, или можеби некоја друга, ќе биде наша жена, дека заедно ќе живееме во Македонија, дека тука ќе растат нашите деца, тука ќе чуваме внуци и слично. Никој од нас не размислуваше во средно да си оди од државата, можеби некој да, но мнозинството тука ја гледаа
иднината

Младите и нивното знаење се надежта на секоја држава дека може да се надева на подобра иднина, на просперитет, на развој, на услови што идните генерации ќе ги мотивираат уште повеќе да работат за својата татковина, тука да живеат, да работат, да формираат семејство, наместо да ја напуштаат.

За жал, од независноста наваму, политичарите наместо да градат успешна приказна од Македонија и да ја направат привлечна за генерациите што доаѓаат, ја урнисаа до најниско можно дереџе, безмилосно ограбувајќи ја и девастирајќи ги институциите. Во услови кога нема владеење на правото, кога корупцијата расте, кога здравството, образованието, екологијата се спаднати на најниските можни гранки, повеќе од разбирливо е зошто младите си заминуваат.

Пред некое време имаше една анкета во која ученици на почетокот на средното образование беа запрашани кои се нивните идни планови, а мнозинството од нив одговорија дека главна цел им е да се иселат од државата. Впрочем, истото го кажаа и некои повозрасни, кои останаа во државава само затоа што беа на високи функции на Водно. А по завршувањето на функцијата, повеќето си ги спакуваа куферите и правец надвор, таму да ги трошат народните пари.

Тоа се поразителни изјави од деца пред кои е животот, кои наместо да размислуваат како да ги направат подобри работите околу себе, гледаат што поскоро да одмаглат од државата.

Официјалните податоци покажуваат дека бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади, што претставува сериозна бројка. Да биде трагедијата уште поголема, намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование, каде што само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 отсто, односно за 17 илјади ученици, додека во основното образование, намалувањето изнесува пет отсто, односно 10 илјади ученици.

Образованието е само еден сегмент, а таа реформа нема да значи ништо ако не се рестартира целиот систем во државата. Да почне да владее мерит-системот, да почне борбата со корупцијата, да видат истите тие средношколци дека матните бизниси не се исплатат и дека се казнуваат, да видат дека ако се стекнат со знаења, тоа ќе се цени и ќе добијат можност да го валоризираат знаењето на секаков можен начин. Потребно ни е такво напредно, а не партиско општество во кое младите ќе паѓаат во транс на говорите на партискиот лидер, ќе ги споделуваат неговите објави и ќе градат идолопоклонство кон партијата. Крајно време е децата да почнат да веруваат во самите себе и да почнат да работат за да ја променат на подобро својата татковина наместо да се влечат по белиот свет избркани токму поради партизацијата на државата. Да, некои од нив можеби таму и ќе се реализираат, но копнежот по домот засекогаш ќе остане

Во некои наши времиња, кога бевме во средно, најмногу размислувавме како да направиме бенд, како да освоиме некоја женска на баладите од два-три акорда што ќе ги поднаучевме, сигурни во тоа дека еден ден можеби таа, или можеби некоја друга, ќе биде наша жена, дека заедно ќе живееме во Македонија, дека тука ќе растат нашите деца, тука ќе чуваме внуци и слично. Никој од нас не размислуваше во средно да си оди од државата, можеби некој да, но мнозинството тука ја гледаа иднината.
А тоа беше така бидејќи многу работи беа подобри, подобро образование, подобри услови да напредуваат оние што вистински имаа знаења, за разлика од сега. Истите тие средношколци сега гледаат дека најголемиот дострел е да се влезе во партија, прво преку активности во разните студентски ќелии што ги формираат и спонзорираат партиите, потоа директно во партиските подмладоци, за на крајот да се натопорат на партиските говорници во партиските штабови и од таму да плукаат по политичкиот опонент. Другите, татини и мамини синови, благодарение на политичкото минатото на своите родители доаѓаат до функции, стануваат судии, обвинители, членови на управни одбори, се топорат со џипови, станови, бизниси и други луксузи, кои не ги заработиле со пот, туку со арам пари. Такви луѓе ја креираат иднината на Македонија и затоа учениците гледаат и слушаат, знаат дека нема перспектива со ваква поставеност на системот и сите го фаќаат патот под нозете.

Оваа нова влада дојде со големи ветувања и тоа треба да го исполни ако сака децата да останат тука и да почнат да ги сонуваат истите романтични соништа како ние од постарата генерација. Затоа треба да се реформира образованието, да се унапреди со сите можни нови технолошки помагала, да се преземат искуства од високоразвиените образовни системи и да се развие наш систем што ќе даде најдобри резултати. Така ќе добиеме образовани кадри што ќе основаат свои компании, што ќе применуваат нови технологии, а Македонија ќе биде препознаена на светската мапа како ново технолошко чудо. Тоа ќе ги крене и македонската економија, стандардот, имиџот…

Образованието е само еден сегмент, а таа реформа нема да значи ништо ако не се рестартира целиот систем во државата. Да почне да владее мерит-системот, да почне борбата со корупцијата, да видат истите тие средношколци дека матните бизниси не се исплатат и дека се казнуваат, да видат дека ако се стекнат со знаења, тоа ќе се цени и ќе добијат можност да го валоризираат знаењето на секаков можен начин. Потребно ни е такво напредно, а не партиско општество во кое младите ќе паѓаат во транс на говорите на партискиот лидер, ќе ги споделуваат неговите објави на социјалните мрежи и ќе градат идолопоклонство кон партијата. Крајно време е децата да почнат да веруваат во самите себе и да почнат да работат за да ја променат на подобро својата татковина наместо да се влечат по белиот свет избркани токму поради партизацијата на државата. Да, некои од нив можеби и ќе се реализираат надвор, но копнежот по домот засекогаш ќе остане.

Од тие причини, заради иднината на Македонија, која нема да постои ако си заминат младите, политичарите или нешто нека направат за својата земја или нека се тргнат од позициите, оти има способни и чесни луѓе што знаат и можат да го рестартираат системот.

Ова е последната можност да се врати надежта кај младите дека подобро е тука да ја градат својата иднина, оти во спротивно, за 20-30 години ова ќе биде земја на пензионери, кои и самите ќе си го поставуваат прашањето каде ја утнавме. Затоа, време е за колективно будење, сега, веднаш!