Човек не може, а да не се запраша што размислуваат некои од нашиве ликови што ги праќаме во дипломатска мисија. Една високоценета професија дозволивме како држава да ја урнисуваат некои залутани ликови што си замислуваат дека се посилни од протоколите, од законите, од државата. Треба ли да потсетуваме на големиот број скандали што изминативе години се случуваа во нашите дипломатско-конзуларни претставништва? А да не зборуваме за сомневањето на јавноста дека оние за кои се знае се само дел од списокот…
Многу е тешко да се остане ладнокрвен и да не се изреагира јавно во оваа наша земја, а да не се стане прекуноќ цел на разни етикетирања и обвинувања за фаќање страна. Одеднаш се чувствувате дека барањето да излезе вистината на површина станува некаков најголем грев. Или, пак, во крајна линија, дури и зафаќањето страна, ако сте убедени дека аргументите се на ваша страна, да биде најстрого забрането и анатемисано, односно дозволено само за оние во партиските штабови.
Но не може да не се реагира, со целиот ризик од некакво етикетирање, особено по последните случувања поврзани со нашата дипломатија. Пред сѐ, по начинот на реагирањето на медиумите по одлуката, односно указите за отповикување седум амбасадори од страна на кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, објавени во последниот број на „Службен весник“ од 11 ноември.
Веста уште не беше докрај соопштена, а уште веднаш беше „нафилувана“, „накитена“ во дел од медиумите со зборовите „без образложение“ или со интонација како да станува збор безмалку за некаков непромислен, избрзан, злонамерен и којзнае каков потег за повлекување прекуноќ амбасадори, кои, ете, ни виновни ни должни паднале од потписот на претседателката.
Но не требаше да помине многу време, а од кабинетот на Силјановска-Давкова стигна официјално толкување дека на спомнатите дипломати им завршил мандатот.
„Објавените укази од претседателката се дел од стандардната законска процедура со која се констатира завршувањето на мандатот по навршени 4 години од упатувањето согласно член 44 од Законот за надворешни работи. По објавувањето на указите МНР и НТ ги известува амбасадорите за објавениот указ и се започнува постапка за нивно враќање во земјата“, велат од кабинетот на претседателката.
И сега, што правиме?
Ништо, ќе се правиме дека не сме оттука и ќе продолжиме со бркањето вештерки, особено таму каде што ги нема. Ако сега во една сосема бенигна ситуација вака се реагираше, па како ли ќе се реагира кога еден ден Министерството за надворешни работи ќе дејствува, кога Собранието конечно ја усогласи, ако воопшто некогаш ја усогласи процедурата, за постапките што треба да се преземат во вакви ситуации. И кога во една таква замислена ситуација ќе дојде на ред можноста за враќање и на други амбасадори, кои пред да бидат испратени во земјата домаќин не беа „сослушани“ во Комисијата за надворешна политика во Собранието.
Да потсетиме, ова прашање се актуализира откако пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ поведоа постапка за автентично толкување на Законот за надворешни работи со цел да се добие мислење дали бранењето тези пред пратениците е задолжително или не. Тие, имено, укажуваа дека со тоа што амбасадори се испраќаа без да ги бранат тезите пред пратениците, не е испочитуван Законот за надворешни работи. Како што објави деновиве и Радио Слободна Европа, ако и собранискиот пленум е на истиот став, пратениците најавија дека би побарале од МНР да ги отповика тие амбасадори. Меѓутоа, автентично толкување сè уште не е дадено од Собранието.
А дека треба сериозно да се проветрат и канцелариите и ходниците во министерството, но и целата законска регулатива поврзана со него, зборува и најсвежиот случај, кој беше обелоденет пред два дена, иако за него се шепотеше веќе подолго време. Имено, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на прес-конференција соопшти дека амбасадорот на Македонија во Букурешт, Андреј Жерновски, и покрај констатирани сериозни процедурални и административни процедури не може да биде отповикан, бидејќи тој официјално никогаш не станал амбасадор!? Накусо кажано, уште еден случај што бара сериозно и брзо расчистување. Независно каква ќе биде разврската, тоа треба да се реши за да не остава никакви дилеми или недоумици.
Се разбира, кога ќе се дефинира законската регулатива, ќе се елиминираат можностите и за појавување на вакви ситуации. А тогаш ќе дојде на ред и прашањето за капацитетите на дипломатијата.
Затоа што човек не може, а да не се запраша што размислуваат некои од нашиве ликови што ги праќаме во дипломатска мисија. Една високоценета професија дозволивме како држава да ја урнисуваат некои залутани ликови што си замислуваат дека се посилни од протоколите, од законите, од државата.
Треба ли да потсетуваме на големиот број скандали што изминативе години се случуваа во нашите дипломатско-конзуларни претставништва. А да не зборуваме за сомневањето на јавноста дека оние за кои се знае се само дел од списокот, кој сигурно е многу поголем, бидејќи, сепак, некои работи успеваат и да се затскријат.
Но ова што проби во јавноста е сосема доволно за оправдување на зборовите искажани погоре, за проветрување на ходниците на министерството, но очигледно, не само нив туку и најтемните ќошиња. Очигледно министерот Муцунски и неговиот тим ќе имаат обемна и тешка работа, но тоа е наедно и голема шанса да ги расчистат одаите. Во овие тешки времиња за министерот и министерството поради целокупната дипломатска активност во периодот што доаѓа, оваа задача за средување на внатрешните состојби очигледно доаѓа во незгоден период. Но не попусто народот рекол – јунаците на маката се познаваат.